Намера и резултат

20.10.2021 10:05
Намера и резултат

 Одговарајќи на притисоците на историскиот момент, на императивот наложен од жестоките и неумоливи надворешни околности, Пол Елијар, во текот на војната, станува „ангажиран поет“. Колку притоа страда неговиот поетски израз, кој мора да претрпи значајни симплификации, и колку неговата поетска реч добива во широчината на одгласот и што од тие загуби и добивки е притоа позначајно – мошне е тешко да се одговори. Секако дека постојат песни на Елијар од тоа време, кои не успеваат да се кренат до висините на неговата поранешна поезија, но секако дека има и такви што и денес, во изменети околности, кога сите надворешни поттици што го условиле нивното настанување се само историски факти (кои на читателот и не мораат да му бидат докрај познати), успеваат да нѐ возбудат. Колкава е поврзаноста меѓу внатрешниот свет на поетот и тие надворешни околности зборува случајот со настанувањето на неговата прочуена и мошне популарна песна „Слобода“.

Според раскажувањата на повеќе негови соборци, Елијар, заедно со својата сопруга Нуш и во придружба на неколку припадници на Отпорот, кон крајот на 1941 година бил скриен во едно илегално засолниште. Навечер, тој со своите придружници играл карти и, занесен во играта, не им обрнал доволно внимание на повиците на Нуш да се повлечат во нивната соба. Нуш, очигледно налутена, си заминала сама. Гледајќи дека ја навредил, Елијар, во состојба на каење, истата вечер ќе ги напише стиховите во слава на саканата жена, па на песната ќе ѝ стави наслов: „Нуш“. Но, потоа, откако ќе им ја прочита на своите придружници, некој од нив ќе му сугерира да стави друг, сосема поинаков наслов: „Слобода“. Елијар се согласува. И така настанала оваа исклучителна песна, која потоа ќе биде фрлана од авиони врз окупираната Франција, пронесувајќи го духот на отпорот среде илјадници Елијарови сонародници. Несомнено, Елијар е и тука голем поет, а песната, преку оваа вистинита приказна за нејзиното настанување, излегува пред нас како резултанта на внатрешниот порив на поетот и стекот на надворешните околности. Се поставува прашањето: дали песната би имала исто толкава сугестивност кога би била напишана со однапред зададената тема да биде пофалба на слободата или таа интензивна понесеност на редицата слики што се нижат во една драматична градација произлегува токму од тоа што во нејзината основа лежи еден интимен миг на поетот?

(Одломка од поговорот на книгата Поезија од Пол Елијар, избор, препев и поговор В. У., 2013)

Извор: Viola arsenica, Белешки за поезијата; Готен, 2021.

Цртежи: Saul Steinberg

ОкоБоли главаВицФото