Предавање „Уметноста може да го промени светот?“ во МСУ

20.10.2021 13:39
Предавање „Уметноста може да го промени светот?“ во МСУ

Во Музејот на современа уметност (МСУ) во четврток во 20 часот со физичко присуство ќе се одржи предавање на Андреја Хриберник, кураторка и директорка на Музејот на модерна и современа уметност „Корошка“. Насловот на предавањето е „Уметноста може да го промени светот?“.

„Во 1975 година, група студенти по уметност од Ротердам го посетиле Словењ Градец под менторство на Тон Вегнер. Тоа било поинакво време. Тие имале утописка идеја да основаат идилична уметничка резиденција во градот, со галерија чија програма би била посветена на идејата дека уметноста може да го промени светот. Тие подготвиле изложба посветена на анти-колонијализам, анти-војна и анти-насилство“, се вели во најавата за предавањето.

Предавањето ќе даде увид во утопискиот аспект на минатиот ангажман на млади уметници во Музејот на модерна и современа уметност „Корошка“, и ќе ги погледне овие активности низ перспективата на современите облици на вклученост на млади уметници во уметничката сфера. Дополнително, ќе направи краток осврт на изложбите и отворените повици, кои се фокусираат на млади и нови уметници во Словенија.

Андреја Хриберник работеше како кураторка (2006-2009) во Галеријата за современа уметност во Лајпциг и како проектна координаторка (2009-2013) во Галеријата Модерна (MG+MSUM) во Љубљана.

„Таа е директорка на Музејот на модерна и современа уметност „Корошка“ од 2013 година. Дипломирала на Политички науки – меѓународни односи на Факултетот за општествени науки, и во 2016 година докторирала на историска антропологија на уметноста на Постдипломската школа за хуманистика во Љубљана. Преку нејзината работа таа ја адресира комплексноста на музеите како историски и геополитички места, каде современата уметност ги испитува конфликтите и борбите од сегашноста. Во 2017, таа беше именувана како куратор на националниот павиљон на Венециското биенале“, се вели во најавата.

Ова е завршно предавање, кое ќе биде реализирано во рамките на Биенале на млади уметници, изложба која неодамна беше затворена

Предавањето е отворено за сите заинтересирани и ќе се одржи според владините пропишани протоколи во услови на пандемија.