Поттик и резултат

22.10.2021 14:14
Поттик и резултат

 

Летото 1974 година на Струшките вечери на поезијата ќе се одигра еден од најдраматичните настани поврзани со овој фестивал.

Помеѓу првите гости на фестивалот во Струга таа година пристигнуваат – два дена пред почетокот – белгискиот поет Жак Изоар и еден дански поет – на чие име не можам да се сетам. Данецот беше необичен: зборуваше руски, пиеше вотка и, под нејзино влијание, честопати извикуваше (на руски!): „Данската кралица на бесилка!“ Белгиецот беше повлечен, не зборуваше многу, но го интересираше сѐ наоколу, и беше нестрплив да ја види околината. Беа мошне различни и не покажаа многу интерес еден за друг. Двајцата беа сместени во хотелот „Бисер“. При нивното запишување во книгата на гостите дојде до мало недоразбирање: Данецот беше запишан дека е во собата 212, а Белгиецот во 213, но тие на пултот ги смешаа клучевите – Данецот го зеде клучот од собата 213, а Белгиецот од собата 212. На портирницата беа предупредени дека згрешиле – но тие рекоа дека тоа е сеедно. Настаните што потоа се одиграа покажа дека не е сеедно.

Белгискиот поет, Жак Изоар, веднаш најде начин да отиде до Струга, таму најми велосипед на час, и притоа купи, во блиската трафика, едно мало нотесче со карта на Македонија од внатрешната страна на кориците. Со велосипедот Изоар се врати до „Бисер“, а потоа продолжи на југ по мошне лошиот пат. Во еден миг му се виде привлечно езерото: го скри велосипедот во грмушките, се соблече и заплива. Откако се врати назад на брегот, се облече и тргна пеш низ ниската шумичка, по кривулестите патеки што одвреме-навреме со губеа во честакот. Лутањето на поетот беше прекинато на еден жесток начин: во еден миг некој скокна врз него, му навлече вреќа врз глава, потоа неколкумина невидливи насилници му ги врзаа рацете и нозете, го грабнаа и, со трчање, го понесоа низ шумата. Тој протестираше, викаше, преташе во обид да се ослободи, но ништо не помагаше – грабнувачите го држеа цврсто и го влечеа по угорници и удолници, низ карпи и шибјаци, не прозборувајќи ни збор.

Конечно пристигнаа до целта: тоа беше милициската станица на пограничното село Лин. Тој се наоѓаше во Албанија! Се појави некој што зборува француски, и белгискиот поет разбра дека е обвинет за илегално влегување во земјата. Остана таму под строг полициски надзор неколку часа додека од Тирана не пристигна истражна екипа која беше убедена дека в раце им попаднал опасен странски шпион. Изоар ги убедуваше своите иследници дека е белгиски поет, дека е дојден по покана на Струшките вечери, дека е отседнат во хотелот „Бисер“, дека само сакал да се прошета низ шумата и дека немал намера да ја мине границата... Иследниците го беа нашле во неговиот џеб нотесчето купено во Струга и со многу внимание ја гледаа картата на Македонија во него. На тврдењето дека е поет, дека нотесчето го купил да запишува песни, дека само сакал да се прошета, иследниците одговараа со отворен сомнеж. Очаен, Изоар тогаш почна да ги моли да проверат по телефон во хотелот „Бисер“ и да се уверат дека тој таму пристигнал по покана на Струшките вечери; конечно, иследниците решија да ја направат таа проверка. Телефонираа во хотелот и прашаа дали таму има некаков белгиски поет кој се вика Жак Изоар. Се разбира, замената на клучевите сега се покажа како фатална: бидејќи Изоар беше сместен, според хотелската книга на гостите, во собата 213, од рецепцијата се јавија во таа соба, а оттаму одговори данскиот поет (на руски!): „Я здесь!“ Одговорот од рецепцијата на хотелот беше дека гостинот, белгискиот поет Жак Изоар, е сместен во хотелот и дека во овој момент се наоѓа во својата соба!

„Признајте, кој сте вие, кој ве пратил во Албанија и со каква цел?“ беше следното прашање на иследниците.

Изоар остануваше при своето тврдење дека е белгиски поет кој се вика Жак Изоар, и дека... но иследниците имаа во рацете цврст адут: оттаму, од Струга, од хотелот, беа потврдиле дека поетот под тоа име е во својата соба!

Испрашувањето траеше неколку дена, но до управата на Струшките вечери дури вториот ден од Фестивалот пристигна сознание дека нешто не е во ред: гостинот од Белгија допатувал со авион во Скопје, бил пречекан на аеродромот и пренесен со автобус до Струга, се сместил во хотелот – а веднаш потоа исчезнал! Податоците полека почнаа да се поврзуваат, некој се сети за телефонскиот повик од Албанија, заплетот со клучевите почна да се расплеткува и, на крајот, откако учтиво ја одби поканата да остане десетина дена во Албанија и да се запознае со големите успеси што ги постигнува тука работничката класа во изградбата на земјата, Жак Изоар беше испратен од албанските граничари до албанско-југословенската граница, носејќи в раце подарок – комплетни дела на Енвер Хоџа преведени на француски, во кожна подврзија!

Неколку години потоа се сретнав во Жак Изоар во Белгија и, седејќи со него во некое кафуле (во стариот дел на Лиеж, ако добро се сеќавам), побарав да ми го раскаже, во детали, неговото необично патешествие. Откако ми ги раскажа сите перипетии, ми рече дека, впрочем, тој напишал и една песна за тоа и може да ми ја даде. Помислив дека би било интересно да ја преведам песната и со неа да го напишам, како коментар, сето ова што го раскажав погоре. И, еве ја песната:

 

СЕЛОТО ЛИН

Две тркала во тркалезна вода

И лен, рамото...

Окови, никаквеци, зазбивтан здив.

Залив во кој спие езерото.

Едно дете ме гали

во чест на сите удавени.

Крени ги, поради тоа, знамето и кормилото

пред иконата или вртимушката.

 

Откако неколкупати ја прочитав песната, не успеав да согледам во нејзините стихови речиси никаква врска со драматичниот настан и му го кажав тоа на авторот.

„Гледаш“, ми рече тој, „јас бев поттикнат од името на албанското село во кое така неочекувано се најдов. Го видов натписот пред влезот на милициската станица: Лин.“ (Мое објаснување: на француски, зборот би се прочитал „лен“ и значи, како и во македонскиот, лен.) „Тоа ме потсети дека во детството мајка ми пред спиење ме облекуваше во ленена кошула и така, асоцијациите појдоа во тој правец...“

(мај 2020)

Цртежи: Saul Steinberg

Извор: Viola arsenica, Белешки за поезијата; Готен, 2021.

 

ОкоБоли главаВицФото