Сите преобразби во песните на Вулкански

08.10.2021 14:49
Сите преобразби во песните на Вулкански

 

Стиховите на Пандалф Вулкански минуваат низ девет преслеки во формата и содржината, но одживејуваат повеќе од девет животи и одбележуваат недоброј метаморфози во најразлични животни. На крајот од нив остануваат некакви диви и недофатливи, нескротливи и недокрај сфатливи суштества (и суштини), кои упорно се обидуваме да ги вдомиме и припитомиме (кога сакаме да ги протолкуваме) или да ги дресираме (ако посакаме да ги конципираме и организираме, или пак наизуст да ги рецитираме).

Формалните преобразби опфаќаат девет фонетско-морфолошки постапки, кои се најзастапени кај песните на Вулкански. Тие им ја менуваат звучноста на зборовите и имаат моќ да ја развијат фонетската свест кај читателите. Честопати на зборот му го преиначуваат значењето, а го преобразуваат и зборообразувањето, па така ги унапредуваат асоцијативните способности, помнењето и учењето, но и артикулативните вештини и фината моторика на зборувањето.

Содржински, песните се трансформираат низ девет циклуси песни. Секој циклус (навидум) следи своја тема, но сите циклуси (суштински) одбиваат да се потчинат на заеднички критериум за поделба. Темите се движат од „небесни ивселенски“ до крајно приземјени (т.е. „хигиенски и стресни“), од наративни и описни (пр. „тонски и тектонски“) до куси „лаконски и и(с)конски“. Сепак, како своевидни литературни бесмислици или како претставници на сопствен жанр ненаучна фантастика, песните на Вулкански се премногу непослушни да почитуваат строги правила и прописи при избор на темите, и неизоставно прелеваат доза апсурд и надреалност во читателското секојдневие.

1. ДЕВЕТ ФОНЕТСКО-МОРФОЛОШКИ

ПРЕОБРАЗБИ НИЗ СТИХОВИТЕ

 

Во бујната фантаз(магор)ија на Вулкански откриваме (разно)разни ликови, но го (раз)откриваме и Пандалф. Чудната шума е негов природен амбиент, а сите нејзини станари се потстанари во неговите мисли. Тоа е пред сѐ џунгла од гласови, а Пандалф завлезен длабоко во нејзините тајни, ги размрсува и расплетува нивните носители, зборовите, па им отвора пат кон очите и ушите на читателите и слушателите. Тој ракува со зборовите како што децата ракуваат со играчките: ги зема во рака, за рака или подрака. За возврат, зборовите се чинат блиски (како на дафат на рака), и верни (зашто остануваат при рака). Потем ги расклопува, разместува и расејува низ стиховите, а при тоа не се плаши да ја жртвува нивната, а и воопшто, смислата на песната.

Во првата фонетско-морфолошка преобразба едни исти самогласки заземаат различни места во стихот на Вулкански. Повторените самогласки (т.н. асонанци) се честа глетка и се среќаваат во пресликани слогови од соседни и блиски зборови. На пример: „Дуле и Јуле во кафуле“ или „ода за вода“. И втората преобразба е слична но некако противречна, бидејќи повторените букви не се гласни самогласки, туку тивки согласки (т.н. алитерации). Тие се вклопени во повторливи слогови од неповторени зборови, а ги среќаваме и во некои наслови од неговите песни како: „Храбрата зебра и добрата кобра“ или „Крава ѝ помага на затруена краба“. Децата ги расклопуваат зборовите и играчките кога сакаат да се запознаат со нивните утроби. За играчките тоа се составните делови, а за зборовите тоа се нивните букви и слогови. Вулкански ги расчленува зборовите со помош на асонанци и алитерации, на ритмични и повторливи делови. Кога исти букви се повторуваат во соседни зборови, тие одекнуваат (ако се самогласки) и отскокнуваат (посебно кога се согласки). Слоговите стануваат лесни и певливи, зборовите звучни и препознатливи, стиховите лесно запаметливи. Така се учи вештината на говорење, се развива и краткорочното помнење, но и долгорочното разбирање за значењето на зборовите. Повторените слогови го изоструваат слухот и помагаат да се разбере разликата во контекстот.

Третата преобразба се случува кога исти зборови се повторени па вклопени на почетокот од стихот (т.н. анафори), на крајот (т.н. епифори) или на двете места (т.н. симплохи). Во поезијата на Вулкански повторените зборови чинат цели строфи: „имам едно кутре, кутре, / внатре не се прибира до утре! / какво чудо, право чудо“. Од друга страна, низ песните на Вулкански наидуваме и на четвртата фонетско-морфолошка преобразба, во која помал збор е вкалапен во поголеми зборови со сменета форма (пример, од именка за поим или појава, настанал глагол низ кој се извршува дејство) или сменето но сродно значење кое го содржи истиот корен на зборот (т.е. полиптотон). На пример: „врска станала обврска / без врска“. За децата играчките и зборовите се извор на обновлива радост и внимание, а тие постојано им се навраќаат, бидејќи низ репетитивно ракување се усовршуваат во играње и зборување.

