„Другата приказна“ на Георги Господинов

01.10.2021 13:49
„Другата приказна“ на Георги Господинов

Г. Господинов е добитник на главната награда на книжевниот фестивал „Друга приказна“ за 2021 година. Еве го образложението:

 

Во рамките на експерименталната книжевност, кон која е ориентиран книжевниот фестивал „Друга приказна“, Георги Господинов првенствено се издвојува со својата врвна раскажувачка вештина, но и со еден посебен сензибилитет, лиричен и меланхоличен, мисловен и духовит. Неговата книжевна веродостојност (или, ако сакате, сликовитост или живописност) е втемелена во рефлексивноста, во мисловноста која може да потекнува и од улицата и од традицијата и од академијата... 

Уште со првите свои книги („И други приказни“, а потоа и со мошне успешниот „Природен роман“, првично на македонски објавени од „Темплум“) тој беше препознаен како еден од водечките писатели во Бугарија и во регионот, и со одлична критичка рецепција во западна Европа. Дури и не претерано книжевно информираната публика во Македонија веќе добро ги познава неговите дела кои последниве години излегуваат во издавачката куќа Или Или. Последната книга на Господинов објавена кај нас е сликовницата „Свадби меѓу животни и нешта“, напишана заедно со неговата ќерка Раја.

Еве неколку дополнителни аргументи зошто главната награда на фестивалот „Друга приказна“ (годинава, 2021, посветен на сликовниците) решивме да му ја доделиме на Георги Господинов.

Склон е кон експериментирање и истражување на книжевните навики, канони, рутини, фрази... Отворен е за промени, не ги повторува еднаш веќе потврдените успешни матрици. Неговата книжевност е сè повеќе видлива, но тој сепак успева да се заштити од напливот на светот и да ги негува своите понекогаш езотерични книжевни практики. Тоа би требало да е императив за секој уметник, но ретко кој успева во таа често многу тешка или невозможна задача.

Читателската доверба и наклонетост Господинов, меѓу другото, ги добива и со смелоста да истапува од конвенциите, да се измолкнува од обидите за дефинирање. Жанровски и стилистички тој ги иновира и ги преиспитува постојните писателски практики сакајќи да го преобликува познатото според својот особен книжевен сензибилитет. Поседува вонредно око за мозаично пресоставување на светот. Обидувајќи се да разбере, раскршениот свет го рефлектира во текстот – спојува неспоиви фрагменти, излистува факти, фингира, мистифицира, прераскажува, вкрстува, колажира - сè со еднаква вештина. Неговото настојување е мноштвото (значења, форми, идентитети) да постои во идеална синхронија.

Господинов ја негува препознатливоста на изразот, иако зад секој пасус во неговите текстови пулсираат комплексни и испреплетени мрежи на структури, релации и значења. Едновремено, на површината од текстот избива прочистена и наизглед едноставна мисла. Низ тој процес на интензивно промислување на текстот, кој често си има сопствена интелектуална историја, се пробива единствен, чист, утешен тон на искрен интерес и длабоко разбирање на човековите состојби. Таквата деликатност, нималку едноставна доблест, е еден од изворите на неговата книжевна харизма.

Господинов е колекционер на непостојни истории – запишувач на маргиналното, неконсеквентното, незабележливото – страствен, посветен истражувач на презрените и отфрлени перспективи и приказни (честа особина и кај неговите книжевни двојници, кај кои таа страст понекогаш трансцендира во лудило). Хроничар е на баналното, од кое всушност се состои животот. Со фокусот на секојдневното тој им дава отпор и на идеологиите. Него не го интересираат големите наративи бидејќи во длабоко интимната визура во која задира тие се само далечен одек на светот. Наспроти тоа, лиминалните простори, отфрлените и заборавени суштества, се местата на напнато чувствување и увид во светот и постоењето. Онаму каде владеат меланхолијата и тагата како главни координати.

Меланхолијата, тагата, носталгијата кај неговите ликови се одраз на повишена сензитивност за светот и постоењето. Тие се и клучни сознајни алатки. Со нив писателот ги испитува постојано променливите релации помеѓу јас и ти, ние и вие; тоа се процесите со кои Господинов ги објаснува општествените придвижувања. Емпатијата е неговиот главен поетички постулат, клучна писателска алатка, општествен идеал. Неговата проза настојува да го ослободи современиот човек, да ја наслика неговата тегобност, да го позиционира на мапата на географијата на тагата.

Токму преку инсистирањето на емпатијата се издвојува неексплицитната општествено ангажирана димензија на прозата на Господинов. Тој е необичен но прецизен хроничар на бугарското општество. Зазорно трага по неговата срж, посегајќи во јазикот третиран како метафизика, навраќајќи се на детството како пресуден хронотоп, буричкајќи во несвесното. Специфичната тага во прозата на Господинов е поврзана со „нереализираните животи“. Таа синтагма добива особено значење на овие простори каде хоризонтот на очекувањата и надежите е постојано променлив и илузорен.

Значењето на прозата на Господинов за разбирањето на светот во кој живееме уште повеќе ќе се зголемува во блиската иднина со тековниот бран општествени тенденции кои гравитираат кон минатото во обид за бегство од сегашноста, со сè поприсутните (одново) апокалиптични перспективи, со обновеното чувство дека нашите простори остануваат светски шампиони на тагата. Оттаму и нагонот да се присобираме низ туѓите приказни, да архивираме важни вистини и невистини во временски капсули – не без самоиронија и хумор. Колку што таа практика ни се покажува како комплекс, толку можеби е и лекот, на кој укажува Господинов.

 

Фросина Крушкаровска,

во име на книжевниот фестивал „Друга приказна“

Фотографии: Дојче веле и Игор Анѓелков

 

 

 

 

 

 

Слични содржини

Книжевност / Настан
Фотографија / Книжевност / Култура / Настан
Фотографија / Книжевност / Култура / Настан
Фотографија / Книжевност / Култура / Настан
Книжевност / Култура / Настан
Фотографија / Книжевност / Настан

ОкоБоли главаВицФото