Предавничко срце

25.10.2021 01:39
Предавничко срце

Има едно место во мемоарите кое, опуштен во фотеља, го раскажа Јосип Броз, чие конспиративно име кога бил млад илегалец било Стариот, а сега навистина беше на заминување. Во таа прилика Броз (подоцна Тито) пуфкаше пура, една од оние кои му ги даде Фидел Кастро. Овие двајца ги поврзуваа две нешта: една се пурите, најдобрите на светот, а другата е фактот што двајцата беа неспорни водачи на своите револуции. Денес би можеле да додадеме нешто трето: Сега на сличен начин се брише она што сепак го постигнаа револуциите, а можеа да го постигнат тоа зашто беа автентични. Бришењето на историјата на кое сведочам денес, во својот потесен простор, во себе има нешто фуриозно. Таквото бришење во себе има нешто мошне насилно, и може да потсети на она што стариот Хегел го нарекува Фурија на исчезнувањето во Феноменологија на духот. Хегел го скова овој израз за да опише што се случувало во француската револуција: еден вид самопоништување. Соодветното поглавје има наслов: Апсолутна слобода и ужас. На крајот останува само Фуријата (така стои уште кај Хегел), која го брише секое историско сеќавање.

Хегел го снема како сразмерно млад старец, во фуриозниот налет на колерата, Тито главно го одживеа она што му беше дадено, а ако не се случеше една автентична револуција, неговиот живот ќе го сметавме за авантура. Косачот многупати замавна над неговата глава, но не успеваше да поентира; дури и кога имаше шанса која во фудбалот популарно се нарекува „зицер“.

Значи, онаков човек каков што беше, го раскажуваше својот живот, и тоа лежерно, како да не бил негов, опуштен во фотељата, со пура, гледајќи некој вестерн. Се разбира, имаше тврд став дека лично тој секогаш дејствувал на страната на Доброто, а она што во неговата револуција било насилно, го сметаше за нужна етапа во насока на слободата. Меѓутоа, Тито сигурно не го читал Хегел; имаше доволно потешкотии со Мирослав Крлежа. А во вестерните добриот каубој вообичаено побрзо пука од лошиот каубој и така го убива. Да ги оставиме настрана Хегел и неговата Фурија: Јосип Броз многу сакаше вестерни.

Сега ќе ви го свртам вниманието на еден настан од времето кога Јосип Броз стануваше Тито. Во 1920 година, Броз, кој сè уште безмалку е никој, со својата прва жена, млада Русинка, двајцата со чудни документи, се обидува да излезе од државата на Ленин во која сè уште сè тлее. Нема да верувате, во друштво со него е Јарослав Хашек, кој секако, иако многу постар од Броз, сè уште не е сосема Јарослав Хашек. Двајцата сакаат да одат на Запад. Ги поврзуваат многу нешта. Галиција, ранувањето, заробеништвото, пристапувањето кон Советите. Десет години постариот Хашек, кој подоцна се испили во пакосен но добродушен сатиричар, успеа добро да се искаже како црвеноармеец, стигнувајќи до висок чин. И сега револуцијата го испраќа на Запад како свој мисионер. А и Броз сигурно имал некаква мисија, да речеме, да го пренесе револуционерниот пламен на Балканот, само тоа не се гледало толку јасно како што во новата доба планетарно се следи носењето на олимпискиот факел.

За во подоцнежниот живот тој да биде личноста која за својот роденден, пред сите „народи и народности“, истовремено како нивен најголем и син и татко (а и свет дух), ќе добива штафета слична на олимпискиот факел, и тешко дека во тие моменти воопшто мислел на далечната 1920 година.

А требало да ја помине границата, и тоа не која било, туку токму онаа меѓу двата света. Значи, и тоа како му била потребна ладнокрвноста која многумина кои работеа на епот Тито, подоцна ја опеаја.