Понекогаш, зборовите од еден ист стих личат како да си зборуваат, и директно да си разменуваат понекој слог. Ако размената на слогови е обмислена, тогаш новонастанатите зборови имаат позната смисла, па велиме дека минале низ петата преобразба (во т.н. спунеризми). На пример: „троа проја во троја“ или „кога во чудната шума девет ловци / тргнале во лов по девет волци“. Напати размената на слогови е случајна и тогаш смислата на новите зборови е под прагот на свеста, па се спознава интиутивно, заради сличности во звучноста. Така „јагуари“, „тигри“ и „леопарди“ се преобразуваат во „тигуари“, „лигари“ или „јагуапарди“. Ова е показна вежба за шестата преобразба кога со калемење слогови се раѓаат нови зборови (т.н. неологизми), но и цела менажерија реални, а хибридни животински видови: „јаглави, јаглиони, јагуапарди, јагуатигари, лавгари / легуари, леопани, леопави, леопони, лигари, лигери / лигуари, лијарди, лијагулепи, лилигари, лилигери / литигони, пумпапарду, тигарди, тиглави, тигони / тигрони, тигуари, тилигери и титигони“. Децата ги разместуваат играчките низ различни агли од станот, а зборовите низ устата и јазикот. И низ овие игри на разместување, се забрзува моторното усовршување, но се слави и способноста за асоцијативното поврзување.

Со седмата преобразба е одбележан почетокот на вистинските збороигри и каламбури, а во неа зборовите се из(без)образуваат кога се комбинираат по звучност, но не и по значење. Така, со меѓусебно слевање, поврзување и надоврзување неколку збора можат да бидат прочитани и интерпретирани на два различни начини во зависност од поставениот акцент и брзината на читање. Ова е своевидна аудитивна илузија (позната како парономазија). На пример, „камила е он“ потсетува на следниот збор во стихот, односно „камилаеон“. Ова доаѓа од детската потреба да ги расфрлаат играчките и да се расфрлаат со зборовите. Зашто децата не се фино скрасени (како ликови од дводимензионални сликовници), туку немирни и разиграни (низ тродимензионалната реалност). Тие сакаат да ги тестираат границите на играчките низ игри и плачки, но и на зборовите низ брзозборки кои ја означуваат осмата преобразба. На пример: „црн прч / на црн трн / врв му гризе“ или „маче на мече да му пече колаче“ или „пантерот и папагалот, крај распарталената панда“. И деветата фонетско-морфолошка преобразба е сосем блиска по игривиот пристап, а е претставена низ недобројните ономатопеи на Вулкански како: „чукара-пукара“ (за скитање), „џагара-магара“ (за викање), „кликклак“ и „тик-так“ (игри за играње), „рибу-дибу-диди-дада“ (за бањање). Ономатопеите служат за да се чуе како одекнуваат звуковите во зборот и како се разлева гласот во просторот.

Инструктор за штимери и диригенти со вградени музички инструменти

Пандалф Вулкански потсетува на „музички инструктор“ или „подучувач“ а неговата стихозбирка на „прирачник“ или „помагало“ за служење со „вградени инструменти“ кај деца, но и возрасни. Неговите песни учат на доброто (правилниот изговор) и за убавото (песните и оралната уметност). Низ ритамот и ритмиката нѝ ја развива моториката, а низ зборовните игри и особености гиунапредува нашите артикулативни и асоцијативни когнитивни способности. Зашто говорниот апарат, кој ни е даден од раѓањето и засекогаш вграден во телото, претставува најсложениот музички инструмент. Истовремено е ударен (заради забите и јазикот), дувачки (заради гркланот и дишникот) и жичен (заради гласните жици и непцето). Луѓето минуваат значаен дел од детството во негово совладување, а остатокот од животот во обиди за  унапредување, па сепак, најголемиот дел од возрасните не постигнуваат некој завиден степен на јазично усовршување. Работите би биле полесни, кога сите би се однесувале како штимери и диригенти, со сопствените музички инструменти. Нашите апарати за говор бараат многу нега, внимание и напор. Тие оркестрираат најфини мускулни влакна, а самите се оркестрирани од нежна мрежа нервни влакна. Така, на мапата од телото која е запишана во посебен дел од мозокот, најголем нервен простор му е отстапен токму на апаратот за говор, а споредбено помал на апаратот што ни го одредува полот и продолжувањето на видот. И затоа, телата кои ги носиме пред светот и секојдневно ги набљудуваме како сопствен одраз во огледалото, се разликуваат од телата кои си ги носиме во главите и нѝ се мапирани во мозокот. Вторите по правило им припаѓаат на „луѓе“ (т.н. кортикални хомункули) со месни усни, јадар јазик и нагласени гласни жици. Тие не се горостасни и стасити, туку грлати и гласовити. Тие не личат на реалните луѓе кои имаат стиснати усни и заплеткани јазици, кога имаат истенчени нервни и гласни жици. Овие две слики за нашите тела постојат пред и зад окото (во и вон појавното), како две различни претстави за нас самите. Но, тие слики можат да се приближат, дури и преклопат, а нашите усни, јазици и гласни жици значително да се развијат и унапредат, со посредство на песните од „Деветте преобразби во чудната шума“. Низ нивните стихови провејуваат зборови кои не се испеани со музичка придружба, туку изговорени во тишина, па сепак се фино пеење. Со нивниот ритам и ритмичност тие имаат висок степен на мелодичност. Тие се штелувачи на гласните жици и говорни вежби за целото семејство.

