1016 hPa
37 %

27 °C
Скопје - Нед, 13.07.2025 21:59
Со сите сили се опирав на намерата на татко ми Илија да ме испрати да учам гимназија во Прага, главниот град на поранешна Чехословачка. Тетин ми беше аташе за култура во амбасадата на поранешна Југославија и тој и тетка ми му предложиле на Илија да ме испрати кај нив, зашто куќата во Скопје ни беше оштетена во земјотресот 1963-та толку што во неа не можеше да се живее. Во еден белградски комисион Илија ми купи фармерки „левис“, во конфекцијата „Клуз“ ми одбра костум и ме качи на воз. Моето знаење за земјите на советскиот блок беше ограничено, но ме плашеше тоа што рокенролот беше забранет. Ме плашеше и тоа што, освен чешки, ќе треба да учам и руски јазик. Третиот ден по пристигнувањето, почна учебната година. Од првиот ден се чувствував како црна овца. Директорот на елитната гимназија ми забрани да доаѓам на часови во „левиските“, се степав со еден Бугарин кој седеше две клупи пред мене, моето знаење англиски ја обеспокојуваше класната која ни предаваше руски и чешки, а соучениците ми завидуваа. Првиот месец дури и не забележав колку е убава Прага. Седев дома и со речник читав еден руски и еден чешки историски роман. Наизменично, за да не избудалам. Вториот месец, мојата осаменост и изолација беа надминати. Фармерките, „бајадерите“, американските цигари што му ги крадев на тетин ми и првата лонг плејка на „Битлси“ ми ги отворија вратите на „подземната“ Прага во која се слушаше и свиреше рокенрол и ритам и блуз. „Бајадерите“ ми обезбедуваа билети за алтернативните театри „Седум мали сцени“, за премиерите на првите филмови на Форман и другите мајстори на „прашката школа“, во најдобрата книжарница ми ги чуваа под тезга првите книги на Кундера, Вацулик и Храбал, ја гледав праизведбата на Хавеловата „Забава во градината“, бев на журката кога беше уапсен и протеран битникот Ален Гинзберг, ги читав списанијата „Литерарњи новини“ и „Пламен“. Ја имав исклучителната привилегија да бидам сведок на прометејскиот придонес на чешката култура за она што подоцна ќе стане познато како „Прашка пролет“, од советските тенкови задушениот обид да се изгради „социјализам со човечко лице“. Прага, чешкиот јазик и култура беа мојата најважна школа.
Ниту во шеесеттите години, ниту кога ми ја забранија претставата во 1977 година и ме протераа од Чехословачка, ниту кога во 1993 година побарав од претседателот Хавел да ја признае Македонија под уставното име, никогаш не ми паѓаше на ум дека, речиси пет децении по стапнувањето на перонот во Прага, знаењето на чешкиот јазик ќе ми притреба за да исчитам здодевни и заплеткани катастарски и нотарски документи од кои се гледа дека фамилијата која владее со мојата татковина во најсуровата фаза на „транзицијата без човечко лице“ ја сфаќа Чешка како резервна татковина.
Прочитав дека Надежда Груева (некои тврдат дека пензионерката има неколку стана во Скопје) е содружник (со 100% платено учество) во фирмата „Нов Јенштејн“, која пак е инвеститор и член на конзорциумот „ДЕВО ИНВЕСТ“. Фирмата ја огласува втората етапа од резиденцијалниот проект НОВ ЈЕНШТЕЈН на работ од источниот дел на главниот град Прага, во општината Јенштејн, богата со урбанистички вредности и историја. Јенштејн е готски замок основан во 14 век. Прочитав и дека првата етапа на проектот се состоела од 140 семејни куќи и апартмани со гаражи и паркинзи и била завршена пролетта 2007 година.
Прочитав и нотарски запис дека трговското друштво Сервис Поинт ММ, со седиште во Прага 4, Михле, Јемницка 345/5, одржало собрание на 16 ноември 2009 година.
Собранието едногласно ја одобрило делбата на трговскиот влог во основачкиот капитал на содружникот Сашо Мијалков во износ од 9.827.000 чешки круни (околу 400.000 евра) на два еднакви дела. Едната половина му ја отстапил на Дејан Спаравало, а другата на Војислав Спаравало. Во документите го прочитав и податокот дека адресата на трговското друштво е и прашката адреса на престој на Сашо Мијалков.
