Нобелова награда за физика за научниците што создадоа модел кој ги предвидува климатските промени

05.10.2021 12:58
Нобелова награда за физика за научниците што го создадоа моделот што ги предвидува климатските промени

Тројца научници ја делат овогодишната Нобелова награда за физика која ја добија за нивните револуционерни научни откритија за подобро сфаќање на комплексните физички системи.

Сјукуро Манабе и Клаус Хаселман ја добија наградата за нивните истражувања за климата на Планетата Земја и како луѓето влијаат на неа, додека Џорџо Паризи е награден за неговото откритие на меѓусебното дејство на хаосот и флуктуациите во физичките системи, од атомско до планетарно ниво.

„Комплексните системи се карактеризирани од случајност и хаос и се тешки за разбирање. Овогодишната награда дава признание на новите методи со кои овие системи се опишуваат и се предвидува нивното долгорочно однесување“, соопштија од Нобеловиот комитет.

„Овие откритија демонстрираат дека нашите знаења за климата се базираат на силна научна основа, засновани на ригорозни анализи и опсервации. Овогодишните лауреати придонесоа ние да имаме подлабок увид во во својствата и еволуцијата на комплексните физички системи“, додаваат од Комитетот.

Еден од најкомплексните системи е земјината клима. Манабе демонстрирал како зголемените количини на јаглерод диоксид во атмосферата придонесуваат за зголемување на температурата на површината на Земјата. Во 1960-тите години тој водеше истражување преку кој се развија физички модели на земјината клима и неговите научни трудови поставија основа за развојот на сегашните климатски модели.

Десетина години подоцна, Клаус Хаселман, создал модел кој ги поврзува временските прилики и климата, и преку него дал одговори на прашањето зошто климатските модели можат а бидат веродостојни и покрај тоа што времето е променливо и хаотично. Тој исто така има развиено методи преку кој се докажува дека зголемената температура во атмосферата е резултат на емисиите на јаглерод диоксид.

Париси има откриено скриени шаблони во хаотичните комплексни материјали. Неговото откритие е еден од најголемите придонеси кон теоријата за комплексни системи. Откритијата овозможуваат да се сфатат и да се опишат многу различни и навидум целосно случајни материјали и феномени, не само во физиката, туку и во други сфери како математиката, биологијата, неврологијата или машинското учење.