1022 hPa
93 %
5 °C
Скопје - Чет, 05.12.2024 04:59
Талибанското преземање на Авганистан поттикна многумина, особено во медиумите од средната струја, да го постават прашањето што ќе значи сето тоа за авганистанските жени.
Таквите коментатори и коментаторки побрзаа да нè потсетат дека Талибанците, кога последен пат беа на власт (од 1996 до 2001 година) ги присилуваа жените да носат бурки и им го забранија образованието, генерално деградирајќи ги на статус граѓанки од втор ред.
Многу медиуми, особено таблоидите, со задоволство го употребија тоа за да се обидат да ја оправдаат вмешаноста на Обединетото Кралство во војната во Авганистан - што им дојде добро за да го потиснат начинот на кој досега се занимаваа со сексизмот.
Истовремено, на социјалните мрежи сликата од американскиот воен авион за евакуација, навидум полн со авганистански мажи, предизвика јавна осуда. Бројни коментатори тврдеа дека сликата имплицира дека авганистанските мажи немале проблем да ги остават своите сонароднички, земајќи го тоа дури и како доказ за инхерентната мизогинија на Исламот. Секако, авионот беше полн со мажи зашто САД во своите евакуациски настојувања ги приоритизираа оние кои работеле за нивната влада, главно мажи.
Секако, сето тоа служи како пример за начинот на кој белиот феминизам - под што ја подразбирам ексклузивистичката гранка на феминизмот која ги гледа женските права исклучиво преку белечката западна оптика - се користи, како што се користел отсекогаш, за да се оправдаат колонијалното и империјалното насилство на Западот.
Анализирајќи ги низ таква призма ситуациите како оваа во Авганистан, нè води кон игнорирање на поширокиот политички контекст, кој впрочем е круцијален за разбирање на таквите конфликти.
И покрај тоа, со таквиот редукционизам на САД му се овозможува да се ослободи од вината за децении долгата интервенција во регионот, како и за улогата што ја имаа во формирањето на Талибанците во деведесеттите години.
Освен што ја осуетува нашата способност да ги анализираме империјалните интервенции, белиот феминизам историски беше користен за истите да се оправдаат, со артикулирање на колонијалното насилство во јазикот за ослободување на жените. Токму тоа се случи кога САД изврши инвазија во Авганистан.
Тогаш белите жени масовно го осудија третманот на нивните авганистански „сестри“, а првата дама Лора Буш одржа злогласен говор на американското радио, во кое ги осуди „тешката репресија и бруталноста кои се спроведуваат над жените во Авганистан“, тврдејќи дека заради „неодамнешните [американски] воени достигнувања жените веќе не се заробенички во сопствените домови.“
Чери Блер коментираше на сличен начин, тврдејќи дека Обединетото Кралство имаше морална должност „да го тргне велот и да покаже што им се случува на жените во Авганистан под власта на Талибанците“. Каролин Малоуни, американска конгресменка од Демократската партија, отиде и чекор понатаму кога се појави во Конгресот со бурка, наводно за да се солидаризира со авганистанските жени.
Иако е недвосмислено важно да се зборува за правата на авганистанските жени, не можеме да останеме слепи за начинот на кој овие права се користат за да се оправдаат империјализмот и колонијализмот. Неморалниот поход се претставува како акција за спасување.
Превод: Алек Кузмановски
Фотографии: Џорџија Робертс
Извор: https://novaramedia.com/