Бојата на радоста

16.10.2021 11:48
Бојата на радоста

Текстот е објавен во списанието Маргина #93, број посветен на сликовниците.   

  Интензивната боја на мандарина така силно пробива од корицата на книгата што се чини дека фустанчето на Морис ќе се преслика на дланките што ја држат. Дражесната приказна за момченцето што ужива да го носи омиленото фустанче освојува со лесната раскошност. Таа е нежен приказ на растењето исполнето со едноставни желби. Сликовницата раскажува и за првата голема битка во животот на малиот Морис, и тоа една од оние кои оставаат длабок печат.

Морис и фустанот со боја на мандарина(Темплум, 2021) од канадските авторки Кристин Балдачино и Изабел Маланфан е првата ЛГБТ сликовница објавена на македонски јазик. Под едноставниот јазик и приказна, сликовницата нуди комплексен наратив кој се раслојува со внимателно вгледување и вслушување. Таа е прекрасно четиво и за возрасни, кои исто така ќе пронајдат нешто сродно и утешно во питомата, но истрајна природа на Морис.

Во заднината на приказната суптилно е вткаен автентичниот детски светоглед. Во неговата срж тлее фасцинацијата од сетилното. Секојдневието брзо се дестилира низ детската свест во издвоени и повторливи бои, звуци, текстури, кои го доминираат неговото внимание. Затоа, ономатопејата на „шуш-шуш-шушкањето“ и „фиу-фиу-фиукањето“ на фустанчето на Морис нема само описна или едукативна функција, туку е важна одлика на воспоставената субјективна релација. Тие стануваат и звуците кои делуваат смирувачки врз Морис и дел од неговите измислени светови.


За разлика од сите други облеки нацртани и обоени во чисти контури, фустанчето со боја на мандарина трепери врз телцето на Морис како пламенче, размачкано по рабовите како да растресува мрсна боја наоколу. Бојата на мандарина блеска низ страниците со интензитетот на копнежот и припаѓањето. Тоа е истата боја како и косата на неговата мајка Моира и на крзното на неговата мачка Мо, во чии прегратки Морис се чувствува заштитен и слободен да биде свој. На една впечатлива илустрација Морис блажено тоне во вител со боја на мандарина. Над него е топлиот поглед на еден голем тигар кој ја симболизира неговата внатрешна снага - можеби спој токму од заштитничкото присуство на мајката, и утешното пријателство на мачката.

Но, на неговите соученици интересот на Морис им е необичен. На неговата невообичаена фасцинација тие одговараат со тоа што го отфрлаат и го исклучуваат од своите игри. „Не сакаме да нѐ претвориш во девојчиња“, му велат момчињата. Грубото отфрлање од останатите деца го затвора Морис во клопче од болни емоции и му ја одзема волјата за игра.


Родовата еманципација кај момчињата е многу поретко книжевно обработувана во споредба со девојчињата. Прикачената општествена стигма е многу поголема, како и стравот кај родителите да ѝ пристапат на сензитивната тема. Но, сликовницата Морис... совршено ги доловува невиноста и искреноста во потрагата по личниот идентитет, затрупани под напластените општествени стереотипи. Едновремено, тоа го прави без да идеализира или нереално да разубавува, а конфликтот со околината го користи за катапултирање на внатрешната јачина на малиот јунак. Морис одлучува да го екстериоризира својот внатрешен свет, за кој фустанчето е само симбол или портал за пристап, и со тоа ја освојува наклоноста на соучениците. Тој открива дека силата и самоувереноста се состојат во бидувањето ранлив пред другите.

Едновремено, ваквото решение подразбира двострана отвореност во комуникацијата. Така, сликовницава не им се обраќа само на децата кои се отфрлени, туку и на оние кои отфрлаат.

Сликовницава се бави и со важното прашање на булиинг- врсничкото вознемирување. Децата од одделението одбиваат да седат до Морис за ужина – оваа слика е голем страв за секој родител. Не само што го избегнуваат, тие и го исмејуваат, го бркаат по игралиштето, му го тегнат фустанчето. Булиинг е тема на која родителите и учителите најчесто со леснотија одмавнуваат, но во прашање е реално трауматично искуство кое има далекусежни последици, дури и длабоко во зрелите години. Таквите искуства во раниот развој на децата им порачуваат дека не се доволно добри или вредни, и може да им внесат истрајно чувство на неприпаѓање и отуѓеност. Морис... потсетува на деликатноста која е потребна кога влегуваме во интеракција со детските светови.


Оваа трогателна и слаткаста приказна привлекува препрочитување. Така постепено се разлистуваат и некои затскриени елементи во визуелниот наратив. На пример, разновидните текстури на илустрациите – на пижамчињата, на трпезарискиот чаршав, на тепихот. На ред доаѓаат да се разгледаат и ситните Морисови шкртки во расфрланите тетратки низ неговата соба, скици за светот кој пораснува на следните страници. Понатаму, позабележлив станува и ненаметливиот мајчин поглед.

Неодолив е и големиот автопортрет на Морис качен на слон, невешто насликан со водени боички од неговата детска рака. Фустанчето светка низ страниците додека Морис невино фиука и чкрипка сликајќи го светот со својата фантазија.

Враќајќи се од авантурата во вселената, останатите деца одлучуваат дека „не е важно дали астронаутите носат фустани или не“, туку дали можат да ги пронајдат добрите авантури.

„Морис се насмевна. Тој тоа веќе го знаеше.“