Архипелаг Југославија (прелет со дрон, поетски есеј, ран ноември 2020 година)

20.10.2021 18:46
„Архипелаг Југославија“  (прелет со дрон, поетски есеј, ран ноември 2020 година)


Го пренесуваме првиот од десетината есеи кои следниов месец ќе ги објавуваме, во соработка со Традуки, под заедничкиот наслов „Архипелаг Југославија - од 1991 до денес“.

  

УВОД:

АРГОНАУТСКА

 

Во 1982 година бев осмо одделение

И за натпреварот По Титовите патеки на револуцијата

Напишав расказ

За трите браќа ‒ Омар, Томо и Љубо

Имињата им ги дадов по трите рудници за железо

Омар Омарска

Томо Томашица

Љубо Љубија

Добив наградно летување

На јадранскиот брег во Медулин

Десет години подоцна

Масовните гробници беа создавани а дваесет барани

Во Омарска Томашица Љубија

Љубо убиваше Омари

Томо криеше тела по руднички копови

Напишав расказ

За Аргонаутите

И златноруните ребра во рудите железни пронајдени

Во челик претопувани

Од кој бродот беше излеан

Награда добив

Да го возам тој брод

Назад по патеката на револуцијата

1991.

1. ЌЕБИЊА, АМБАСАДОР, ВУКОВАР

 

Зрнест леб

врз дланките

изнесен од гладување на птица

Оној што ова го сонува

ќе ми рече дека стоев крај вода. Можеби беше 1991.

Се миев, наведнат над када, и низ мене проструи мислата ‒ војна ќе има!

2. 

Читам во весник изјава на лекар од детска клиника, кој набавува апарат што врз плафон на болничка соба проектира ѕвездено небо. Не сакам, вели, децата да ни умираат со празен поглед без ништо!

 

1992.

1. КРВТА НЕ ПРАВИ СЕНКА 

Цела есен кај Бихаќ се тепавме за котата Грабеж.

Денес е таму бегалски логор за луѓето од Сирија.

Да, и Синиша загина на Грабеж.

На тоа место сега црномурест младич седи наземи.

На смартфон листа фотки од петгодишната ќерка и плаче.

2.

Мене во Сараево снајпер ми го уби детето во прегратка, вели Хасија.

Да не го носев, куршумот ќе ми го разнесеше другото срце.

1993.

1. КАНТАТА НА СВЕТОТ НАВАДЕНА СО ЗЕМЈА 

Ако живо срце, штотуку извадено, го ставиш во топла вода,

но брзо, брзо, тоа уште и ќе запумпа пар пати, дури и до седум, па дури тогаш

нагло ќе се смени во боја на старска плунка, и ќе клапне.

А кој остана восхитен над застанувањето на првото срце?

Кој го гледал Првото сопирање, со очи намастени од

неуслишива молитва?

2.

На заборавениот колосек кај Кексарата

Вагонот прскан со рѓа зараснува во друго име

А свети Фрањо вели:

 

Кога ќе загинеш од граната нема несоница

Нема вода под трепките

Па сонот не знае од која страна гори.

 


1994.

1. РАЗМЕНА НА МРТВИ НА ВЛАШИЌ 

Бабата чувала плетенка коса

Исечена при миропомазанието

Пред 75 години.


Дејо ја загуби косата од хемотерапија

Па на одделот ни раскажуваше:

Ме одведе во темната соба

Има нешто баба за тебе, вели

Во кутијата од дното на регалот бела плетенка

Одвоена од неа ѝ поседела косата

Се колнеше Дејо.

2.
Што ќе правам, бабо, со твојата коса?

 

Прави си седа перика

Синот во нејзе да ти остари.

1995.

1. ЧАУРА ПОЛНА СНЕГ 

Летото беше страшно. Покрај мене, низ Приједор, поминаа над 100.000 луѓе, бегалци пред хрватската воена акција.

Луѓето плачат, бараат вода. Наидува трактор возен од старец. Одзади, на приколката, бабата седи крај мртовечки сандак извалкан од земја.