Но човекот е чудна машина, а таа машина најмногу ја придвижува - срцето. Мораме да претпоставиме дека срцата на неколкумината сомнителни, кога стигнале до самата граница, почнале да чукаат посилно. Кој воопшто денес патува од земјата на болшевичката револуција, а и самиот да не е болшевик? Евентуално некој шверцер. Но и самата револуција може да се прошверцува како што било друго.

Тоа, сосема реторички, се запрашал офицерот во дворот на тврдината Нарва, на границата со Естонија; значи, во граничниот гарнизон. Се обидувам да го замислам дворот на тоа сигурно не особено весело здание: неговите ѕидови на кои би било многу лесно да се нареди оваа екипа на чудаци... едниот мрмори дека е Чех, другиот не знае што е, очигледно ја бара најпродуктивната лага, третата признава дека е Русинка, а веројатно и она што очигледно го носи во стомакот, како кенгур во својата торба, е Русин, ако не е Чех, или којзнае што е; а сите четворица - се болшевици.

Светската историја - како таква, па потоа и историјата на европската книжевност, би добиле сосема поинаков тек ако естонскиот офицер ја решел работата по кратка постапка, за што никој воопшто не би му замерил. На темата на нероденото дете, не би се изгубило ништо со обвинување на офицерот, зашто детето умрело веднаш после породувањето. Но историјата? Книжевноста? А, малата Русинка е неважна? Швејк не се занимаваше со Русинките, но Броз ете се сети... на ова место во мемоарите и никогаш повеќе.

И кога Броз во својата приказна дојде до тоа, шеретски се насмеа. Зашто целата ситуација, колку и да беше опасна, впрочем беше скурилно комична. Такви се воедно и најдобрите вицови.

Бидејќи сите негираа дека имаат какви било врски со болшевиците, а впрочем, толку паметен будала каков што стануваше Швејк - Хашек како праефигурација на сопствената книжевност - не можеше да биде болшевик, додека Јосип Броз некако се извлече, послужувајќи се со тоа дека бил бравар, значи, со вистината, естонскиот офицер ја повикал циганската черга во која, како и во секоја друга, имало надарени уметници, но повеќето биле репродуктивни вундеркинди. Чергата и претходно била вклештена во слична положба како сега болшевиците (во очите на офицерот), бидејќи такво нешто какво што е чергата никогаш не води сметка за границите и не запира туку така на нив.

Идејата на офицерот, со два збора, била ваква: Тој на свирачите им наредил да ја отсвират - внимавајте: Интернационалата! Циганите кои усташите ги „собрале“ во Јасеновац, хрватскиот Аушвиц, често биле присилени да свират цела ноќ, знаејќи дека наутро ќе бидат ликвидирани. Во таква ситуација, репертоарот на патувачките свирачи мора да биде разновиден, дури и кога свират за бадијала.

Значи, да ја замислиме нашата болшевичка екипа, со очигледно фалсификувани документи (тоа секако му било јасно на офицерот, но нешто го глочкало), која стои во редот, а офицерот оди од еден до друг; чергарите ја свират Интернационалата, tutta la forza, води виолината, а силна е и ритмичката секција која треба да го пренесе ритамот на светската револуција која надоаѓа. Ништо не е пренесено за мечката. На секој од нив офицерот со увото му го наслушува срцето! И така исплашени, нивните срца ќе го оддадат возбудувањето, но и сласта која ја чувствуваат во моментот!

Сметам дека прототипот на детектор за лаги на офицерот сосема успеал. Имал доказ, предавничкото срце ја предало екипата. Самиот си честитал за оваа иновација. Покрај тоа, во дворот почнала да се собира малку публика, ѝ се допаднала музиката. Па тоа и не е толку лоша песничка, мислел офицерот. И потоа ги пуштил во Естонија со овие зборови: „Само да знаете дека не ме зафркнавте!“

Како што реков, можело да биде поинаку. Денешната Фурија на исчезнувањето можела да тргне уште тогаш, во естонската погранична тврдина пред точно стотина години. Но нештата во светската историја се такви што нешто најпрвин треба фуриозно да се создаде, за Фуријата на исчезнувањето, која никогаш не го носи милостивиот заборав на Еуменида, туку носи осветничка омраза која ги чека своите нови прилики - можеби најбројните, најгорчливите, најзасуканите во просторот кој го нарекуваме југословенски архипелаг: острови кои се раздалечуваат; морето е сè поголемо, копното сè помало. А Броз беше клучна личност во создавањето на социјалистичката држава, Јарослав Хашек, пак си направи хартиен споменик во бесмртниот лик на Швејк; велам хартиен, но aere perenius, потраен од месинг. Спомениците на Тито беа од вистинска бронза, но се чини дека таа само симболично трае подолго. Само срцето на Броз беше посилно. Што сè помина тој човек! Имено, Хашек умира од затајување на срцето. Го издаде повторно само три години подоцна.

*******

Стотина години подоцна, значи годината Господова 2020, се случи еден фантастичен, а и фуриозен римејк, но секако усовршен во склад со напредокот кој го постигна човештвото, на претходно споменатиот прототип на детекторот за лаги. Естонскиот офицер се реинкарнирал во умот на некој виш полицаец од нашата доба кој, секако, е информатичар. Откако со децении постоеше некаков преоден облик на детектор за лаги, кој, меѓутоа, исто така ги мереше отчукувањата на срцето, но повеќе механички, сега се гледа дека нештата се движат напред. Лично имав чест да го искусам преодниот облик, и можам да ви гарантирам дека тоа искуство не е пријатно: срцето секогаш ќе ве предаде, колку и да се заколнувате во него!

Човештвото, како што е и ред, напредуваше во сè, новите технологии го преземаа надзорот над човечките срца, а естонскиот офицер не ни можел да сонува за тоа. Тој мануелно ги броел отчукувањата на срцата на сомнителните, но и денес би се запрепастил колку неговиот изум е усовршен. Тој ги фаќал сомнителните по слух, како што свирела по слух споменатата песна на чергарите.

Се работи за следното: на хрватските граници со истокот, значи на рабовите на идната шенгенска граница, годиниве се поставија нови уреди, фантастично чувствителни, кои се во состојба да го регистрираат чукањето на човечките срца во затворени камиони и комбиња! Емигрантските срца и онака чукаат забрзано, а особено во обидите да стигнат до светот, ако не подобар, тогаш секако моментално посреден, и така да спасат жива глава. Емигрантските срца се предавнички срца, иако никој веќе не зборува за Интернационалата. За разлика од естонскиот офицер кој ги пуштил луѓето, задоволувајќи се со тоа што не го насамариле, овие инсталирани доушници - слушајќи го човечкото срце - не простуваат никому зашто срцето му чука забрзано. Ги има четиристотини и нивната работа е да ги спречат луѓето кои имаат срце да влезат во земјата. Основната претпоставка е едноставна: секој имигрант, дури и кога не носи речиси ништо, со себе го носи своето срце.

Тоа едно јадно срце: 5 литри крв во минута; до 20, колку може да испумпа во секој агол на исплашеното тело во ситуација која е опасна и кога се работи за живот или смрт.

Но во сето тоа има една речиси фундаментална разлика. Естонскиот детектор во форма на увото на господинот граничен офицер сакал да разбере што ги придвижува во идејна смисла срцата кои ги наслушнал. Во основа, тоа го сакале и подоцнежните уреди што ги знаеме (ги запознав, реков и јас како лице со сомнително срце) како детектори на лаги.

Меѓутоа, ова ново усовршување на старата замисла воопшто не служи за да се утврди каде политички се наоѓа некое срце.

