Невидливи практики / (Не)практична поезија

23.10.2021 15:00
Невидливи практики/(Не)практична поезија

Ако сега не напишам, не запишам, нема ни да се знае. А зошто би се знаело? Шкарт-праксата продолжува. Неименувана. Невброена. Непопишана.

тогаш 1/кратко:

> Групата ШКАРТ (Ѓорѓе Балмазовиќ и Драган Протиќ + соработничките и соработниците) настана кон крајот на минатиот век, 1990, во напуштеното графичко ателје на Архитектонскиот факултет во Белград.

сега:
Практиката на работење во колектив и со колективи е секојдневна и во неа користиме различни искуствени алати. Во оваа кратка починка ќе ги запишеме акциите што ги имаме во последните три месеци, од кои секоја, на свој начин, се занимава со примена на практична и (НЕпрактична) поезија.

ДЕЦА ОД МЕСЕЧИНАТА

тогаш 2/кратко:

> Во соработка со Групата 484 и Ивана Леко од 2007 година работиме со деца во Домот за деца без родителска грижа „Вера Радивојевиќ“ во Бела Црква. Така настанаа ДЕЦА ОД МЕСЕЧИНАТА, со цел како хор – социо-уметнички колектив – да имаат повеќе можности да излезат од дома, да патуваат, да запознаваат други средини, други стварности и други деца.

сега:
Преку лето во Домот остануваат деца што немаат каде да одат и кај кои никој не доаѓа. Лето е, распуст, сите се во оградениот двор. На капење во блиското езеро воспитувачите не ги водат за викенд „затоа што е гужва“. Отидовме баш за викенд, со предлози секој ден да ги водиме некаде.

ден 1: мокриот рид
Сите мали и понекои големи (15 деца) + домскиот пес Медо + воспитувачката и ние двајцата = тргнуваме во попладневна прошетка. Кога стигнавме на ридот, небото малку се накостреши. Погледот на градот и на соседните Карпати е опислив, ама поубаво е да се пише дека е неопислив. 1576187187461867157 прашања каде е, што е. Брканица, брканица. Слободаааа. Срамежливиот дожд ни даде знак дека треба да тргнеме назад. Штом од ридот се спуштивме во градот, почна лудо да истура, најлудо таа година. Секако, сите „фини луѓе“ одеднаш исчезнаа од улиците, се испосокрија по дома, по автомобилите, продавниците. Нигде никој. Што да правиме? Досадно е да чекаме под стреа, веќе сме целите мокри. БАШ НИ Е ГАЈЛЕ, АЈДЕ ДА ТРЧАМЕ! рече малиот Дуле. И сите веднаш прифативме. Влетавме во тротоарските дождовни канали, до врв полни, се прскавме, застанувавме под продупчените олуци на бесплатните улични водопади, скокавме во барите. Мокриот град беше само наш. ОВА Е НАЈУБАВИОТ ДЕН ВО МОЈОТ ЖИВОТ! извика, а кој друг ако не малиот Дуле, потполно мокар и, за да ја потврди својата званична изјава, важно легна во уличниот канал полн топла летна дождовна вода.

ден 2: мократа река

Сите мали и понекои големи (15 деца) + домскиот пес Медо + воспитувачката Драгана и ние двајцата = тргнуваме во попладневна прошетка. Еден час одење до Нера, плитка, дива, велат вулканска планинска река, која во банатската рамница доаѓа од Карпатите. Попат Кристијан праша: ШТО ЛИ ПРАВАТ БОГАТИТЕ КОГА НИШТО НЕ ПРАВАТ? Одлучуваме таа тема да ја чуваме за попладневната работилница. Стигнуваме на реката и скокаме во водата од која извираат црвени камчиња. Поплитка е отколку кој било вчерашен дождовен канал.

Видовме чудесни тиркизни пеперутки што се одмораат на гранката од потопеното стебло, наредени како изложба на изгубени обетки. Се ѕверевме во нив сѐ додека не се сетивме дека треба и да се капеме. Моравме сами. Дождот забушаваше.

