Менталните слики и сеќавањето: Да се отклучат тајните на перцепцијата на умот

12.10.2021 01:07
Менталните слики и сеќавањето: Да се отклучат тајните на перцепцијата на умот

Докторот Адам Земан никогаш не размислувал за перцепцијата на умот, а потоа сретнал личност која ја немала. Во 2005 година, овој британски невролог примил пациент кој му се пожалил дека една рутинска операција му ја отстранила способноста за создавање слики.

Оттогаш, д-р Земан и неговите колеги се соочиле со повеќе од 12 000 луѓе кои тврдат дека немаат таква „ментална камера“. Научниците проценуваат дека десетици милиони луѓе ширум светот страдаат од нешто што го нарекуваат афантазија, а дека милиони други умеат да искусат мошне силни ментални слики, односно хиперфантазија.

Во својот последен научен труд, д-р Земан и колегите се обидоа да одгатнат зошто се појавуваат овие две состојби, набљудувајќи ја работата на мозокот. Нивна цел е да истражат зошто некои врски во мозокот можат да ги повикаат другите сетила, како што е звукот. Најпосле, тоа истражување би можело да доведе до потенцијално јакнење на перцепцијата на умот - или слухот - со помош на магнетни пулсови.

„Ова не е заболување, барем јас не го доживувам така“, вели д-р Земан, когнитивен научник од катедрата на Универзитетот Егзитер во Британија. „Ова е само интригантна варијација на човечкото искуство.“

Џоел Пирсон, когнитивен невронаучник од Универзитетот Нов Јужен Велс, разви проучување на афантазијата и хиперфантазијата без испитување пациенти. Во еден експеримент, се фокусирал на фактот дека нашите зеници автоматски се стеснуваат кога гледаме во светли објекти. Кога д-р Пирсон и неговите колеги замолиле поголем дел од луѓето да замислат бел триаголник, нивните зеници се намалиле.

Но повеќето луѓе со афантазија кои ги проучувале немале таква реакција. Нивните зеници останале отворени, без оглед колку се обидувале да замислат бел триаголник.

Во друг експеримент, д-р Пирсон следел како кожата на испитаниците станува попроводлива кога присуствуваат на застрашувачки сцени. Тој и колегите ја набљудувале кожата на доброволците кои читале страшни приказни додека се прикажувале на екран. Кога повеќето луѓе читаат за застрашувачки искуства, како што е напад на ајкула, нивниата кожа станува подобар проводник. Но луѓето со афантазија не го искусиле истото.

Студијата сугерира дека перцепцијата на умот е еден вид емотивен засилувач, кој ги засилува и позитивните и негативните сеќавања врз основа на нашите искуства. Луѓето со афантазија можат да имаат исти чувства, но не ги засилуваат со помош на ментални слики.

Истражувачите користат и скенери на мозокот за точно да утврдат кои врски влијаат на афантазијата и хиперфантазијата. Засега се чини дека менталните слики се создаваат во делови од мозокот кои комуницираат меѓусебно.

Деловите кои донесуваат одлики, сместени во челниот дел од мозокот, испраќаат сигнали во деловите во задниот дел, а кои вообичаено се задолжени за толкување информации добиени од очите. Овие сигнали можат да доведат до создавање слики кои не постојат во визуелните региони.

Во студијата објавена во мај, д-р Земан и неговите колеги скенирале мозоци на 24 деца со афантазија, 25 лица со хиперфантазија и дваесетина луѓе кои немале вакви состојби. Лицата со хиперфантазија имале поинтензивни активности во регионите кои ги поврзуваат предниот и задниот дел од мозокот. Научниците заклучиле дека тие можеби испраќаат најсилни сигнали за одлуките што треба да се донесат во визуелните центри.

Некои можеби мислат дека афантазијата е заболување, но д-р Земан тврди дека таа можеби е и подобра од хиперфантазијата.

Хиперфантазијата креира слики кои изгледаат толку реално и моќно што лесно може да дојде до лажни сеќавања. Исто така, луѓето кои немаат ваков вид перцепција би можеле да избегнат повторно проживување на трауматските искуства, зашто не мораат визуелно да ги прикажат.

„Анегдотски кажано, тоа е добро ако сакате да надминете некоја ситуација“, вели д-р Земан. „Можеме само да се запрашаме дали е така зашто помалку ги измачуваат сликите кои кај повеќето од нас предизвикуваат жалење или тага.“

Д-р Пирсон додава дека би било можно на луѓето со афантазија да им се „вклучи“ камера, но не е сигурен дека би било исправно да се користи таква процедура.

Превод: Алек Кузмановски

Слики: Jyan Ku

Извор: New York Times/International Report

ОкоБоли главаВицФото