Раскошна книга за бунтот и драгоценоста на поезијата

15.10.2021 15:25
Раскошна книга за бунтот и драгоценоста на поезијата

(Кон Viola аrsenica од Влада Урошевиќ, Скопје: Готен и МАНУ, 2021)

Откако неодамна излезе од печат, речиси во сите средби со пријатели (од книжевниот свет) како една од првите теми за разговор неизоставно се наметнува најновата книга на Влада Урошевиќ - Viola аrsenica. Безрезервниот восхит, нескриената воодушевеност и силниот ентузијазам, проследени со искрени насмевки и со жар во очите, како читателски реакции им се случуваат само на ретки книги како што е оваа. Во домот на едни пријатели, на пример, Viola аrsenica им стои на масата во дневната соба, како книга која не се враќа на полиците откако е прочитана, оти секој миг може да се земе в рака и човек да се наврати на некој од текстовите. Ќе се согласите, претпоставувам, дека ни тоа не им се случува често на книгите. Тие тоа треба да го заслужат. Но ајде да се обидеме да ги побараме барем дел од причините!

Viola аrsenica е раскошен мозаик од луцидни и оригинални, длабоко доживеани и низ творечкиот опит дестилирани сознанија и согледби за поезијата. Таа е книга-компендиум на богатото творечкото, поетско, препејувачко, есеистичко, раскажувачко, научно и книжевно-теориско искуство на академик Влада Урошевиќ поврзано со поезијата. Сочинета е од 60 текстови со различна должина и со исклучителна жанровска разновидност, кои авторот скромно ги нарекува белешки, а се создавани во интервал од 60 години.

На страниците од оваа книга, како во некој џиновски колаж-хипертекст се соочуваме со различни видови текстови, но сите обединети околу тајните на позијата: есеи и микроесеи, фрагменти од интервјуа (со Владимир Јанковски и Лидија Капушевска-Дракулевска, едни од најголемите познавачи на неговиот книжевен опус), пригодни беседи и реферати за суштински теми за статусот на поезијата, енциклопедиски одредници и компаративни студии (пред сè поврзани со дада и надреализмот), раритетни и илустративни анегдоти (за поети и уметници од различни времиња и простори), мајсторски раскажани приказни (кои наликуваат на фантастични раскази, како приказната за белгискиот поет Жак Изоар на СВП во 1974 година), автобиографски цртички, сведоштва за познанства со писатели и уметници (со Октавио Пас, Вознесенски или Гилвик, на пример), делови од кореспонденција (имејлот до Чарлс Симиќ), одломки, екстакти и ударни акценти и поенти од претходни подолги текстови, песни од други поети (кои се поместени како илустрации за третираните теми), арспоетички мини трактати и дефиниции на поезијата...

Најголемиот дел од текстовите се читаат во еден здив, а во нив е доследно запазен бодлеровиот принцип „максимум информација со минимум средства”. Како поет, Урошевиќ за поезијата пишува поетски, згуснато, лапидарно, вешто избегнувајќи општи места и фрази, а воспоставувајќи неочекувани, шокантни паралели и врски меѓу навидум оддалечени и наполно неповрзани феномени, автори и области на човековата креативност. На едно место, поетот истакнува: „Во поезијата, актуелноста и вонвременоста, навидум толку контрадикторни, се јавуваат во некои мигови испреплетени до неразделност” (2021, 132).

Поетиката на Урошевиќ во голема мера има митопоетски основи, а и воспоставува нишки како со романтичарско-симболистичкото и дадаистичко-надреалистикото поетско искуство, така и со подалечни поетски традиции. На страниците од оваа книга поетот се навраќа и на Бодлер, Рембо и Лотреамон, и на Цара, Бретон и Елијар, и на Блејк, Де Нервал и Конески, но и на К’ју Јуан, Ли Т’ај По и Кобајаши Иса. Тој во поетската мисија ја бара енергијата на прапочетоците, заумната, ирационална моќ на магиските формули, на необјаснивото и на изненадувачкото, на пророчкото и таинственото во поезијата: „за магијата на поезијата нејасноста на зборовите ја засилува верата во нивната маѓепсувачка моќ” (2021, 7).

Оваа универзална фомула тој ја поврзува и со сопственото искуство на ползување на македонскиот јазик, кој не му е мајчин, во областа на поезијата: „Се разбира, постои мистична врска меѓу јазикот од мајката и поетскиот говор. Постои мистика на родниот, мајчин јазик. Но, исто така, постои и магијата на јазикот кој поетот го презел од средината во која живее и кој тој го користи за свој поетски говор” (2021, 7).

