Падот на Вундер Курц

15.10.2021 01:15
Падот на Вундер Курц

Себастијан Курц

На 9 октомври австрискиот канцелар Себастијан Курц поднесе оставка во светло на корупциските афери во кои тој и соработниците од Австриската народна партија (ОВП) се сомничат дека помеѓу 2016 и 2018 година со државни пари плаќале објавување фалсификувани анкети во таблоидите. Во тој период Курц прво ја презеде ОВП, а потоа и победи на парламентарните избори во октомври 2017 година. Откако обвинителството го објави обвинението против Курц, тој неколку дена се противеше тврдејќи дека спорните СМС пораки и текстуалните пораки се цитираат „надвор од контекст“, меѓутоа после притисокот на коалицискиот партнер беше принуден да даде оставка. Партијата на Зелените, коалициски јуниор-партнер во втората влада на Курц - откако во 2019 година по повод аферата Ибица се распадна коалицијата со екстремно десната партија ФПО - побара ОВП да именува „беспрекорна личност“. За канцелар беше именуван досегашниот министер за надворешни работи и близок соработник на Курц, Александар Шаленберг, додека Курц ја задржа функцијата шеф на партијата и парламентарниот клуб на ОВП.

-Шаленберг отсекогаш беше послушен соработник на Курц, а во првиот говор истакна дека има намера и натаму тесно да соработува со поранешниот канцелар. Тоа посочува дека Курц ќе биде канцелар од сенка. Шаленберг рече и дека е убеден дека сите основи против Курц се неосновани. Со тоа продолжува опасниот тренд, зашто се прејудицира дека зад обвинението нема ништо и дека со тоа директно се доведува во прашање работата на обвинителството и правната држава. Иако допрва се очекува финалниот расплет, во смисла дали ОВП ќе ја зачува моќта или ќе дојде до тектонски поместувања во австриската политика, мислам дека политичката кариера на Себастијан Курц, кога станува збор за највисоките функции, е завршена. Ја изгуби довербата кај останатите партии. Многу нешта посочуваат дека на крајот од долгогодишниот процес би можел да биде осуден, а се очекува да има и нови обвиненија. Истражувањата на јавното мислење покажуваат дека неговата поддршка и поддршката за неговата партија опаѓаат рапидно, а и од самите покраински организации на партијата доаѓаат мислења дека би можел да биде суспендиран - вели Ведран Џихиќ од Австрискиот институт за меѓународни односи.

Александар Шаленберг

Во 2013 година, исклучително амбициозниот Себастијан Курц на 27 години стана најмладиот министер за надворешни работи во светот, а на 31 година најмладиот демократски избран водач на некоја земја. Грижливо градеше имиџ на Вундеркинд - официјалната биографија наведува дека „прозборел на 12 месеци“. Ја ребрендираше Народната партија, поместувајќи ја од традиционална либерално-конзервативна демократија во насока на тврд десен популизам. Партијата ја персонализираше и си ја подреди на себеси и ја промени дури и партиската боја, од црна во тиркизна.

-Политичката сцена беше заспана и застарена. Курц настапи како динамична личност која со нов политички стил и без корупција ќе ја воведе Австрија во нова ера. Паралелно се случуваше мигрантската криза. Без неа немаше да го има ни Курц. Заигра на антиимигрантската, антиисламска и ксенофобна политика. Во структурно конзервативната австриска јавност има многу расизам, па доби многу гласови. Потоа пливаше на бранот на добро осмислената комуникациска политика со тим од над 150 луѓе и нимбусот на младоста, менаџерите и јасните остри ставови. Во тоа се состоеше неговата харизма, но мислам дека тоа сега е потрошено.

Се покажа дека Курц ги наруши институциите и сопствените интереси ги ставаше над интересите на државата. Негова единствена цел беше „доаѓање на власт и зачувување на моќта“.

-Ја помести Австрија радикално десно и го затру јавниот дискурс со поларизации и бинарни опозиции, а општеството долго ќе закрепнува од тоа. На почетокот имаше добри односи со Ангела Меркел, но подоцна таа се дистанцираше од него. Ги поддржуваше автократите како Груевски или Вучиќ, од кој доби орден. Имаше толерантни ставови кон Орбан и Полска. Од перспектива на Германија или Брисел, Австрија почна повеќе да наликува на сомнителна земја од истокот на Европа отколку на стабилна демократија. Вкупното политичко наследство на Курц е исклучително негативно, дури и катастрофално - заклучува Џихиќ.

Превод: Алек Кузмановски

Извор: https://www.portalnovosti.com/