Шведска: Корона во земјата на удобноста

01.10.2021 11:41
Шведска: Корона во земјата на удобноста

 

Извор за текстот: Дојче веле

Гледано однадвор, Скандинавците се слични: многу прогресивни, навикнати на благосостојба, со екстремно високи даноци за пиво. Но, се разбира, сето ова е груба бесмислица. Во реалноста, постојат разлики меѓу одделните скандинавски нации што се големи колку што е длабок еден норвешки фјорд.

Тоа започнува со фактот дека Скандинавците често не се поднесуваат меѓу себе. Секој што разговара со Данец, дознава без да праша, дека Швеѓаните се арогантни. Швеѓаните, пак, сметаат дека Данците се ексцентрични. И двата народа ги поврзува зависта кон новозбогатените Норвежани поради нивните огромни резерви на нафта и на гас.

Модел на одговорен граѓанин

Она што ги прави работите уште покомплицирани: некои стереотипи и предрасуди сепак малку се исправни. Така, Швеѓаните развија сопствен модел за справување со пандемијата. Не беа политичарите тие што одлучија што да се прави за справување со подмолната болест. Тие им го препуштија полето на научниците.

Тие најчесто даваа совети преку медиумите за тоа како треба да се однесуваат граѓаните: мијте раце, држете дистанца, останете дома. Препораки кои Швеѓаните можеа да ги следат, но и не мораа. Строг локдаун или високи парични казни за прекршоци, како во другите земји, не одговараа на шведскиот модел на одговорен граѓанин кој се грижи за сопствената заштита. Со фатални последици, како што се покажа подоцна.

Прво, шведските научници го смируваа населението: Малку е веројатно дека пандемијата ќе се прошири во ретко населената земја. Рестораните, училиштата и продавниците останаа отворени. Но, вирусот не застана на границите на Шведска. Се ширеше како насекаде во светот, особено во домовите за стари лица. Бројот на инфекции и на смртни случаи беше повеќекратно поголем отколку во соседните земји. Неверојатно е што овој неуспех не го поткопа авторитетот на шведските експерти. Уште повеќе, искажуваа, а и денес искажуваат сомнежи кон она што Светската здравствена организација постојано го нагласува: Носењето заштитна маска штити од коронавирусот.

Крај на Ковид-рестрикциите

Вчера (29 септември) Швеѓаните - како и Данците и Норвежаните претходно - ги укинаа речиси сите рестриктивни мерки кои беа воведени против пандемијата на коронавирусот. Експертите го образложуваат ова со високата стапка на вакцинација, особено кај постариот дел од населението. Секој што сакаше да се вакцинира можеше да го стори тоа во изминатите неколку месеци. Кој не го сторил тоа - самиот е виновен. Сите скандинавски земји имаат високо развиен, дигитализиран здравствен систем. Исто така, има доволно слободни кревети на одделенијата за интензивна нега.

И покрај релативно големиот број жртви: Повеќето Швеѓани се доста задоволни од нивната национална стратегија против Ковид-19 и продолжуваат да ѝ веруваат на државата. Тие посочуваат дека пандемијата во Шведска ѝ наштетила на економијата помалку отколку во која било друга земја. Објаснуваат дека училиштата и градинките останале отворени цело време. Во изминатите неколку месеци ако некој наставник се заразеше со коронавирусот - сѐ додека симптомите беа во подносливи граници, тој можеше да продолжи да предава. Вакво нешто е незамисливо во другите земји во ЕУ, каде што заразените педагози нормално остануваат дома, бидејќи во спротивно тие ќе го шират вирусот понатаму.

Од друга страна, шведската социјална држава функционира само со отворени градинки и училишта. Поради високите даноци, семејствата немаат избор - татковците и мајките треба да заработат пари за да го издржуваат семејството. Становите во Стокхолм се ретки и скапи. Во текот на денот, децата треба да бидат згрижени за да можат двајцата родители да работат.

За разлика од германските, француските или британските новинари, кои остро ги критикуваа своите влади за грешки, шведскиот печат само нежно касаше. Тој претпочита да објаснува детално и сеопфатно: конструктивно новинарство кое не ја доведува во прашање удобноста на државата. Ова исто така придонесува за фактот дека на Швеѓаните им е потешко да се соочат со сопствените грешки во борбата против коронавирусот. Навистина е точно: Швеѓаните се различни.