Емоциите и класната борба

13.10.2021 02:03
Емоциите и класната борба

Ече Темелкуран

Ече Темелкуран е турска новинарка, писателка, правничка и добитничка на наградата Ајше Зараколу за слобода на мислата во 2008 година. Отпуштена е заради својот ангажиран труд и критиката на турската политика околу прашањето со Курдите, а ситуацијата во Турција ја наведува на преселба во Загреб, каде живее во моментов. Освен курдското прашање, се занимава и со други теми кои се контроверзни во Турција, како што се женското движење, политичките затвореници, ерменското прашање и критиката на неолибералниот и неофашистичкиот пресврт во современите западни општества. Нејзините колумни се објавувани и во меѓународни медиуми како што се The Guardian, Le Monde Diplomatique, The New Statesman и The New Left Review.

Во својата најнова книга, Заедно: 10 избори за подобра сегашност, Темелкуран се одлучува за поинаков пристап во политиката и зборува за човечките емоции, проучувајќи ги начините на кои системот пригушува еден вид емоции, а други доведува до израз.

Изјавите како „проблемот не е во капитализмот туку во алчноста“ се една од причините зошто левицата често ја избегнува темата емоции и се ориентира кон системските проблеми. Вашата книга се занимава токму со емоциите како бесот, трпеливоста и достоинството, но ги става во контекст на класната борба. Како се одлучивте на таков пристап и зошто тој е важен?

Во претходната книга, Како да се изгуби земја, се занимавав со системскиот проблем на новиот облик на фашизам кој го нарекуваме десничарски популизам. Откако ја напишав книгата гледав како јакне движењето и одлучив за политиката да зборувам на поинаков начин. Имате право. Емоциите се преценети и главно се користат за одвраќање на вниманието од темелниот конфликт на системот. Меѓутоа, тие исто така се политички средства и сметам дека прогресивната политика би требало да има можност да каже нешто за нив. Како прогресивци сме склони да бегаме од емоциите, да ги избегнуваме зашто знаеме дека имаат опасна природа и навика да излезат од контрола, но бидејќи ги мобилизираат неолибералите и неофашистите, сметам дека и ние би требало да почнеме да зборуваме за политиката на емоции. Живееме во свет во кој фактите не ги уверуваат луѓето, каде вистината е како отворена шведска маса - секој има ссвоја - па сакав да зборувам за политиката со зборови кои се поблиску до срцето. Тоа е една од причините зошто луѓето мислат дека напишав книга за самопомош.

Премисата на вашата книга е верата во човештвото. Ми се чини дека денес е популарно да се мразат луѓето заради климатската криза и многу други нешта кои тргнаа кон лошо. Зошто е опасно да се падне во замката на омразата кон човештвото и зошто е потребно да се верува во него?

Зашто крајната омраза кон човештвото се нарекува фашизам. Меѓутоа, сметам дека тоа не се случи заради климатската криза или растечката нееднаквост туку дека омразата кон луѓето е својствена за неолибералното сфаќање на светот. Моето прашање за доминантниот систем е: „Кој е добар човек во вашата приказна?“ Дали тоа се Илон Маск или Марк Цукерберг? Ако тоа се добрите луѓе на системот, очигледно дека нешто не е во ред со него.

Денешниот свет го изгуби филозофскиот концепт на доброто и помина многу време откако разговаравме за тоа. Треба да си го поставиме прашањето какви луѓе сакаме да бидеме и во каков свет сакаме да живееме. Зборуваме за делови од проблеми како нееднаквоста, но не се прашуваме каква би требало да биде моралната рамка на идеалниот свет. Кога ќе се вратите на основите на левичарската идеологија ќе откриете дека тоа е љубовта кон луѓето.

Рековте дека омразата кон човештвото е својствена за неолиберализмот. Дали неолибералното бришење на концептот на класната борба е дел од оваа омраза кон човештвото? Не го мразиме системот, туку човештвото во целина зашто веќе не ја препознаваме класата и оние кои навистина имаат моќ.

Кога велите дека не постои алтернатива, што е главното мото на неолибералниот свет уште од Маргарет Тачер и Роналд Реган, тоа значи дека човештвото не може да создаде подобар свет од овој. Ако навистина веруваме во тоа, тоа значи дека немаме вера во човештвото. Да се каже дека нема алтернатива е спротивно на логиката на животот - тоа е побивање на животот генерално.

Во книгата споменувате дека достоинството има моќ да ги пробие класните разлики и има потенцијал да создаде отпор против системот кој го уништува во моментов. Дали можете да ги појасните начините на кои капитализмот го уништува достоинството и како може да го сруши достоинството кое е обединето во нас?