Како и во поезијата, расказите и романите, како и во брилијантните препеви, така и во есеите од Viola arsenica, Влада Урошевиќ успева да изненадува и преку начинот на кој го користи јазикот и преку начинот на кој ги дозира и пласира податоците и „пикантериите” поврзани со поезијата. На пример, говорејќи за создавањето на заедничката книга Магнетините полиња на Андре Бретон и Филип Супо, Урошевиќ постепено ја отвора темата за внесувањето исправки и интервенции во автоматските текстови, што на прв поглед звучи крајно контрадикторно, но потоа го цитира Бретон, кој признава: „Го исправав она што не беше доволно автоматски” (2021, 15).

Во калеидоскопската визура на оваа книга низ текстовите се проникнуваат и се варираат теми кои се длабоко поврзани меѓусебно и со секој нов текст читателот како да добива нов агол на гледање. Урошевиќ во оваа книга ги загатнува и одгатнува, оставајќи секогаш доволно простор за различни толкувања темите кои се од суштинско значење за поезијата: од прашањето што е всушност поезијата, преку прашањата за естетската вредност на зборот, магијата на заумноста, творечката фантазија и ирационалната моќ на поезијата, слободата на создавањето, довербата во случајноста и импровизацијата, во коинциденциите и тајните врски, (не)утилитарноста на поетскиот јазик и на поезијата воопшто, играта со звуците и значењата, смислата и бесмислата, слободниот и/или слободниот стих, потребата од креативен хаос, но и потребата од „внесување систем во хаосот”, како и еден од лајт-мотивите на книгата – поезијата како воспоставување врски меѓу сите нешта во природата и во светот: „Поезијата е откривање на скриените врски помеѓу нештата кои, низ така откриените врски, ја покажуваат својата суштина, но и суштината на светот” (2021, 49).

Посебно е возбудливо како Урошевиќ, одново и одново, со полетност на детска игра и со мудрост на наталожено искуства, низ страниците на Viola arsenica ја дефинира и ја редефинира поезијата. Поезијата за него е „напор насочен кон создавање на нова смисла, кон создавање на значења од еден нов ред” (2021, 20). Поезијата за него е постојана потрага, вечна авантура на човековиот дух, кој неуморно трага по новото, така што за поезијата вечно важи правилото „познатото е истрошено, непознатото е неистрошено” (2021, 24). Дека во темелите на поетскиот порив лежи играта и игривоста, во оваа книга се приложени безброј аргументи и примери (особено песни), а во текстот „Гланларија”, во кој се приложени звучните песни на Иво Андриќ, Урошевиќ поентира: „Конески се залага за ‘магијата на заумност’, а Андриќ, излегува сега, пишувал ‘дадаистички’ песни! Ни најсериозните, не можат да ù одолеат на опивачката моќ на играта!” (2021, 28).

Поезијата за Урошевиќ води кон непредвидливото и необјаснивото: „Мојот идеал во поезијата е да создадам песна што не би можела да биде објаснета: цврста, затворена, непрониклива”. Пишувањето и читањето поезија, според Урошевиќ води и кон зоните на интуитивното и духовното: „Премногу рационалност ù штети на поезијата” (2021, 48). Слично како и Блаже Конески, кој вели дека поезијата е „порив, (кој за) се смисла не прашува”, или „најбезполезна работа на светот”, Урошевиќ е свесен дека во денешниот свет ориентиран кон профит и лесна забава, на поезијата неретко се гледа како на застарена дејност од некои минати епохи. „Таа е како некој редок и загрозен животински вид кој, за да преживее, се сместува во резерват (...) поезијата е принудена да води еден речиси таен живот” – забележува поетот. Токму во еден таков свет, поезијата за Урошевиќ е и пркос и отпор и бунт и еден вид инает: „Поезијата е еден вид есенција на духот (...) Поезијата е секавично сознание дека вселената може да се сфати и преку едно зрнце песок” (2021, 55).