Внатре е минатата година загинатиот, утринава рано ископаниот син.

2.

Сакаш ли вода, бабе, прашувам.

Не сакаме, не сакаме, ни јас ни малиот, вели.

 


1996.

1. УЧЕЊЕ ПЛИВАЊЕ 

Тешко е на нашите јазици да се мисли, подолго од девет зборови.

Да се пее е уште потешко, оти јазикот е сакатен и сечен, сурово сиромашен од систематското изморување.

Младите Словени заминуваат.

Од повеќе вери, повеќеверните млади Словени заминуваат.
Старите Словени настануваат од Јужните Словени. Наскоро Јужните Словени ќе станат Стари Словени и ќе проговорат и ќе го пропишат старославјанскиот.

Преостанатото од остарените Словени, остатокот од Јужните Словени, ќе ја вртат Праслован од Лачни Франц, на ноќното болничко масиче, украдено од хотелот Југославија.

Јужните Словени ги јадат своите јазичиња, и само уште малку, ќе ги изедат, и ќе почнат да зборуваат англиски и германски и шведски и дански, сè со 577 зборови, и ќе имаат гугл преведувачи околу вратот, како Пекиќ диктафони со Подемот и падот на Икар Губелкијан.

Ќе се одславенат и ќе се прогерманчат, и фризури ќе имаат мителевропски.

А Старите Словени, преостанатите, ќе крстарат по Гробиштата на хероите и ќе ѕидаат сè помлади цркви и сè побели, и сè потешки, а во болниците самите и понатаму ќе носат супички и газа.

И така со десетлетија.

Се пресловениле.

Им ојужило на Словените. Сака така пред бура, вели Арсен, кога сивилото ќе ги подави островите.

А што му фалеше на Дњепар?

Или на огновите под мртвите?

Исус не би знаел за нас, и на фреските би им недостигал, особено зиме. Ни Мухамед не ќе знаеше за нас. Никој по пустините не нè памти.

 

Што сме барале овде, зошто сме доаѓале, никој веќе и не се сеќава, ниту има јазик на кој би се сеќавал, никој веќе и не знае, и никому веќе не му е ни важно.


2.

А таму, дома, жените уште нè чекаат, и како пред секои неуспешни ловци, ставаат млаки чорби и ги тешат со испотени збивтања.

1997.

1. ПРИМАРКИ, СЕКУНДАРКИ 

И селско гробје тешко се носи со толку тишина.

Би соблекло кошулите по цена да омршават сенките.

Во леб уноќена воденица.


2.

Толку добри пријатели.

Што си беа еден на друг во гробот.

 


1998.

1. ТЕРЦА НА ЖИЦА 

„Дури и да решам кој сум,

останува прашањето ‒ кои се сите други.“ (Вендерс)

2. 

Во мојот град секое лето има „колективна џеназа“.

Среќавам многу школски пријатели кои ги покопуваат коските на татковците и браќата.

Оној што ги живее сите гробови, вели за мене Аида.

1999.

1. АНДРИЌГРАД 

Паднало многу дожд.

Надојдениот поток ги однел нишаните од мезарјето.

Взори оџата во гумени чизми,

Белоглав во маглата, расчекорен оди по мезарјето и довикува по име.

И еден се одзва

Што пред поплавата беше при дното на брдото

Се одзва ‒

Како со мезарот да заминал низводно.

2.

Нè прелетуваат НАТО авиони. Ги рекетираат остатоците од Југославија.

Кого црнораките ги испотепаа Обреновиќи, ниедно ѕвоно не ѕвонело.

По Драга и Александар.

Ниедно.

Ни клепало монашко.

Тишина после исечена цицка и изгорена коса.

Тишина после распорена утроба, како над волкот на Црвенкапа.

Во нејзе двоглав млад бел орел

Не знае кој црн дроб прво би го клукал, ниту со кој клун.

 

 

2000.

1. МОНАСИ ПРАВАТ ЈАЖИЊА 

Господ е сираче и Исус нема дедо

Во заграда да речеме

Лазар е единствениот што умрел двапати.