истиот ден, попладне:

Хорска работилница во фискултурната сала. Првиот пола саат другарска тепачка на простирки. Потоа седнуваме во круг со договореното утринско прашање: ШТО БИ ГИ ПРАШАЛЕ БОГАТИТЕ? Се изјаснува тој што сака, на крајот ги прашуваме и тие што се посрамежливи. Ги запишуваме одговорите. Последна се јави Љиља, и кажа случајна рима:

НИШТО НЕ БИ ГИ ПРАШАЛА, АМА НЕКА СЕ ЧУЕ МОЈОТ ГЛАС
НЕ ЗНАМ НИЕДЕН БОГАТ, НЀ ЗНАМ САМО НАС

Во текот на паузата за вечера од запишаните изјави составуваме песна. Вечерта, во дворот, на големо одушевување на децата, зашто си ги препознаа прашањата и изјавите, заедно ја пробуваме работната верзија на дворскиот рап. Плескаме во ритам и се дереме на цел глас:

ГИ ПРАШУВАМЕ БОГАТИТЕ

а)
би ги прашал богатите
дали мора да работат
и што ли прават
ако ништо не прават

б)
би ги прашал богатите
дали некогаш спијат
откако богатството ќе го скријат
дали раце мијат

в)
би ги прашала богатите
додека дремат, зеваат
зошто пари не им даваат
на сите што немаат

г)
би ги прашал богатите
другари дали имаат
или само камати и долгови
по цел ден собираат

д)
ништо не би ги прашала
ама нека се чуе мојот глас
не знам ниеден богат јас
нѐ знам само нас – нас

ХОРКЕШКАРТ/ХОРКЕСТАР

тогаш 3/кратко

> Хорот и оркестарот ХОРКЕШКАРТ го оформивме во 2000 година на претставувањето на акцијата ТВОЕ ГОМНО – ТВОЈА ОДГОВОРНОСТ. На огласот за хорската аудиција во Центарот за културна деконтаминација, пуштан на Радио Б92, се јавија дури 70-ина заинтересирани. Сите се веднаш примени... и така, непланирано, настана овој прв повоен алтернативен хорски колектив, кој самоорганизирано продолжи да работи, да настапува, да се дружи и да патува.

ХОРКЕШКАРТ го напуштаме во 2006 година, кога хорот и оркестарот го менуваат своето име во (како поинаку ако не) ХОРКЕСТАР и – самоуправно опстанува сѐ до денес, 21 година подоцна.

сега:
ХОРКЕСТАР доби покана да направи песна што би повикала на граѓанска одговорност и вклучување во гласачките процеси.

Текстот ни го препуштија нам. Одлучивме да го напишеме во колективен дијалог. Со низа работилници, на кои сите членови на хорот донесоа по 2-3 протестни песни што нешто им значат, со анализа на темите, стиховите и музичките стилови, како и конструктивни критички коментари за туѓите избори, дојдовме до костурот на песната. По една недела осамување, кроење и прекројување, одземање и ново одземање настана песната за пеење:

УТРЕ

ова денес не е утре
го знае тоа секое кутре
ова денес утре не е
стара песна вчера пее

утре може да биде бетер
овие од горе пуштаат ветер
мора подобро утре да иде
ќе се побуниме, па што биде

утре нема само да дојде
ни ден ни ноќ не ќе пројде
утре нема да дојде тукутака
го знаеме тоа од прва рака

утре нема да дојде тукутака
го знаеме тоа од прва рака
а ако се разгориме
а ако се избориме?

-----
утре може подобро да биде
утре може подобро да биде
утре мора подобро да биде
погласни сме и јас и ти, де

погласни сме и јас и ти, де
погласни сме и јас и ти, де
ќе гласаме и јас и ти, де
утре мора подобро да биде

Веднаш, од неколку „добронамерни“ страни страни, стигна коментар дека песната треба да се сменат затоа што неколку стихови премногу директно ја повикуваат денешната власт, конкретно:

утре може да биде бетер
овие од горе пуштаат ветер
и
а ако се избориме?

Хорот сепак колективно одлучува да не го менува текстот! Диригентката Марија Јоциќ ги поддржува. Останува како што рековме, запишавме и впеснивме на работилниците. Заедно со членовите на оркестарот направивме музика и аранжман. Пробите се во тек. Обединетите гласови на побуната што трае.

ПРКОСНИ ПЕНЗИОНЕРИ

тогаш 4/ кратко:

Поетската група ПРКОСНИ ПЕНЗИОНЕРИ ја оформивме 2013 година на работилниците во Геронтолошкиот центар во Зрењанин, во соработка со терапевтката Бригита Меѓо. Со брзописни иницијации на создавањето на песните и читањето во групата, поетесите почетнички и поетите почетници набргу ги ослободија своите непотрошени сеќавања и чувства и продолжија да пишуваат, да настапуваат и да ги објавуваат песните.

сега:
Поради моменталната пандемија, ПРКОСНИТЕ ПЕНЗИОНЕРИ (и сите други пензионерки и пензионери) се изолирани во геронтолошкиот центар уште од 9 март 2020 година. Сега веќе година и пол. И покрај сѐ – не престануваат да пишуваат. Своите песни ни ги испраќаат преку Фејсбук, а ние потоа ги објавуваме и им ги пренесуваме коментарите и охрабрувањата од страна на публиката. Нивното присуство во обичниот живот надвор од капијата, макар и преку поезијата – им значи многу.

