Од работничките плеќи до економските умови

18.10.2021 01:09
Од работничките плеќи до економските умови

Големо внимание кај стручната и заинтересираната јавност, како што гласи фразата, привлече еден текст од Њујорк Тајмс. Самиот наслов на текстот и тоа како го објаснува вниманието: „Впрочем, никој не знае како функционира економијата“. Авторот Нил Ирвин добил инспирација за епистемолошкиот песимизам од неодамна објавената студија на американските Федерални резерви (ФЕД) која го поткопува вкоренетиот став според кој инфлациските очекувања во иднина директно ќе влијаат на висината на стапката на инфлација денес. Но, смета Ирвин, не станува збор само за конкретниот проблем и за неговата интерпретација. Студијата ги доведува во прашање централните поставки на нашето сфаќање на економијата: како функционира, што прават властите, особено централните банки, кога управуваат со неа, каков е односот помеѓу невработеноста и инфлацијата, како дефицитарната потрошувачка влијае на економијата и слично.

Како една од причините за губењето на когнитивните капацитети кога е во прашање економијата, Ирвин ги наведува распространетата надменост и самодовербата на економистите во периодот од средината на осумдесеттите години на минатиот век до финансиската криза во 2007 година. Овој период, кој повеќе или помалку се совпаѓа со она што во критичката литература се нарекува неолиберална епизода, на економистите наводно им влеваше доверба во пропишаните формули. Меѓутоа, се чини дека економската реалност почна да ѝ се спротивставува на интерпретациската оптика. Дотолку повеќе што не се работи само за интерпретацијата туку и за подлогата за управување со таквата реалност. Авторот на споменатата студија на ФЕД, советникот Џереми Б. Руд, е мошне отворен. „Мејнстрим економиката е преполна со идеи за кои 'сите знаат дека се вистинити“, но впрочем се тотални бесмислици“. И притоа смета дека тие бесмислици имаат „терапевтска“ функција: „Економијата е комплициран и сам по себе тешко разбирлив систем, а таквите тези се она што нè спасува од интелектуалниот нихилизам.“

Секако, тајмингот на студијата на Руд и текстот на Ирвин нималку не е случаен. Пандемскиот период во голема мера ги отповика стандардните формули во читањето на економските податоци. И не само во читањето туку и во нивното производство. Најконкретен пример е инфлацијата. После неколку децении таа се врати на насловните страни, но се чини дека толкувањата и лековите кои помагаа пред неколку децении веќе не помагаат. На страниците на деловниот печат се одвиваат интерпретациски војни кои вклучуваат и прашања за уверливоста на самите интерпретациски рамки и аналитичката достапност на она што се интерпретира. Во исклучително корисната синтеза и актуелните дебати за инфлацијата, економскиот историчар Адам Туз наведува неколку проблеми кои ги измачуваат ангажираните стручњаци кои ја толкуваат инфлацијата; валидноста на самите податоци кои стануваат потешко „дофатливи“ во периоди на нарушено функционирање на економијата; различни сектори од економијата се движат со различни брзини и во различни насоки; аналитичката „непробивност“ на економската ситуација која му претходеше на пандемскиот удар: како да се објасни ниската инфлација во време на квантитативно попуштање?

Пресудните прашања како она - како да се управува со нешто што не го разбираме - се неопходни ако сакаме да го направиме светот подобро место за живот. Меѓутоа, оваа дискусија главно ја премолчува целната премиса која спаѓа во политичката епистемологија. Знаењето за економијата никогаш не е сосема политички неутрално. Не постои општ интерес на сите заинтересирани актери: таквиот креиран општ интерес се заснова на односите на моќта со кои се „решаваат“ противречните интереси. Она што за некого претставува стабилност (јавни финансии) за некого претставува неизвесност (недостаток на социјална заштита). Со други зборови, опстојувањето на некои економски формули за кои мислевме дека се функционални вистини, често паѓаше на нечиј грб. Само што тие интереси не влегуваа во калкулацијата на пресметката на општиот интерес. Или воведувањето на тие интереси, како на пример намалувањето на работната недела, се сметаше за економски наивно.

И покрај тоа што сè уште не се активирани прашањата кои се составен дел од левата критика на мејнстрим економијата, самите дискусии за основите на економијата се повеќе од добредојдена појдовна точа. Сепак, нивниот расплет нема да зависи од некаков неочекуван раст на нашите когнитивни капацитети, туку од политичкото прекршување на постоечката криза. Зашто формулите и тезите кои Руд ги нарекува бесмислици не беа тука само за да ги спасат економистите од интелектуалниот нихилизам, тие имаа и реална функција: ги оправдуваа политиките кои се одвиваа според одредени интереси. Многумина ја почувствуваа нивната бесмисленост на своја кожа, отколку што ја „почувствуваа“ економистите во своите глави. Единствен излез од интелектуалниот нихилизам претставува враќањето на политиката во овие празни формули кои долги години беа „научна гаранција“ за растот на нееднаквоста и стагнацијата на животниот стандард.

Превод: Алек Кузмановски

Извор: https://www.bilten.org/

ОкоБоли главаВицФото