Олигопсонија или зошто заедничкиот работнички интерес не се подразбира сам по себе?

08.10.2021 01:57
Олигопсонија или зошто заедничкиот работнички интерес не се подразбира сам по себе?

Застоите и доцнењата во снабдувачките ланци се сметаат за клучен проблем во моменталната економска ситуација. Тие се плод на специфичните пандемиски околности, наглиот пораст на побарувачката и недостатокот од работници, но исто така се и генератори на растот на стапката на инфлација. Меѓутоа, пандемиските околности сами по себе не се виновни: just-in-time производството кое се засноваше на елиминација на складирањето и одржувањето од трошоците на работењето се покажа како изразено неотпорно на какви било надворешни шокови. Но, постои уште еден фактор во функционирањето на снабдувачките ланци кој сериозно ја поткопува одржливоста и еластичноста на нашите економии. А укажува и на замките при сеопфатното работничко организирање.

Имено, во разни гранки од економијата во снабдувачките ланци доминираат моќни купувачи. Најпознати примери се оние во малопродажбата: големите меѓународни трговски ланци кои откупуваат земјоделски производи. Со оглед на нивната пазарна доминација производителите се нужно ориентирани кон соработка со нив. Таквиот асиметричен однос им дозволува на трговските ланци да ги „уценуваат“ производителите и да инсистираат на пониски цени на производите. Другиве се принудени да се согласат зашто генерално и не постои алтернативен пазарен пласман. Со оглед на тоа дека пониските цени не смеат да им ја загрозат профитабилноста во работењето, се насочуваат кон единствениот можен облик на штедење, а тоа е цената на трудот. Наједноставен начин да се постигне тоа е да се ангажира мигрантската работна сила.

Пандемијата придонесе мигрантската работна сила да замине, а тоа може да се види преку празните полици (особено во Велика Британија) и растот на цените на храната. Едноставно е невозможно да се заменат производствено-трговските односи кои досега ги полнеа полиците во продавниците и гарантираа пониски цени на храната. Надлежните институции кои се грижат за пазарниот натпревар и монополските и олигополските предизвици, досега не обрнуваа многу внимание на проблемот на олигопсонијата. Причината за благонаклонетото третирање на таквите појави секогаш лежеше во проценката на позитивниот учинок на консументите кои уживаат во пониските цени. Но, избивањето на пандемијата кое ги разоткри условите за работа во преработувачката индустрија, како избивањето на заразата во германската преработувачка индустрија, ги поттикна надлежните на промена на перспективата. Едноставно, проблемите не можат да се туркаат под килим само заради благосостојбата на купувачите. Предвид треба да се земат и работниците во земјоделството и преработувачката индустрија како и речиси никаквата отпорност на снабдувачките ланци во случај на надворешни шокови.

Моќта на големите купувачи која на крајот во каскаден ланец се прекршува преку најнезаштитените работници, претставува специфичен проблем и за левицата и за синдикатите. На „левата сцена“ интересите на работниците често се третираат како подразбирливи и лишени од внатрешни контрадикции, речиси како идентитетски прашања. Овој пример покажува дека ситуацијата е значително покомплексна и дека изискува поопфатни политички одговори. Работниците кои како консументи ги „уживаат“ пониските цени на производите заради мизерните работни услови на оние кои ги произведуваат, тешко дека ќе пружат некаква спонтана работничка солидарност која би резултирала со зголемување на нивните животни трошоци. Дополнителен политички проблем често претставува и расно-етничкиот систем на оние кои ги произведуваат овие стоки. Едноставното посочување со прст кон капиталистите кои возат лимузини не е доволно зашто капитализмот не функционира така што газдите земаат директно од џебовите на работниците, иако и тоа е редовна практика. Потребна е поопсежна промена на производствените односи која на работниците ќе им ја направи солидарноста порационално, поатрактивно и поевтино решение од индивидуализираниот пристап на грижата за сопствениот џеб.

Превод: Алек Кузмановски

Слики: Jonathan Pauwels

Извор: https://www.bilten.org/