За краткоста во книжевноста – накусо

29.09.2021 13:03
За краткоста во книжевноста – накусо


  „Лапидариум“, мојата прва книга, беше со кратки нешта, напишани на задната страна на билети и ливчиња. Во таа лапидарност донекаде е и „Природен роман“. Некои сосема кратки приказни што не се влезени во овој избор, има и во двете мои збирки раскази. Одамна ми се допаѓа и ја исползувам краткоста, но и покрај тоа оваа книга ја сметам како сопствено деби во овој жанр. Се забавував додека ги пишував овие приказни во текот на годиниве. Бегав во нив, кога стануваше премногу неподносливо надвор. Ги собирав во тефтерите покрај другите книги што се сметаа за поважни.*

Има една хиерархија што се наметнала во денешната литература, според која на чело е романот, а сè друго – раскази, поезија, есеи... постои поскоро поради благонаклоноста на издавачите и пазарот. Што остана за микрорасказите, фрагментите и речениците? Од нив не се прават бестселери и блокбастери, премногу се кратки. Нивните тела на мравки не можат да се споредуваат со слонот на романот. Но мене, пак, многу ми се допаѓа тоа поткопување од страна на малите приказни и нивната способност да исползуваат од под игото** на романот. Ми се допаѓа токму денес, во време на тешка епичност...


Инаку, да спомнеме во одбрана на краткоста дека таа не е од вчера. Сосема хаотично како во Борхесовата енциклопедија можеме да изнаредиме камени натписи од дамнина, будистичките коани, „Карактерите“ на Теофраст, библиските приказни, некои апокрифи, преписките на анонимните препишувачи на маргините на црковните книги, како она морничаво „заб ме боли, та не се трпи“, кратките приказни на самиот Борхес, на Монтеросо, Хармс, Еркењ... А во бугарската лапидарна антологија со сигурност влегуваат фрагментите на Далчев, прашинките на Геров, „Лебеди мои“ на Радичков, доцниот Стратиев, творбите на Иван Методиев, ако ги споменам само тие што веќе не се меѓу нас. Многу пропуштам. Најважно е дека има долга редица и традиција, понекогаш нејасна, премолчена, испадната од крупната мрежа на канонот, но ја има.

Има нешто драматично и заедно со тоа успокојувачко во кратките приказни, поради синхронијата со краткотрајноста на телата. Завршуваат неочекувано, може да бидат смешни и апсурдни, да се остри и несигурни, лични и истовремено дистанцирани. Иштван Еркењ ги нарекува Едноминутни новели и тоа е едно од нивните најточни определувања.


Како деца се натпреваруваме кој подолго ќе издржи под вода без воздух. Си ја потопуваш главата, во недостиг на море – во кофа од цинк, бучење во ушите, клаустрофобија во градниот кош, не дишеш половина минута, минута, некој минута и половина, горе-долу колку што трае една кратка приказна и брзо ја креваш главата, се враќаш во живот. Првото вдишување е нагло и ти напомнува. Задишан си, небаре си патувал 20.000 милји под морето. (Па така, дури и не научив колку е една милја, ја употребувам апсолутно неодговорно.) Нешто слично треба да е и со кратките приказни. Нема да се удавиш, но по секое потопување, вдишуваш како за првпат.

Сеедно, се разборев, но ова е најдолгиот текст овде. Сакам да речам дека во такви времиња, како сега кога многу се зборува и што ќе ни текне, како во крчма, добрата кратка приказна доаѓа за да ни даде мера за секој збор. И за секоја минута. Сакам дека е така.

Г. Г., 31 јануари 2018, Бруклин


* Дел од пишувањето на оваа книга се совпадна со мојот престој во Cullman Center, New York Public Library. Тоа ми даде време и мир за да ја завршам, за што сум многу благодарен.

** Игра на зборови и алузија на едно од најзначаните дела во бугарската литература. Романот „Под игото“ од Иван Вазов. (Заб. на прев.)

Цртежи: John Kenn Mortensen
Превод: Душко Крстевски
Извор за текстоѕ: Георги Господинов, Сите наши тела; Или Или, 2019, Скопје

Георги Господинов (1968) е поет, романсиер и сценарист. Тој е најпреведуваниот бугарски современ писател, чии книги досега се преведени на повеќе од дваесетина јазици. На македонски се објавени книгите: „Природен роман“( Темплум, Или-Или), „И други приказни“ (Темплум), како и збирката песни „Балади и распади“ (Блесок), сите во превод на Никола Маџиров, неговиот најуспешен роман, „Физика на тагата“ (Или-Или, 2015) , и збирката раскази „И сè стана месечина“ (Или-Или, 2017), и сликовницата „Свадби меѓу животни и нешта“ (заедно со Раја Господинова; Или Или, 2020) во превод на Душко Крстевски.

Господинов е и добитник на главната награда на книжевниот фестивал „Друга приказна“, за 2021 година.

Слични содржини

Книжевност / Настан
Книжевност
Фотографија / Книжевност / Култура
Графички Дизајн / Книжевност / Уметност
Секој ден песна

ОкоБоли главаВицФото