Прочитав и дека куповната вредност за првата половина од основачкиот капитал во вредност од 4.914.000 чешки круни изнесува 13.500.000 чешки круни (околу 500.000 евра), кои Војислав Спаравало требало да му ги исплати на Сашо Мијалков најдоцна шест месеци по потпишувањето на спогодбата на сметката во една банка во Чешка. Значи, најдоцна на 10 јуни 2010 година. Иста таква спогодба Сашо Мијалков има потпишано со Дејан Спаравало. Во неа има една грешка, очигледно резултат на брзање при пермутациите на компјутерски напишаниот текст, но, сепак, произлегува дека на сметката на Сашо Мијалков најдоцна до 10 јуни 2010 година требало да легнат приближно 1.000.000 евра.
А од што се состоел имотот на трговската фирма на друштвото Сервис Поинт ММ, чии содружници од 12 декември 2009 година се браќата инженери Дејан и Војислав Спаравало? Од основен капитал во вредност од 9.927.000 чешки круни кои се влог на двајцата содружници. Но, и од неготовинскиот влог на Сашо Мијалков, кој се состои од пет парцели заведени во катастарот на Прага, а проценети на 3 февруари 2003 година на вредност од 9.827.000 чешки круни. Да не се изгубив во преводот? Или во операцијата со која се покриваат трагите?
Последниот документ е нотарски запис со кој се потврдува дека на 26 април 2010 година браќата Спаравало му ги отстапиле своите половини на некој Фан Хуи Хоа, кој со тоа станал единствен содружник!? Неколку минути претходно, браќата Спаравало (во тој миг единствените содружници) го именувале Виетнамецот Фан Хуи Хоа за претставник на друштвото.
Прочитав и дека директорот на ДБК Сашо Мијалков, потврден патриот, има чешка патна исправа, односно чешко државјанство! Има ли уште држави, освен Македонија, во кои првите контраразузнавачи имаат двојни државјанства?
И, наеднаш, се сетив на композиторот Беджих Сметана и неговата композиција „Мојата татковина“. На чешки, композицијата се вика „Мá власт“. Имено, зборот „власт“ на чешки значи „татковина“. Изгледа дека Мијалков и неговите се на добар пат да ја укинат таа разлика меѓу двата јазика така што „моја татковина“ на македонски ќе значи „моја власт“. Барем дури се тие на власт.
„Шпиц“, 05.01.11.
Слики: Guy Billout
Chitam i ne mi se veruva
Испратено на 12 јануари 2011 од VlatkoChitam i ne mi se veruva !!!
Pa i da bevte braka ili sestri, da bevte duri i plateni advokati na ovie gukeli koi 20 godini ni ja vodat drzavata nemase vaka glasno i strasno da gi branite. Dali vie luge svakate deka ovaa diskusija moze da trae beskonecno bez "pobednik". Vsushnost prasanjeto e, koj e pobednik? Dali onoj koj sto ke dokaze deka onie od negovata partija pomalku kradele ili pak onoj koj ke upotrebi poveke pogrdni zborovi vo svojot komentar. Smesno, zar ne !!!
Do koga ke se raspravate na tolku neproduktivni temi, komjunari, lavovi, patroti, predavnici, so bilo komunjar, so bilo vmro-ovec !!! Vristam od bes !!!
Dali e mozno za 20 godini da postigneme nesto sto e retko videno vo edna drzava. Uspeavme da gi podelime makedoncite na plavi i portokalovi !!! Ejjj, ni 2 miliona makedonci vo ovaa drzava i stignavme da idealizirame 2 lopovski bandi koi operiraat na istite onie sto gi branat.
Fenomen, bez somnevanje !!! Edni i edinstveni !!!
Uste me cudi faktot kako vo 20 godisna parlamentarna demokratija ne se sluci ednas, barem ednas, vlasta i opozicijata da se dogovorat za edna rabota i da recat, pa u p.m., abe ova stvarno e dobro za site, ajde zaedno bez sopki i prljavi igri da go sprovedeme.
Ajde ednas da sedneme i da razmisli malku porazlicno.
Ajde da vidime sto gresat ovie sto sega ni ja vodat drzavava i da ja pocneme da ja opravame rabotava, i za "vashite" i za "nivnite", no i najmnogu za MOITE !!!
Pa, ej luge, dosta bea prepukuvanja i bescelni muabeti !!!
Dosta e !!!