40. издание на Скопски џез фестивал од 20 до 24 октомври

14.10.2021 14:22
40. издание на Скопски џез фестивал од 20 до 24 октомври

Најновото 40. издание на Скопски џез фестивал ќе се одржува од 20-24 октомври.

Годинава на фестивалската програма се најавуваат 11 изведувачки имиња од САД, Куба, Европа и Северна Македонија, кои ќе одржат концерти во живо во Националната опера и балет и Младинскиот културен центар.

Фестивалот ќе започне со настапот на супер-херојот на скандинавската џез сцена Матс Густафсон со свој соло рецитал на саксофони. Од САД доаѓа квартетот на новата голема ѕвезда на џезот, басистката Линда Меј Хан О, како и култната музичарка, поетеса, активистка и ем-си Мур Мадер, во придружба на легендарниот перкусионист од „Арт Ансамбл оф Чикаго” Дуду Којате и Матс Густафсон.

Од Данска, САД и Шпанија ќе гостува квартетот на гитаристот Јакоб Бро, од Португалија многубројниот Лисабонскиот андерграунд музички ансамбл Л.У.М.Е., од Грција триото на исклучителната џез-пијанистка Тања Џанули, а од Австрија експлозивните Шејк Сту.

На јубилејното издание на Скопскиот џез фестивал е најавен настап и на музичкиот проект „Ну Мјузик 4″ посветен на џез-легендата Дон Чери, со Кристер Ботен, Горан Кајфеш, Матс Густафсон и Окај Темиз, како и настапот на проширениот ансамбл на нашиот композитор и мултиинструменталист Јордан Костов.

Фестивалот ќе го заокружи концертот на славниот кубански пијанист Роберто Фонсека и неговото трио.

Придружната програма на фестивалот годинава опфаќа изложба на плакати на Скопскиот џез фестивал под наслов „Complicate Simply!”, потоа премиерно прикажување на две значајни документарни филмски остварувања: „Aretha Franklin: Amazing Grace” и „Blue Note: Beyond the Notes”, како и настап на најпознатиот албански џез состав во моментов – AJS Quartet.

Покрај ова, во рамките на фестивалот ќе бидат промовирани две нови ЦД-изданија на SJF Records – најновите албумски објави на Јордан Костов ансамбл и Светлост + одрон ритуал оркестра, а ќе биде доделена и веќе традиционалната Награда за најдобар млад џез-музичар во 2021 година.

Организаторите потсетуваат дека концертите ќе се одвиваат според важечките протоколи за организирање настани во затворен простор, што подразбира ограничен број посетители, покажување на неопходните сертификати за влез, задолжително носење маска и сл.

Повеќе информации на следниот линк.