Проекција на дигитално реставрираната верзија на „Пеколот“

19.10.2021 10:55
Проекција на дигитално реставрираната верзија на „Пеколот“

Дигитално реставрирана верзија на италијанскиот нем филм „Пеколот“, снимен во 1911 година според епот на Данте, ќе биде прикажана вечерва (19 октомври, вторник) во Кинотеката на РСМ.

„Пеколот“ е редок бисер на филмските архиви и се смета за прв долгометражен игран филм во светската кинематографија. Филмот е снимен според „Пеколот“, првиот дел од епот „Божествена комедија“ на Данте Алигиери, кој е фундамент на модерниот италијански јазик и на новоевропската книжевност и култура.

Режиран од тројца автори, Франческо Бертолини, Адолфо Падован и Џузепе де Лигуро, „Пеколот“ е филм од жанрот на фантастичниот хорор и е составен од 54 сцени, чија визуелизација е главно инспирирана од илустрациите на познатиот графичар Гистав Доре, француски сликар од 19 век.

Проекцијата на „Пеколот“ во Кинотеката ќе биде проследена со музика во живо во изведба на пијанистот Марио Маријани од Италија. Со проекцијата на „Пеколот“, Кинотеката и Амбасадата на Италија ја одбележуваат Неделата на италијанскиот јазик во светот, глобална манифестација која традиционално се одржува во октомври, како и 700-годишнината од смртта на Данте Алигиери.