Дали човекот може да ја уништи планетата со бомба?

04.10.2021 02:02
Дали човекот може да ја уништи планетата со бомба?

За да го уништите светот воопшто не е доволно да поседувате една атомска бомба. Непријатните вести за нови нуклеарни оружја и ракети кои повремено доаѓаат од Северна Кореја, како и разни други глобални закани, често се проследени со најави за апокалипса која ќе ја предизвика човекот порано или подоцна.

Меѓутоа, ако во размислувањето за штетните последици од човечките активности отидете и чекор подалеку, ќе се соочите со прашањето - дали човекот навистина може да ја уништи планетата со некаква бомба? Се покажува дека планетата Земја сепак е преголема за тоа да биде можно. И да, за среќа, моќта на природните стихии сè уште ја надминува енергијата која може да ја ослободи човекот во најужсните можни сценарија.

Имено, еден помал земјотрес ослободува многу поголема енергија од една бомба каква што беше фрлена на Хирошима. Но, да речеме дека сте во можност да располагате со сите нуклеарни и термонуклеарни оружја кои човекот ги разви до денес - тоа значи дека на располагање би имале околу 50 000 нуклеарни боеви глави чија вкупна моќ е еквивалент на 5 000 илјади тони, односно мегатони динамит ТНТ.

Иако како цивилизација сме горди на ваквиот арсенал, се покажува дека и тоа не е доволно за да се уништи планетата и да се распарчи на делови во една толку голема експлозија. Тоа дури не е ни доволно за да се усмртат сите луѓе на планетата. Имено, врз основа на тестовите од монструозните термонуклеарни оружја од шеесеттите години, како што е советската бомба Цар од 50 мегатони, која можеше да уништи сè на 1 000 квадратни километри, може да се процени колкав ефект би имала симултаната експлозија на сите бомби на планетата.

Со сегашните пет илјади мегатони, колку што е денешниот арсенал, разорувањето би можело да биде само 100 пати поголемо, на околу 100 000 квадратни километри, а тоа е повеќе од доволно. Впрочем, таквата експлозија би уништила помалку од 1 процент од оној дел од планетата кој го населуваат луѓето.

За навистина да се постигне нешто со бомби, неопходно е да соработува и Земјата. Имено, ако сите бомби се детонираат во еден момент над земјата и на копно, можно е да се предизвика таканаречена нуклеарна зима. Со кревање џиновски облак прашина во високите слоеви на атмосферата кој не би се разложил со децении, би настанал привремен мрак кој, заради недостаток на сончева светлина, би можел да доведе до ледена доба.

Такво сценарио предвиде Мартин Ман во статијата „Последната голема човечка експлозија“, која во септември 1962 година ја објави познатото американско списание „Популар сајенс“, а идејата стана реалност за неокатастрофистите кога во 1980 година сфативме дека изумирањето на диносаурусите од пред 65 милиони години било предизвикано од судир на Земјата со мал објект кој го создал кратерот Чикшулуб на брегот на Јукатан и кренал џиновски облак прашина.

Недостатокот на ова сценарио е тоа што е краткорочно - светот неминовно ќе се опорави откако ќе исчезне прашината, а нема никакви гаранции дека ништо нема да поживее доволно долго. Екстремофилните организми покажуваат дека животот ги поднесува дури и температурите од вселената. Единствено сценарио кое донекаде гарантира потполна апокалипса е можноста за палење на атмосферскиот кислород при толку моќна фузиска експлозија.

Инаку, атмосферата не се пали зашто содржи голем процент азот кој е инертен гас. Но, на температури кои се споредливи со температурата на Сонцето, не е исклучена можност за поголем лавински феномен и глобална реакција со палење на водородот. Тогаш целиот водород во атмосферата со фузија би почнал да се претвора во хелиум, а самата планета би експлодирала како една бомба.

Иако, за среќа, уништувањето на планетата сè уште не е достижно за луѓето, можноста од неа да се направи мошне непријатно место, да предизвика глобално затоплување и да ја уништи климата или дури да доведе до комплетно уништување на човечката цивилизација, и тоа како постои. И се наѕира на хоризонтот.

Превод: Алек Кузмановски

Слики: Yoshimitsu Umekawa

Извор: http://naukakrozprice.rs/

Слични содржини

Свет / Технологија / Историја
Свет / Технологија

ОкоБоли главаВицФото