Ретроспективна изложба на Васко Ташковски

21.10.2021 12:13
Ретроспективна изложба на Васко Ташковски

Националната галерија организира ретроспективната изложба на академик Васко Ташковски, водечки претставник на надреализмот, фантастичното сликарство, еколошките и космичките теми во македонската ликовна уметност, со широка афирмација на Балканот, во Европа и светот.

Изложбата ќе биде отворена вечерва (21 октомври), во Даут Пашин амам, со почеток во 20 часот, каде ќе бидат претставени слики, акварели и цртежи од сите творечки фази на авторот.

„Според повеќето современици, придонесот на Васко Ташковски во современата македонска уметност уште на почетокот на творештвото се истакнува преку следењето на една сопствена тивка и ненаметлива ликовна патека која му овозможи најсоодветно да го транскрибира авторскиот ракопис во континуитет до денес преку сликарство кое е класично според својата пластична структура, а воедно и надреалистичко фантастично во поетична смисла, со прецизен минуциозен цртеж и тонски раскошна палета. Конкретно, исклучителноста, односно издвоеноста на неговото многуслојно творештво само за себе, но и во конкретното историско опкружување, се согледува во истрајното истражување на овие надреално фантастични визии како константен предизвик, определба која постојано ја надградува со нови теми преку кои е препознатлив како единствен сликарски феномен во современото македонско сликарство“, стои во најавата за изложбата.

За значењето на Ташковски надвор од рамките на нашата земја, неизбежен е податокот дека тој е единствен македонски автор (во времето еден од двајцата југословенски сликари застапени во ова издание), кој е претставен во едицијата „Сликари на фантазијата (од Хиеронимус Бош до Салвадор Дали“ / “Painters of fantasy (from Hieronimus Bosch to Salvador Dali)“, од 1974 година, во издание на Phaidon, а по избор на Вилијам Гаунт. (Вилием Гаунт, Фантастично сликарство од Хиеронимус Бош до Салвадор Дали, Федон, Лондон, 1974, и Grafički zavod Hrvatske, 1980).

Влијанијата и рефлексиите од надреализмот и фантастиката, авторот ги трансформира во негов автохтон јазик со специфични елементи презентирани преку повеќе ликовни дисциплини: сликарство, акварел и цртеж, со импресивна бројка на дела: околу 1.000 слики во маслена техника, над 3.500 акварели, над 1.000 цртежи, а понатаму и графики, сценографии и над 12.000 секојдневно дисциплинирано изработувани идејни скици.

Васко Ташковски е роден на 31 август 1937 година во Нижополе, Битола. Средно уметничко училиште завршува во Скопје 1958 година. Дипломира на Академијата за применета уметност во Белград во 1964 година.

Од 1966 до 1991 година работи како сценограф во Македонската телевизија. Покрај сликањето во маслена техника работи и акварел, цртежи и графика. Има реализирано над 50 самостојни изложби, а учествувал и на повеќе групни изложби во земјата и во странство.

Добитник е на многубројни награди и признанија, меѓу кои Награда на СУБНОР „4 Јули“, Белград (1977), Октомвриска награда на СР Македонија, Скопје (1978), Медал на трудот од Претседателството на СФРЈ. Белград (1980) и др. Во 1994 година станува дописен член во МАНУ.

 Слика: Лабино, 2008, Васко Ташковски

ОкоБоли главаВицФото