Европска црвена листа на птици: Се намалила популацијата на три видови во земјава

15.10.2021 11:04
Европска црвена листа на птици: Се намалила популацијата на три видови во земјава

Се намалиле популациите на полската врана, црновратиот нуркач и потполошката, а се стабилизирал бројот на рибарчето. Тоа се главните наоди од истражувањето спроведено од Македонското еколошко друштво, кои се дел од Европската црвена листа на птици за 2021 година, што денеска ја објави „BirdLife International“.

Црвената листа го анализира ризикот од исчезнување на 544 видови на птици во повеќе од 50 земји од Европа, ги следи категориите и критериумите на црвените листи на Меѓународната унија за зачувување на природата и сите птици имаат пресметан ризик од исчезнување помеѓу „најмалку засегната“ до „исчезната“.

Најзначајните наоди на најновата Црвена листа велат дека една од секои пет видови птици во Европа е загрозен или скоро загрозен од исчезнување, а една од секои три видови има намалена бројност. Морските, шумските, крајбрежните и грабливите птици се најзагрозени и нивните популации најбрзо опаѓаат во Европа, а најзагрозени хабитати се обработливите и морските површини, како и мочуриштата и ливадите. Според Црвената листа пет видови птици се регионално исчезнати, а 71 вид или 13 отсто од сите видови, се загрозени.

Според истражувањата, најголемите закани за птиците во Европа се пренамената и деградацијата на голем дел од земјиштето, инвазивните земјоделски практики, прекумерното искористување на морските ресурси, загадувањето на копнените води, неодржливите шумарски практики, како и неодржливото развивање на инфраструктурата.

Иако наодите на новата Европска црвена листа се загрижувачки има и добри вести кои покажуваат дека соодветно насочени активности за зачувување на птици може да ги вратат популациите на одредени птици, но и дека добро развиени интервентни земјоделски практики можат да спречат исчезнување на птици од обработливите површини.

„Резултатите од овие истражувања покажуваат дека неуспешно управуваме со нашата земја и вода. Европа треба да го води светот кон зачувување и обновување на природата, но за да се случи тоа ние мораме да ја трансформираме нашата економија. Оваа трансформација мора да започне веднаш, во Декадата на еколошката обнова, како што ја нарекоа Обединетите Нации,“ изјави Мартин Харпер, регионален директор на BirdLife за Европа.

Македонија учествуваше во изработувањето на оваа листа преку експертскиот ангажман на Македонското еколошко друштво (МЕД). Теренските истражувања беа направени од домашни и странски орнитолози, како и волонтери на МЕД. Објавата на оваа листа е темпирана да се совпадне со неделата во која Конвенцијата на биолошка разновидност на ОН го дискутира новиот план за соочување со кризата на дивите животни во светот.

„Птиците се едни од најчувствителните животни и затоа се идеални индикатори за разбирање на промените во животната средина. Кога птиците се загрозени тоа значи дека и ние сме загрозени“, велат од МЕД.

Фотографии: МЕД

Извор: Мета.мк

ОкоБоли главаВицФото