2.

Цвеќе ми избива врз коските

Врз раката со која не пишував

Како обрачи за буриња

Како бршлен од пушконосење

2001.

1. ФАБРИКА ЗА АКУМУЛАТОРИ, ПОТОЧАРИ 

Веднаш по истрелот, тој влезе во бањата.

Во водата, долгонасобирана како дождовница, го виде френдот од градежно,

Униформиран и во чизми
Со разнесена глава. Раката држеше Магнум, висејќи.

Хромиран колуташ, трофеен.
Очите беа отворени, вратот сè уште пулсираше, војната течеше.

Некни го среќавам на болвји пазар.

Се смее, поздравува, продава детски пластични

Магнуми на вода.

Дури ме испрска, ми бутна два во џебовите.

2.

Дома еден наполнив со врела вода.

Во кадата влегов во чизми,

И ја пуштив од ѕид темната крв за да ја преполни.

 

2002.

 

ИСКРОЕН ВИШНИК

1. 

Нашиот театарски кројач го напушти проектот „Иванов“ според Чехов, оти главниот глумец и тој не можеа да се согласат за кошулата во која треба да се убие несреќниот лик на Чехов.

Кројачот ја напушти подготовката на претставата и ја однесе со себе спорната кошула.

Премиерата помина одлично, и Иванов, во претставата, се уби во обична црна ролка.


2.

А во кошула се уби еден пријател на кројачот, година подоцна,

кога му го исекоа вишникот.

2003.

1. ГОРЕ НА НЕБО, ВЕДНАШ КРАЈ МАЈКАТА 

Шпуги во четврток се уби со калашников. Го пуштил Риголето, станот грмел

Го набутал орелот во цевка и калашот му ја распердашил главата

 

Инаку, Шпуги беше одликаш

Инаку, Шпуги беше ветеран од две војни

Инаку, Шпуги беше снајперист

Инаку, Шпуги го ставил синот пред себе да гледа

 

А баш во вторникот во бар пијан ми зборуваше дека ги сонува мајките на оние што ги тргнал

 

2.
И како на секоја поради синовите ѝ ветува

Дека ќе умре во сон.

 

 

2004.

1. ЗАПЧЕ ВИЛА

Без големо вознемирување, нема помирување, велеше Ками.

Очигледно сè уште не сме вознемирени.

Сè помалку сме, се мириме по германските болнички ходници.

2.

Старата на Зоки во марамче ги сочувала неговите

Млечни заби ‒

Секачињата, катничињата, песјачињата.

Кога на боиштето го разнесе граната

Не остана ништо.

 

Затоа таа марамчето го заши. 

 


2005.

1. НАСЛОВИ, ТЕКСТ 

•     „Нема цитостатици за децата болни од леукемија.“

•     „Пејач оставил малоумен син во манастир и заминал на турнеја.“

•     „Ја убила сестра си и телото го држела 25 години во фрижидер, под скалите.“

•     „Ја убил мајка си и заминал на ифтар.“

•     „Шабан покрај Киш и Андриќ во Алејата на великаните.“

•     „Ракометар останал без раце во сообраќајна несреќа.“

•     „Ги фрлил трите свои деца од балкон на познато летувалиште.“

•     „Ја задавила мајка си на спиење и се обесила.“

•     „Вероучител силувал штитеник на дом за деца попречени во развој.“

•     „Одбојкарки донирале коса за перики за заболените од рак.“

•     „Криумчареле петсто мртви птици селици.“

2.

•     За Офелија да легне в гроб треба да се исфрли черепот на шегобиецот.

•     Лифт во движење дословно ја претставува Хераклитовата изрека ‒ ист е патот угоре, како и удолу.

•     Да ги наведнеш крилјата исто е како да ги наведнеш рамењата. Сепак, ангеo не се наведнува.

•     Чувството што ги обзема бајките после раскажаното.

•     Сликарот е туба со крв, изреченото вратено со очи.

•     Чиракувањето кај кловн, го истренирало во секое сунѓерче да види можност за црвен нос.