Моментално најактивен и најоптимистичен е токму Душан Тодиќ, кој неодамна преживеа мозочен удар, се опорави и повторно прооде. Цело време праќаше песни од болницата, а сега, по враќањето во домот, едвај чека капијата конечно да се отклучи, па да оди од карши во соседното кафеанче, да ѝ го врати на келнерката дамнешниот долг од 200 динари и – да порача кока-кола (веќе не пие алкохол).

Душан Тодиќ неодамна испрати нова љубовна песна:

НАШЕ ВРЕМЕ

Зошто не те сретнав тебе
кога бев млад и снажен,
ќе живеев јас друг живот,
а не овој сосем лажен.

Ќе те носев јас во срце
и ќе љубев очи твои,
по нив еве страдам сега
зашто не беа тие мои.

А ти сега на крајот дојде
кога животот за час ми пројде,
на џукела стара кога ќе ѝ се даде
без заби коска да си јаде.

Сега ставив нови заби
но за снагата ми нема спас,
ми остана во овој час
оддалеку да те љубам јас.

А љубовта на далечина
има свои добри страни:
никој за нас сега не знае
ниту друг среќата ни ја брани.

Ама ќе дојде наше време
ќе се сретнеме бар на крај,
те чекам јас во ресторанот
на призрачниот рај.

Читајте ги ПРКОСНИТЕ ПЕНЗИОНЕРИ. Оваа зима излегуваат самиздат-книги од Паво Мартиновиќ, Ненад Терзиоски и Душан Тодиќ.


НЕПРАКТИЧНИ ЖЕНИ

тогаш 5/ кратко:

Преку соработка со антивоената група Жени во црно во 2000 г. дојдовме до Здружението на самохрани мајки бегалки ЖЕНА – Земун. Здружението го основаа Радмила Жарковиќ (ЖВЦ) и Душица Бурсаќ Бабиќ. Предложивме, наместо немо повторување на фолклорниот вез, како дел од терапијата во работилницата, преку вештината што им е блиска – везот – да кажат нешто за себе. Преку разговори и размени на искуства се раѓаат првите Нови кавијарчиња што охрабруваат неколку жени од групата да продолжат со самостојната работа. Запознавајќи се со жени од други краеви, ја формираат групата НЕпрактични жени, кои почнуваат да изложуваат низ светот и да ги продаваат своите изработки во музејски колекции, ама уште поважно, веќе 20 години непрекинато смислуваат своја „кујнска поезија“ – римуван двостих што го цртаат и го везат на Новите кавијарчиња.

сега:

Со Лека Зеленовиќ се слушаме речиси секојдневно; штом ќе се случи нешто важно, таа реагира и ни се јавува со нови стихови и теми. Еднаш месечно одиме на колачи и ги гледаме нејзините нови-Нови кавијарчиња. Пред две недели се сретнавме во Земун, на пазар, каде што ни ги покажа најновите еколошки кавијарчиња:

1.
со ѓубре места
ко риби се мрестат

2.
во градините место цвеќе
од дрвјата кеси висат одамна веќе

3.
по реките кеси и ѓубре разно
место рибите се прпрелка во празно

4.
метла в рака земи
да го исчистиме овој резил

Бригита Меѓо минатата недела нѐ дочека во Зрењанин, традиционално пиевме квас на брегот на Беге, па нѐ одведе да ни го покаже своето ново молерисување, направено со мостра-валјаци од бит-пазар, и повторно нѐ изненади со нови теми и решенија на кавијарчињата:

1.
сеќавањето на љубовта кога ќе го голтнат маглите
исчезнуваат засекогаш милите и драгите

2.
додека се бира и сонува на животот иднината
правецот го одлучува компасот на судбината

3.
на теве сѐ повеќе, во весниците сѐ подолги рекламите
ко канти за ѓубре ни ги третираат главите


Баш тогаш се јави Ленка, која се вари во својот стан во Нов Белград, и најави нова готвачка, која го прозива загадувањето на планетата. Смислуваме во која слаткарница ќе биде тајната промоција.

Шкарт-акциите секојдневно продолжуваат.
Тоа уште на почетокот го реков?
Немам волја да проверувам.

...и немам веќе време да пишувам.

за ШКАРТ
прота, Белград, 1 август 2021.

Текстот е објавен во каталогот „Домашна работа“ на Кристина Божурска, издавач: КСП „Центар - Јадро“ (2021) 

 

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото