Изложба на Ивана Самандова во Музејот на град Скопје

25.10.2021 11:36
Изложба на Ивана Самандова во Музејот на град Скопје

Изложбата „Сите мали нешта - микрокосмос“ на Ивана Самандова ќе биде отворена во вторник, 26 октомври, со почеток во 20 часот, во Музејот на град Скопје. Авторката е добитничка на годишната награда „Борко Лазески“.

Во договор со семејството на Борко Лазески (кое на Музејот на град Скопје му ги подари картоните од овој уметник употребени за реализација на големата „Фреска за НОБ“ реализирана во аулата на Старата железничка станица во Скопје во 1958.) Музејот на град Скопје секоја година организира самостојна изложба на студент од Факултетот за ликовни уметности од Скопје кој во претходната учебна година ја освоил наградата „Борко Лазески“ за инвентивни достигнувања во сликарскиот оддел.

Овој проект на Самандова вибрира помеѓу нејзините настојувања активизмот да го реализира со помош на повеќе изрази во медиумот: инсталација, објект, цртеж, слика, светлина, текст. Посетителите сами ќе можат да се уверат во убедливоста на овој сплет од понудени уметнички настојувања.

Ивана (Ивна) Самандова е родена во Скопје, 1997 година. Во 2016 ги започнува своите студии на Факултетот за ликовни уметности при Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ во Скопје. Дипломира во 2020 година, на отсек сликарство и модул реставрација и конзервација. Нејзиното творештво опфаќа процеси на опсервации и истражувања, најчесто насочени со интерес кон општествените проблематики, однесувања, интерконекции и прогрес, подоцна пренесувајќи ги преку интердисциплинарна медиумска уметничка практика.

Изложбата ќе се одржи согласно сите протоколи за заштита од Ковид 19.