Небесно

01.10.2021 11:54
Небесно

Еден ден облаците над селцето биле толку убави што луѓето не сакајќи се загледале во нив. За првпат на поразличен начин, а не „ќе врне ли, нема да врне“. Ете така, без некоја причина, само поради нивната убавина. Такво нешто дотогаш се немало случено, облакот си е облак, како и да го гледаш. Но, сега седеле долу, ги истегнале вратовите и не го тргале погледот. Работата поминувала крај нив, несработена. Кравите ги клателе главите, магарето мрдало со ушите, зачудено од неочекуваниот одмор. Минало час, минале два. А небото – чудо. Колку повеќе го гледале, толку повеќе облаците започнале да се преобразуваат. Ете ја горе тенката Марија, ете го чичо Ванчо Убавиот, ете го даскалот, ете го градоначалникот, ќерките на шумарот, ете си и ти, леле, ама тоа навистина сум јас.

Сосем истите, дури и малку поубави, небесни.

Ете ги и уличките, плоштадот, училиштето навалено настрана. Целосен одраз и огледало. Жива слика.

Божеее, ама сега цел свет нè гледа, си помислиле луѓето и тоа уште повеќе ги загрижило, отколку да ги израдува. Така ти е тоа, убавото загрижува.

Тие оддолу гледале и не мрдале, оние одозгора гледале и не паѓале. Одеднаш задувал слаб ветрец. Облаците се придвижиле, сликата оживеала. И сите виделе како убавата Нада Карапачова се разделила со маж ѝ и отишла кај чичо Ванчо Убавиот, а најмалата ќерка на Шумарот си го спакувала куферот и тргнала накај градот. И сè што на земјата тивко се шепотело или се мечтаело, горе сосем отворено се случувало. Случување небесно...

Превод: Душко Крстевски

Слики: Eric Carle - Little Cloud

Извор за текстот: Георги Господинов - Сите наши тела; Или Или, 2019

 

 

ОкоБоли главаВицФото