Viola arsenica е книга за сите што ја сакаат поезијата, ја пишуваат, ја читаат, ја преведуваат или ја анализираат, но оваа книга, може лесно да се претпостави, е и ќе им биде посебно значајна за сите што имале среќа да бидат студенти на Влада Урошевиќ. Не само со атрактивноста во сеопфатниот пристап кон најразлични теми, не само со прецизната акрибичност и инструктивност, туку и со духот за финесите, со суптилниот хумор и чувство на изненада, оваа флуидна книга неодоливо потсетува на предавањата на Влада Урошевиќ, во кои за неколку мигови се зборува и за Книга Јов од Библијата и за песната „Битка кај Кадеш” на фараонот Рамзес II, но и за Риг-ведите или за кинеската класична поезија. Неговиот компаратистички, космополитски светоглед е проткаен и во структурата и во содржината на оваа ретка книга, во која на едно место се вели: „Генеалошко стебло на поети можеби навистина постои, но во рамките на светската поезија. Во поглед на одбирање на сродноста поетот ја има на располагање целата поезија на светот” (2021, 213). Од оваа перспектива, би можело да се рече дека во оваа книга е истовремено овоплотување на поетската тријада на Урошевиќ: слобода на имагинацијата, верување во чудото и право на игра.

Но и кога говори за играта како креативно начело, Урошевиќ во своите луцидни и повеќезначни дефиниции, слично како и на насловот на книгата, предупредува дека поезијата, сепак, не е само игра без ризици, замки и опасности. На едно место, Урошевиќ поместува две свои дефиниции на поезијата, објавени уште во далечната 1959 година. Првата гласи: „Поезијата е опасна игра помеѓу хаосот и мртвата складност”, а втората: „Поезијата е наивна игра на чијшто почеток и крај стојат темни и пеколни бездни (2021, 103).” Би можело да се напишат две книги околу овие две дефинирања на поезијата, но нема потреба, бидејќи Урошевиќ тоа веќе го направи со оваа книга. Имено, привлечната моќ на поезијата Урошевиќ ја лоцира токму во изненадувањето, кое тој ја доловува и во своите дефиниции: ”Поезијата е искристализирана форма на нејасното” (2021, 159). Во неодамнешното интервју со Ана Јовковска, Урошевиќ го објаснува самиот творечки поривот за изненадување во поезијата и во уметноста како порив да се открие нешто ново и за другите, но и за себеси: ”Да ги изненадите другите е едно убаво чувство, да се изненадите себеси – уште поубаво!”

Viola arsenica е книга со извонреден, култивиран визуелен строеж, типографија и графички дизајн, за што е заслужна екипата од Дизајн студио Кома, а уредници на ова исклучително издание се Владимир Јанковски (од издавачката куќа Готен) и Радован Павловски (од МАНУ). Во оваа книга текстот и сликата се во тесна корелација и заедно постигнуваат кумулативен ефект. По мистериозната слика од корицата (дело на ликовниот уметник Ѓорѓе Јовановиќ) на првата страница, наместо воведни зборови, нè пречекува визуелната песна „Ноќна песна на рибите” од Кристијан Моргенштерн.

Низ целата книга се распоредени илустрации на дланки во безброј различни позиции, кои како да искажуваат пораки и кои визуелно ни ја доловуваат една од највозбудливите теми на книгата – поезијата, а и уметноста воопшто, како ars combinatoria, но и како нешто што никогаш не може до крај и наполно да се разгатне.

Книгата се заокружува со една брилијантна серија од 16 фотографии од Роберт Јанкулоски, кои заедно го сочинуваат фото-есејот на тема „Авторот и моделот”: серијата на фотографии овековечува еден аспект кој Лидија Капушевска-Дракулевска синтетично го искажува уште со насловот на едно одлично интервју со поетот, велејќи „Секоја средба со Влада Урошевиќ е чудесна”. Тоа секако, би можело да се каже и за оваа книга. Без двоумење!

Viola arsenica, всушност, е исклучително ретка книга, како ендемиското цвеќе со истото име, бидејќи нè води, нè упатува кон другите книги на Влада Урошевиќ, но и кон многу други автори и книги, кои се сродни до неговиот сензибилитет, па затоа Венко Андоновски со право вели дека текстовите од оваа книга се еден вид „компримирани енциклопедии”.

„Секое книжевно дело е лавиринт” – се вели во еден од текстовите. Како автопоетичка книга, во Viola arsenica се развлекуваат грст клопчиња од аријаднини нишки за книжевниот лавиринт на Влада Урошевиќ. Библиофилски стокмена, книгата Viola arsenica е книга која загатнува суштински теми поврзани со поезијата, книга која можела да биде создадена само од врвен поет и пасиониран вљубеник на поезијата, кој имаме среќа да биде наш современик.
 

 Илустрации: Графичко студио Кома

ОкоБоли главаВицФото