Епа, да живее напредокот! Egalite, liberte, fraternite! Особено последново: братството на човечкиот род. Инетрнационалата на човечката беда. Па можеби и ќе поживееја Еднаквоста, Слободата, Братството ако тоа го дозволеа Фуриите на исчезнувањето.

На детенцето чија слика пред пет години го заобиколи светот, исфрлено на бреговите на Медитеранот, колевката на културата на Западот, никој не му го наслушуваше срцето. Но зошто оваа колевка беше толку сурова кон него?

На ова место сакам да го забележам неговото име: Алан Курди.

Тоа е името на тој нанос.

*******

Иако поголем дел од животот живеев во малку помек социјализам, кој навистина имаше и некои човечки црти, секое мое преминување беше проследено со забрзано чукање на срцето. Не мислам дека тоа беше заради некоја реална причина, барем не во мојот случај. Иако токму одземањето на пасошот беше честа мерка против оние кои државата ги сметаше за закана. Но во тој архипелаг барем немаше граници, ниту беа потребни пасоши: самата идеја би била апсурдна. Сега, пак, во Хрватска, на пример, на секои стотина километри или помалку има по некој граничен премин, новоизграден, репрезентативен, како секој од нив да е Капија на победата (Arc de Triomphe), осветлен, често бесмислено заглавен заради оваа или онаа строга мерка или противмерка; скараните народи се однесуваат како скарани школски класови. За човек денес да може да допатува со својот автомобил од Загреб до Нови Сад, сакајќи да ја избегне досадата на автопатот, мора трипати да излезе од Хрватска, односно трипати да се врати во неа, за некако да се пробие, постојано возејќи на истото дно на Панонското море, до „српската Атина“. И тоа во еден свет во кој границата помеѓу Германија и Франција едвај и да е обележана: празни контејнери, никакво посебно осветлување, една табла на една страна на која пишува Германија, а на другата Франција. А што сè си правеа едни на други!

Го правеа истото што се правеше и во „проклетата земја Балкан“, како што гласи епитетот за мојот дел од светот со јазикот на германскиот журнализам.

Исто е со границата помеѓу Белгија и Франција. Едно време престојував на самата граница помеѓу Франција и Белгија, во темните шуми прошарани со многу гробишта, во чии стебла и денес може да се најде по некој куршум. Но, границата на локалните патишта не е обележана, лесно ја преминував, а и ги научив по име белгиските таверни кои многу ги засакав... Единствените кои сè уште се интересираат за границите во цивилизираниот свет се операторите на мобилната телефонија; тие се во состојба да ве предупредат ако стапнете еден чекор во „туѓото“; а тоа значи таму каде што тие го собираат својот профит, а не Французите. И тоа е единственото нешто што е важно.

Секако, короната е сосема друга приказна. Границата сега е на два метри.

Но бидејќи мобилните телефони не се далеку од преземање на контролата над нашето движење, претпоставувам дека следен чекор е да ги мерат нашите предавнички срца. Да речеме, на телевизија се пренесува говор на новиот татко (или барем стрико) на татковината, а политичката полиција, која секако ја нема, веднаш знае дали сте добри и послушни деца на својот народ или дали срцето ви чука надвор од ритамот, по свое, за ништо.

Но, човекот е таква машина: сè е до хидрауликата. Старите, пак, за срцето размислувале поинаку. Не е ли срцето на Шопен, потопено во коњак (тоа е израз на љубов), прошверцувано од Париз во Варшава за да се чува во Црквата на светиот крст во полската метропола? А тоа е само едно од славните срца на човештвото.

Денес срцето се наоѓа на бонбониери и како емотикон.

А, сепак, многу е тешко да се замолчи предавничкото срце.

Август 2020.

Циклусот текстови „Архипелаг Југославија - од 1991 до денес“ го објавуваме во соработка со Традуки.

Превод: Алек Кузмановски

Фотографии: Birthe Piontek

ОкоБоли главаВицФото