•     Ориген вели дека Исус останува на крстот додека злото не се симне од секој човек.

•     Има и мангуп ангео, кој му ја краде молитвата на оној што сакал да се моли, и ја чува „за после“.

•     Кога сите ќе заминат од Босна, ќе останат неразминираните полиња и новите напуштени верски храмови.

•     Во апокрифните списи пишува дека Исус бил палаво дете, и дека некои деца умреле, оти тој тоа го посакал не знаејќи дека е Син.

•     Кафка пишуваше за кафезите што тргнуваат во потрага по птици.

 

2006.

1. ПЦИ, ПЦИ И КНИГИ 

Ја направивме претставата „Гробница за Борис Давидович“ во „Позориште Приједор“. Се сеќавам дека со Мирјана Миочиновиќ, првата сопруга на Данило Киш, преговарав за авторските права за претставата. Таа ме праша:

„Чекајте, мислите во Пријепоље?“

Реков: „Не, не... Во Приједор.“

Таа пак праша: „Во Прњавор?“

„Не, не... Во Приједор.“

„Чекајте, оној Приједор?“

„Да, оној Приједор.“

„...Значи, тука мојот Данило...“

2.

Смрдеата на минатото на градот се ширеше и ќе помине доста време за ние, кои бевме тука, да ја оставиме зад себе, да се погледнеме в очи, Борисе Давидович, и да речеме

беше така, беше страшно, студено им беше на комшиските коски. 

 

2007.

1.  ВОЛФГАНГ БОРХЕРТ, „ГЕНЕРАЦИЈА БЕЗ МИЛОСТ“ 

„Kada budem mrtav i beo

ja bih ipak nekako hteo

da makar nekakva

svetiljka budem.“ 

(Волфганг Борхерт, мото за филмот KAD BUDEM MRTAV I BEO на Живоин Павловиќ, 1967, со Драган Николиќ во улогата на Џими Барка)


2.

А што всушност ако е стареењето само пропуст на еволуцијата?

Се чини дека сме родени за да бидеме доволно долго за да ги пренесеме нашите гени на следната генерација. Гените кон генерацијата. Од еволуциско стијалиште, сè над 30 или 40 години максимум, е вишок.

Сè преку оствареното потомство еволуциски е неважно.

Да се биде дедо, значи, уште значи одвишно убедување дека нашето потомство го пренело генетскиот материјал потаму.

Кога би старееле со брзината со која старееме меѓу дваесеттата и триесеттата година од животот, би живееле стотици години.

Но, по триесеттата, сè нагло и необјасниво се забрзува, и човечките брзо преминуваат во кучешки години. Така и цвилењето и подвиениот опаш, и тагата во погледот, наеднаш стануваат очигледни за караваните што врват.

 

 

 

2008.

1.  ОТПУСНО ПИСМО 

Знаеш, некој би морал да им каже на овие

Европјаниве, дека Савле од Тарс

Шаул ‒ шатороправачот и најплодниот евангелизатор ‒

Во Дамаск станал свети Павле,

Во Сирија.

 

2.

Замисли ‒

Исус не видел снег.

 

Пред 13 години во ров сфатив како нечујно

Да носам пушка, како нараменицата да ја обмотам околу рака

Без металните делови да се допираат и да прават шум.

 

2009.

1. ПОРАЗНА СЛИКА НА СЛОБОДАТА 

Помина премногу време и наскоро нема да има никого да го прифати признанието на срамот. Се чини, колективното сеќавање само тоа го чека.

Дека нема кој да признае дека нема кому да се признае.

Тоа претставува голем капитал за повторување.

Тука е суштината на поразот.

2.

Медицинскиот техничар во возилото за брза помош во Приједор се вика Данило Киш.

И е риболовец.

Жал му е но не знае да ми каже дали кога било го возеле Борис Давидович.

 

 

2010.

1. ПРЕПИПУВАЊЕ 

Ако е уметноста давање утеха, ако е таа емпатиска прегратка ‒ тоа значи да се засака својот мартириум, својата маченичка судба. Разложувањето на дословноста во интимизацијата на трагичкото ‒ тоа во Босна значи станување уметник ‒ на својата нерамнодушност да ѝ веруваш од срце.


2.

Себе сум си осаменик, безлисна бреза, зајче со едно уво... Себе сум си дете кое штотуку научило да зборува... Себе сум си зашалавен со некоја дамна смеа од некоја дамна доба... Себе сум си оној кој ја носи својата прашина на крајот од шумата... Себе сум си ламба од хартија... Себе сум си збир од капки од штотуку престанат дожд ‒ кој светка врз пајакова мрежа... Себе сум си обид за пеење завршен во светското пелтечење.

2011.

1. УШТЕ НЕШТО ЗА КУЧКИНИТЕ СИНОВИ 

Прво нејзе ѝ рекол.

Дека има длабоки очи.

 

Подоцна нам ни се колнеше

Дека му се тоа

Најдлабоко

Извадените очи.

2.

Со ударна игла ништо не се шие

Од птица во пушка.

 

Стани Елеазер

На јазикот му е жешко во устата.

 

 

2012.

1. ПОВОЕНИЦА, НЕСОНИЦА 

О мрак...

Сава рака тини.

Бија баја.

Темна

Сава рака.

Тини бија.

Тика така бум.

2.

Куќа која отишла да ги преноќи своите букви.

Ножички, наказички, брончаници, сребреници.

2013.

1. РАЗГЛЕДНИЦА НА МОРЕ 

Идната година се сто години од Првата војна. Годината 1914 земјава, Босна и Херцеговина, значи, истава територија, имала шест гимназии!

Во стоте години се случија три војни ‒ и тоа какви три војни. Од шесте гимназии, преку трите војни, до приватни факултети во секоја трета куќа и заковани музеи.

Не постојат народ, семејство, нива, шума, град, селце, а да не се наполно згазени во една од трите војни. Од секој варош исчезнувале глави (машки, женски, детски) во една од трите погубарници.

2.

Книжевноста не решава ништо. Процесот на пишување е кулминациска точка на внатрешните катастрофи, која се шири во некоја ‒ нула.

Ништо песната не ѝ може на мрачноста на добава. Јазикот има потреба да се движи, да го мрда телото напред. Искрењето при тоа движење е поезијата. Тоа што нашиот јазик (СХБЦГ) се движел наназад, рушејќи се притоа сам себе, самоповредувајќи се ‒ резултирало, во мојот случај, со поезија присилена да светка по тоа минато. Јас не ја избирав тематиката на своето пеење. Ќе да е дека таа ме избрала мене. Станува збор за добро подготвено морање.

 

 

 

2014.

1. НОВИ 

Стаорите не добиваат срцеви удари.

Немаат ни Алцхајмерова болест. Стаорите не стареат бавно, како ние, туку нагло клапнуваат, нагло и брзо им атрофираат мускулите.

Опитниот стаор во кој вбризгале крвна плазма на осумгодишно дете, бил за цела минута побрз во барањето излез од поставениот лавиринт, од обичниот стаор полн со стаорска крв.

 

2.

Минута по минута.

Како клинци од детски ковчези, кога ангелите ќе ги расчеканчат.

2015.

1. ФАРМИ, КОЖИ, РЕБАЛАНС 

Вистинскиот Оскар Шиндлер, не Спилберговиот,

Веднаш по Втората војна избегал од Германија во Аргентина

преку еден од оние стаорски канали.

 

Не требало многу од емајлираните садови

на Шинглерјуден

Оскар да се префрли на новиот бизнис ‒

Фарма на пилиња и возрасни аргентински даброви.

Работата одела одлично

Германија му го одзела државјанството

Како на истакнат член на SS

дабровите отпрвин биле мошне барани:

 

Некои женски вратови ја сакаат благата одрана нежност

На возрасните даброви.

 

Пилињата пак целото животче го минуваат во комори

Толку збиени што никогаш не успеваат да ги рашират крилцата

 

(Со врело железо им ги затапуваат клунчињата

За меѓусебно да не се ослепуваат и убиваат во

Таква близина и со толкави крилја).

 

Германија му го враќа државјанството

Овојпат е истакнат индустријалец и спасител!

Но одново се врти емајлираната чинија и работата му пропаѓа

И сите даброви му ги истребуваат; сите баш.

 

Моше Бејски го доведува Оскар во Ерусалим

Сега е херој кој 1200 луѓе спасил од нивниот сопствен чад.

 

Оскар почнува да прави ужасни сцени

(Крај Мртвото море имал љубовница со име Ева Киш).

 

Дури и оние од Листата на спасените го избегнуваат

И пијаниот Оскар сега мавта со кладилничарските тикети

Како некогаш со изземените имиња од кланичките листи. 

 

2.

И само понекогаш

Со кошер пилешкото

Го сеќавал оној емајлиран сврбеж

Гадниот сврбеж на вратот.

 

Како од дабровото крзно од Буенос Аирес.

 

 

 

 

 

2016.

1. ДИЗНИЛЕНД, КАПКАЊЕ 

На одбележувањето на 25годишнината од затворањето

на блискиот логор

Се степале бившите логораши

Околу заслугите за комеморирањето.

 

Полицијата која некогаш ги тепала

Сега ги раздвојувала

Немојте луѓе срамота е.

 

2.

Бранко го нашле после 25 години:

прекуглибска коскена збрка

и две камчиња

со намера да бидат очи на Снешко Белчо.

 

 

2017.

 

ГРЛО ЗА ГРЛО, ПРЕГРАТКА 

Истиот 10-ти јануари 1914-та и Матош и Андриќ ги оперирале грлата во Загреб

Матош имал 40, Иво 21 година

Докторот Драгутин Машек на АГМ му го отстранил гркланот

И ене уште се чува во формалдехид

Како некогаш пак да ќе клика и голта

Докторот Оскар Александер, приватен хирург, го отворил Андриќевото мошне замолчано грло

И со скалпер ги остругал мандулите

Два месеца подоцна умира Антон Густав

Во маки и задушувања од пустиот врат

Додека Иво во половина глас си шепти со младобосанците за обезгласувањето на Надвојводата

На Видовден.

 

2.

Штом се појавил плишот и заплишувањето на играчките

Веднаш се завлекувале плишни глисти

Во стомаците на играчките.

 

2018.

1.  ЕДЕН Е ВЕЌЕ СЛУЧАЈ 

Неповторливиот случај се паѓа во Двоина.

Така моето пеење во истата „аритметика на сочувствувањето“, врзувајќи се за конкретен поединец, веднаш го упејува и неговиот Пад, неговиот трагизам.

Тој Еден е содржателот кому додадените нули не му ја зголемуваат несреќата, оти тој веќе престојува во несреќата по себе.

Поезијата се носи со тоа внесувајќи Милост кон тој Еден, оти тој е проекција на Мноштвото.

Милоста, значи, како аритметика на емпатијата за Еден.

Тој Еден, тежок е за една солза колку и за еден куршум.

Тој се издвојува од рафалот носејќи го истото количество смрт, истото количество несреќа и потребува исто количество Љубов.


2.

Така нè учеше Борхес дека нè учел Исус. 

 

 

2019.

1.  ВРТИМУШКА 

Всушност ништо не стигнав да направам, ми се чини ништо не успеав да одградинарам, освен однегуваниот сомнеж запишан во тефтерчето на градинарскиот калфа.

И пустината и градината траеја само една предолга ноќ, една та иста ноќ, бекетијански ист стих, сушен на сонцето од претходниот ден во мене.

Денес знам дека утре не заминувало.

2.

Но, јас сум во градината сè пократко и сè пониско сум спрема хоризонтот.

 


2020.

1. ДАЛЕ(КОВИД)НА СЛИКА 

Тројца ампутирци се селфираат на клупа во двор на Дом на борците.

Кај баба, на село, имаше три партизански Споменици на ѕидот закачени, за децата и мажот запалени во Јасеновац.

Во четвртиот чин истрелуваат.

Ѕидот се руши.

2.

Син на мртов воен херој.

Лежи на онкологија.

Му ги отстраниле тестисите.

 

На Ајфонот убива Дигимони.

Инфузијата му капе со пореметен ритам, оти постојано мрда со прстите.

Ќелав, без веѓи, во слушалките му куца гласот на Том Вејтс, ѝ намигнува на мајка си во црнина.

Еднаш стариот го сочека пред Музичко и го однесе на колачи, помисли.

 

Низ дисплејот му се излешуваат младите Покемони.

Се излешуваат, вели.

 

2021.

1. МИТРОПОЛИТЕН ОПЕРА 

Либрето со носење на мртвиот, од зараза починат, низ град

Сè е како некогаш и Газиместан дошол во Подгорица

Младината клечи на целиот плоштад оти поминува колата со лешот

Како ајатолах до носат полн со вирус

А иако сè е сред пандемија, баш никој не носи маска како

Маската да е нешто од запад, американско нешто и нивно нешто.

2.

Без оглед на целата кабаретност

Два вода војска и полковник покојник

Исус со калаш стварно ви велам во тие денови.

 


 

 

ЕПИЛОШКОТО РАМНИШТЕ

 

Пред руинираното зградиште на предвоената робна куќа ПАТРИЈА, нечиј дедо продава зајчиња по цена од 10 и 15 конвертибилни марки по зајче.

ПАТРИЈА на латински значи татковина, домовина, а така се вика и највисокиот врв на Козара, во близина.

 

Во два кафеза. Зајците и татковината.

* 

Александра Зец е од Загреб.

Имаше 12 години кога ја убија, на Сљеме, пред 25 години.

 

Татко ѝ беше од Приједор. Со мајката ликвидиран истата ноќ.

Таткото беше Србин, мајката Хрватка. 

* 

Дубравка Зец е од Приједор.

Има 55 години и веќе 25 е сама.

И полудена.

Татко ѝ беше професор по физичко во гимназијата, ракометар.

Во Омарска го претепуваа и претепуваа.

Братот ѝ го убија пред очи. 

* 

Не знаев дека има презиме Зец кај Хрватите, ми вели френд.

И, се вели ли Зајаци или Зајци?

 

Додава и дека не знаел дека убиеното загрепско семејство Зец е закопана во Приједор, и прашува дали го нашле Дубравкиниот брат во некоја од овдешниве јами? 

* 

Дубравка веќе со години изгубено чекори низ градот.

Слаб, висок, кусопотшишан, збунет, преплашен ангел.

Во капут.

 

Влегува во театар, во кино, на концерт, во црква, православна, католичка, зборува со себе, шепоти, влегува на гробишта, излегува...

 

Сама живее, без струја, без греење.

Се осврнува. Никој.

Секогаш сама. Секогаш сама. Секогаш. 

* 

Има и место кај Приједор ‒ Зецови.

Пола српски зајаци, пола бошњачки.

Два кафези‒татковини.

 

 

 

 

На фотографиите (од 1 до 17) се прикажани сцени од следниве филмови „од регионот“ кои се занимаваат со воените и поствоените состојби во (пост)југословенските земји:

1, 2, 3, 4, 5, 8, 11 и 13 - Dubina dva (Ognjen Glavonić, 2016)

6, 9 и 10 - Teret (Ognjen Glavonić, 2018)

7 - Aida (Jasmila  Žbanić, 2020)

12 - Abdul & Hamza (Marko Grba Singh, 2015)

14 - Na vodi (Goran Dević, 2018) 

15 и 16 - Domovine (Jelena Maksimović, 2020)

17 - Pejzaži rata, pejzaži mira (Aron Sekelj, 2017)

 

 

 

Превод и избор на фотографиите: Никола Гелевски

Слични содржини

Балкан / Книжевност / Историја
Балкан / Книжевност / Историја
Книжевност
Книжевност / Историја
Пандалф Вулкански

ОкоБоли главаВицФото