Меѓу должноста и креативноста: Преведувањето како авторство и искуство

16.10.2021 13:16
Меѓу должноста и креативноста: Преведувањето како авторство и искуство

  Секоја дејност со себе повлекува одредена должност, па така и преведувачката. Преведувањето е пренесување на мисла од еден јазик на друг. Успешното пренесување подразбира решавање на различни креативни предизвици, истражување и детално запознавање со темата на делото што се преведува. Токму поради ова, често се прашуваме како да почнеме да размислуваме на тоа што сѐ треба да направиме за да ја исполниме својата преведувачка должност. Се двоумиме дали треба текстовите и стиховите обременети со богати творечки сили да ги преведеме буквално, а потоа да ги усовршуваме. Размислуваме дали е потребно да се советуваме со претходните преводи на еден текст и да истражиме сѐ што мислиме дека би ни било од корист, па дури потоа да се фатиме за работа.

Првиот чекор што вистински ќе нѐ доближи до целта е целосното соживување со јазикот на оригиналот. На тој начин стануваме зборови во вешто напишаните мисли на писател(к)ите, се запознаваме со чувствата што лежат зад сите зборови на ликовите и талкаме низ јазикот сѐ додека не откриеме како биле создадени и како се нашле во приказната. Иако темелното проучување на оригиналот е макотрпна и долга работа, неопходна за добивањето на верен превод, таа е често занемарена при вреднувањето на конечниот текст на преведувачите.

Процесот е особено деликатен кога станува збор за автор(к)и кои доаѓаат од одредени маргинализирани заедници и се поистоветуваат со различни општествено поттиснати идентитети (расни, класни, родови, сексуални, етнички, религиозни, итн.). Како преведувач(к)и мора да внимаваме на кој начин најверно ќе го пренесеме искуството на Другиот со помош на јазикот. Препорачливо е да го познаваме искуството кое го опишуваме. Така на пример, во третата епизода од емисијата за книжевност Inside/Out#3, преведувачките Викторија Блажеска и Мартина Јанеска, во дискусија за есеј посветен на транс-поетесата Алисон Периш, укажаа на причината за воспоставување неопходен контакт меѓу преведувач(к)ите и квир-заедницата при превод на текстови поврзани со и напишани од нејзините припаднички/ци. Блажеска изјави: „Заедницата мора да се слушне.“

Без разлика дали како преведувач(к)и сме дел од одредена заедница или не, ние мора суштински да го познаваме или да се обидеме да го сознаеме искуството што го преведуваме. На тој начин, можеме да им дадеме глас на маргинализираните заедници и да го овековечиме нивниот јазик кој не е навлезен во популарната културна. Преку преводот на виделина се изнесуваат различните перспективи и вистини и искуствата на Другиот се доближуваат до сите што не се запознаени со нив. Затоа е важно како преведувач(к)и да ги бараме одговорите на сите наши прашања директно од заедниците, ако не сме самите дел од нив.


Откако ќе го проучиме оригиналот и ќе ги присобереме сите потребни информации веќе можеме да почнеме со преведување. За некои, преводот е одново пишување на оригиналот, и во голема мера тоа се должи на креативната слобода на преведува(ч)ките. Преводот на проза и препевот на поезија настојуваат на креативност. Некогаш оригиналите се заситени со нови зборови и кованици, зборови со сосема променет контекст, непознати термини, неологизми и јазик на дигиталната сфера, и овие феномени се вистински креативен предизвик. Понекогаш, како креативен предизвик може да се јави и самото пренесување на искуства кои не се дел од културата на јазикот на којшто преведуваме. Кога ќе се сретнеме со вакви проблеми, веднаш посегаме по главната алатка на сите преведувачи ‒ речникот. Меѓутоа, консултирањето со речник не е доволно доколку сакаме преводот да звучи природно на целниот јазик. За вистински да ја исполниме нашата должност, потребно е да се свртиме кон јазикот на кој преведуваме. Важно е да ги запознаеме зборовите што се во жива употреба денес, да научиме да си играме со јазикот, да му дозволиме да ни биде поттик за креативност и да најдеме начин да ги доближиме искуствата до читателите. Прозата и поезијата ја охрабруваат јазичната игра и доколку во нив има новосоздадени зборови, зошто да не создадеме и ние? Доколку неологизмите функционираат подобро и се поблиску до значењето на оригиналниот збор, зошто да не ги одомаќиниме и да ги употребуваме сѐ додека не станат природни за увото на говорителите? Како преведувач(к)и постојано се соочуваме со вакви дилеми, и нивните решенија се тие што нѐ носат чекор поблиску до исполнување на нашата должност.

На крајот од овој долг процес стои нашиот превод, зборовите што внимателно сме ги избрале и писателската мисла што сме се стремеле верно да ја пренесеме. Се разбира, преводот ќе го провериме уште многупати, а потоа ќе го уредуваат и критикуваатза неговите предности и слабости. Како преведува(ч)ки, треба да се помириме со тоа дека не постои совршен превод што ќе биде идентичен со оригиналниот текст. Тоа не ни е главната цел. Наместо трагање по совршенство, треба верно да ги пренесеме напишаните и опеаните искуства, особено кога се работи за искуства на одредени маргинализирани заедници. Треба постојано да работиме на преведувачките вештини и со секој превод да ја исполнуваме нашата должност ‒ да живееме целосно во јазикот, и во оригиналниот и во јазикот на којшто преведуваме (the target language), за да оставиме сопствен белег во него.

Текстот е изработен како дел од придружната младинска програма во проектотInside/Out.

Inside/Out - Онлајн емисија за македонската феминистичка и квир книжевност е финансиски поддржана од Регионалната мрежа за културна разноликост (READ) и од Европската унија. Содржината на емисијата претставува единствена одговорност на Pobunjenе čitateljkе и Коалиција МАРГИНИ и не нужно ги претставува ставовите на донаторите.

ОкоБоли главаВицФото