Мошне опасно е да се каже дека нешто ги пробива класните разлики, но јас го преземам тој ризик. Ако го мериме страдањето, работничката класа сигурно ќе победи на таквиот натпревар. Меѓутоа, ако го дефинираме достоинството како нешто што нè врзува и создава единство кај човештвото, тогаш можеме да објасниме дека тоа е нарушено со бегалците кои се исфрлени од шпанската граница, но и со шпанските војници кои ги исфрлаа. Своеволно или не, војниците се дел од ова понижување, а луѓето кои седат пред телевизорите и го гледаат тоа, истот така, зашто тоа се прави токму во нивно име или во името на нивната нација. Мислам дека сме повредени одвнатре.

Додека зборувам за тоа се чувствувам како христијански евангелист. Меѓутоа, оваа болка е важна. Ако сакаме да го промениме системот, мораме да разговараме и за таа болка. Исто така, се чувствувам како да зборувам од земја на виножита и еднорози кога зборувам за љубовта кон верата, но потоа се прашувам: „Како дојдовме до ова?“ Кога во седумдесеттите се зборуваше за љубовта, никој не нè исмеваше. Во самата основа на прогресивната идеологија лежи фактот дека ги сакаме луѓето и дека имаме вера едни во други. Морална одлука е да се сакаат луѓето и да се верува во нив без оглед на сè. Таквата вера ја создаде идеологијата на социјализмот. Еден од аспектите на прогресивната политика е луѓето да сфатат дека дури и ако се привилегирани, нивното достоинство е скршено. Живееме во систем во кој привилегијата значи среќа, а нашата работа е да им кажеме на луѓето: „Впрочем, не сте среќни и не е важно колку пари и привилегии имате.“

Заради количината на штетата што ја создава системот во кој се привилегираните?

Да, но не само тоа. Знам неколку многу богати луѓе кои не се само несреќни, туку и немоќни на неколку нивоа. Немаат сјаен приватен живот зашто парите не купуваат среќа.

Во книгата напоменувате дека луѓето во седумдесеттите почнаа да го губат чувството на заедништво и да се затвораат во сопствените светови. Сметате дека некои политики како намалувањето на работното време, зголемувањето на минималната плата или јавното домување на луѓето им оставаат повеќе време да се вклучат во колективните прашања, додека неолибералните политики нè насочуваат кон потесни општествени структури и чисто преживување?

Апсолутно! Неодамна на еден панел разговарав за тоа со поранешната челничка на зелената партија на Велика Британија, Натали Бенет. Ѝ реков дека ни треба повеќе поезија во прогресивната политика ако сакаме да победиме во оваа игра, а таа рече дека кога од жените бара да се занимаваат со политика, тие одговараат со едноставно прашање: „Кога?“ Реферирав со Симон Вејл која рече дека ни треба повеќе поезија во работничката класа, но исто така напомена дека работничката класа е толку исцрпена после работното време што не може да прави ништо друго освен да спие. Достоинството не е апстрактен концепт; почнува со основна еднаквост и ограничено работно време. Тоа се реални животни регулации кои создаваат време и енергија за живот во достоинствен свет.

Истакнувате дека новите левичарски движења се интегративни до таа мера што не можат да имаат стриктни правила и затоа не можат да се вградат во постоечките политички институции. Дали може да го појасните тоа и дали тоа го сметате за нивна сила или слабост?

Ни едното ни другото. Едноставно, таква е реалноста. Живееме во 21 век кој ги донесе новите медиуми и донесе поинаква комуникациска сфера, а секогаш кога комуникацијата драстично ќе се промени, исто така се менува и политиката. Новиот вид политика во моментов се бори да пронајде начин за прилагодување на политичките институции од 19 век. Тоа е една од причините зошто младите луѓе не учествуваат толку во реалната политика, туку во политиката на социјалните мрежи. Видов како се случува тоа во Турција, Египет, Тунис и во други делови од светот. Почнува на социјалните мрежи, а потоа станува реалност на протестите. Младите луѓе се како риби кои пливаат во јато и се обидуваат да пронајдат место за себеси, па затоа јакне локалната политика. Младите во Турција ѝ пристапуваат на локалната политика зашто сметаат дека единствено таму можат да бидат она што се, не се согласуваат со компромиси, а се занимаваат со политика.

Неколкупати споменувате дека системот се ближи кон крајот. Што ја оддава неговата скорешна пропаст?

Ако не е така немаше да слушнеме за толкаво перење пари, мафии и другите мачни страни на моќта. Тие се присутни отсекогаш, но помалку видливи заради фактот дека системот сè уште се држеше. Затоа, кога зборуваме за десничарскиот популизам и за фашизмот зборуваме за мафијата и другите валкани односи. Ако институциите се цврсти, тоа не би се случило. Системот се руши и не сум единствената што го кажува тоа - и самиот систем го кажува истото. Богаташите во Давос редовно зборуваат за тоа и се чини дека бараат помош од прогресивците за да се одржат.

Превод: Алек Кузмановски

Извор: https://h-alter.org

Слични содржини

Општество / Активизам / Став
Општество / Европа / Свет / Теорија
Општество / Активизам / Свет / Теорија
Општество / Активизам / Европа / Свет
Општество / Квир / Теорија

ОкоБоли главаВицФото