 

2. ДЕВЕТ АНТРОПОМОРФНИ ПРЕОБРАЗБИ НА ИГРАЧКИТЕ

Симболот на преобразбата нѐ поздравува уште од првата страна на стихозбирката на Вулкански. Кориците се отвараат со илустрација на Такео Такеи (од неговата „Кутија за играчки“ од 1927 година). На сликата е претставена низа од токму девет играчки. Тие се (в)дадени во движење, но полека добиваат антропоморфни форми, и секоја следна сѐ повеќе заличува на човек. На прв поглед сликата наликува на симболичен продолжеток од познатиот портрет за еволуцијата на спознајниот и мислечки човек (Homo sapiens), илустрирајќи ја еволуцијата во играчки човек (Homo ludens). Бидејќи играта е есенција на постоењето.

Навистина, сѐ во оваа стихозбирка се чини како да е подредено на играта и забавата, сесрдно избегнувајќи го редот, сериозноста и конвенцијата. Напати тоа е карневал на разнобразието и бизарноста, а некогаш парада на апсурдот и претераноста. И сите преобразби се случуваат експлозивно, спонтано и непланирано, одеднаш и огнометно распрскано. Во основа, сите страници од стихозбирката се пополнети со гротескни и бурлескни ликови.

Дополнително, низ песните на Вулкански е предаден и подолг список од познати и востановени ликови. Така, во првата песна од првиот циклус (симболично насловена „Девет преобразби од чудната шума“) е направен попис на животинското царство („волците, скакулците, стаорците, мраморците, јазовците, црвците, клукајдрвците, копците, молците, жапците, врапците, вранците, сколовранците и падобранците“). А, во првата песна од третиот циклус (сликовито насловена „Како Чи Тај му помогнал на Лимпомпони“) пак, истовремено е даден пресек на светот на играчките („балони, лампиони, пластични камиони и авиони, мал воз со вагони, за игротека купони, за игротека жетони“), но и препорака за современи македонски автор(к)и за деца. Севкупно, стиховите на Вулкански изобилуваат со хумор спакуван во: полу-одгатнати гатанки („печурка полудела / кога сфатила / дека под шеширот / наместо глава / има нога“) и духовити досетки („како се тушираат рибите? / скокаат од вода кога врне дожд!“), афоризми („октоподот Аце / не знаел дал има / нозе или раце“), идиоми („покажувам бројка / јасна – двојка“ или „не ме мафтај / фаќај штрафта“), подбивања и пародии („поради таа физиономија / треба од родителите да бараш отштета“). Можеби токму затоа, одјавната песна симболично нѐ отпоздравува со насловот „Мижи Асан да ти бајам“.

Распламтувач на фантазија

За богата мисла е потребен раскош од зборови. Тоа го памти Вулкански, но го подзабораваат возрасните. Затоа Пандалф потсетува дека формата треба лесно (не претесно) да се нагрне од содржината, а на вешто скроениот звук да му се штирка и дотерува смислата. Стиховите лефтерно да се спастрат по теми, и така дотерани да се стават во девет циклуси со изобилие на зборови. Во основа Вулкански приредува стиховни лексикони, кои освен забава и игри, нудат знаење и наобразба. 

Игриво зазборен, брлив и брзозборен (помалку безобзирен на места и безобразен), им ја менува формата и брзината на зборовите, и со залет им ги нафрла на читателите, терајќи ги да се сепнат и замислат над (стереотипниот) говор и да го развијат сопствениот говорен хоризонт. Дополнително, тој црпи од богатиот јазичен фонд, па со провокативни и духовити дофрлања, ја развива фантазијата кај децата и возрасните.

 

 3. ДВЕ ПРЕОБРАЗБИ НА АВТОРОТ

Стихозбирката „Девет преобразби во чудната шума“ е потпишани од еден автор: Пандалф Вулкански. Или се два?! Поточно, каде е тука Никола Гелевски? Можеби двата автори живеат и војуваат, се мират и зајадуваат, се будат и сонуваат во ист човек? Или, кажано со стилот на нивните песни: низ овие стихови Вулкански го збувнува и распалува Гелевски, а Гелевски се обидува да го погали Вулкански. А, користа од оваа креативна експлозија ѝ припаѓа на публиката. Овие лексикони, сликовници и музички прирачници, се лекции за родителите и децата, и забава за целото семејство.

Слики: Такео Такеи

Текстов е објавен во списанието Маргина бр. 93.

 

ОкоБоли главаВицФото