Плакатите на Скопскиот џез фестивал: „Компликувај едноставно!“

18.10.2021 07:21
Плакатите на Скопскиот џез фестивал: „Компликувај едноставно!“

Изложбата „Компликувај едноставно!“ која вечерва ќе биде отворена во галеријата МКЦ во Скопје содржи 24 избрани креативни решенија за плакат на Скопскиот џез фестивал низ децениите. Куратор на изложбата е графичкиот дизајнер Небојша Гелевски - Бане. Визуелното обликување на Скопскиот џез фестивал кураторот го поделил во 3 периоди:

Во првиот период, 1982-1993, застапени се разновидни, ретро-дизајн техники: рачна интервенција врз фотографија / класична графика печатена на сито / типографски експерименти, колажи… техники својствени за тоа време на „аналоген“ графички дизајн. Овде се застапени авторите Глигор Чемерски, Митко Хаџи Пуља, Љубомир Фрчковски, како и полскиот мајстор Роман Чешлевич.
 

Креативните решенија од вториот период, од 1994 до 1999, се карактеризираат со фотографии на инсталации на музички инструменти (труба, на пример), користена е фото-манипулација, имаме и чисто типографско решение во 1994 година... Приказната од плакатите тогаш беше надополнувана и со извонредни видео спотови, снимани со филмска камера. Плакатите од овој период се авторство на Славимир Стојановиќ – Футро и на Милчо Серафимовски. Ова е периодот со кој СФЈ плакатите почнуваат да ги добиваат најзначајните награди за дизајн.

Во третиот период, од 2000 до денес, минимализмот, чистотата и едноставноста се водечката линија на дизајнот. Изложбата вклучува 17 плакати од овој период, на авторите: Футро, словенечката група: Карло Меѓугорац, Митја Миклавчич, Рок Крегељ, и македонските претставници: Гордана Вренцовска, Јана Мишева, Неда Фирвова, Ивица Спасовски, Таби Азири и Зоран Кардула. Решенија кои продолжија да собираат награди.

Малку познат факт е дека Скопскиот џез фестивал е македонски бренд со убедливо најголем број значајни награди (преку четириесет) на светските маркетиншки фестивали (вклучувајќи и „Гранд при“ на најпознатиот, во Кан). Визуелниот идентитет на Скопскиот џез фестивал му обезбеди препознатливост и исклучителен рејтинг во светот. Не само со плакатите, туку и со видео клиповите (анимираните или оние работени на филмска лента), со монографиите, програмските каталози и со календарите - единствени во светот од тој тип.

Во каталогот на изложбата, освен 24 репродукции од плакати, поместени се и текстови на Богдан Бенигар, музички директор во Цанкарјев Дом во Љубљана, на Славимир Стојановиќ, графички дизајнер од Белград, и на Оливер Белопета од Скопскиот џез фестивал.

За важноста на визуелните комуникации на големи музички фестивали Бенигар вели:

 „На тврдењето на директорот на Скопскиот џез фестивал Оливер Белопета дека на визуелниот идентитет на фестивалот треба да му се воодушевуваме исто онолку колку и на неговата програма, не би можеле да му најдеме замерка. Напротив. Како искусен „играч“, тој уште во тоа време знаеше дека добриот визуелен изглед на фестивалот останува во сеќавањата многу подолго отколку неговата музичка програма и неделив е од годината на неговата продукција, додека програмата на фестивалот „танцува“ низ годините, и некогаш е многу тешко да се сетиме на неа доколку не е запишана негде со дебели букви.
Сликите се продукти на соништата. Оливер Белопета на своите избрани дизајнери секогаш знаел да им го покаже патот како самостојно да сонуваат и постојано да изненадуваат со извонредно иновативни решенија, кои на прв поглед изгледаат многу едноставно, минималистичко. Таа едноставност не ја открива целата комплексност на меѓусебниот однос меѓу нарачателот и дизајнерот, кој има „службена“ задача да ја долови не само очекуваната атмосфера на фестивалот, туку и суптилните внатрешни нијанси што Скопскиот џез фестивалот ги има апсорбирано како инспирација, од Бразил до Сенегал. Сплетот на визионерски идеи што настанаа како плод на тие силни меѓусебни односи и висококвалитетни материјали, го вбројуваат Скопскиот џез фестивал меѓу фестивалите со најдобри плакати во светот.“

Славимир Стојановиќ Футро:
Дизајнерите сакаат клиенти од типот на Оливер Белопета, кој сонува за поместување на визуелните граници. За него работев многу години, на взаемно задоволство. Покрај бројните добиени награди, плакатите за Скопскиот џез фестивал ми овозможија континуирано, од година во година, да ги истражувам можностите на максимата „Компликувај едноставно“. Конкретно, во овој случај, со еден графички потег на поместување на линијата на нотното петолиние, да се добие метафора за слободата на импровизацијата, пресудна за создавањето врвна џез музика.
Плакатот на Славимир Стојановиќ - Футро, 2000 година

За „Плакатот како форма на комуникација“ Небојша Гелевски вели: Со масовната дигитализација и плакатот добива ново, ревидирано, но сеуште важно место во визуелната комуникација. Тој станува респонзивен, прилагодлив на новите комуникациски канали. Ако порано плакатот имал еден облик и бил изложен само во јавен простор најчесто во една форма (едно графичко решение), тој денес се среќава, за жал, сѐ помалку во јавниот простор, но затоа е експониран во дигиталниот простор, каде не само што може да ја менува формата, од портрет да стане лендскејп или квадратен, туку може да биде „оживеан“ со анимација и движење. Моја проценка е дека ПЛАКАТОТ денес, во дигиталната ера, е изложен на повеќе погледи. ПЛАКАТОТ НЕ Е МРТОВ!“
Линк до настанот.

Видео најава за изложбата:

Слични содржини

Графички Дизајн / Живот / Теорија
Графички Дизајн / Книжевност / Уметност
Графички Дизајн / Книжевност / Живот / Уметност
Општество / Графички Дизајн / Книжевност / Култура

ОкоБоли главаВицФото