Негрижа за менталното здравје во ЕУ

26.10.2021 00:54
Негрижа за менталното здравје во ЕУ

Во 2019 година во Европската унија 7,2 проценти од граѓаните страдале од хронична депресија, што е благо зголемување во однос на 2014 година (6,9 проценти), покажуваат најновите податоци на Еуростат. Треба да се додаде дека бројките се многу повисоки кога не се гледа само хроничната депресија, туку депресијата и анксиозноста како два најчести проблеми со менталното здравје во ЕУ: секоја година дури 25 проценти од населението страда од депресија или анксиозност, покажуваат податоците на Светската здравствена организација, а 50 проценти од боледувањата заради хронични болести се заради депресија или анксиозност. Во сите држави членки жените страдаат од хронична депресија малку повеќе од мажите: во 2019 година Португалија беше држава со највисок удел на жени со дијагностицирана хронична депресија (16,4 проценти), а Словенија имаше најголем удел на мажи со дијагностицирана хронична депресија (14,3 проценти).

Меѓу државите во ЕУ, Словенија имаше најголем удел на население со хронична депресија во 2019 година, а следуваат Португалија (12,2 проценти) и Шведска (11,7 проценти). Од друга страна се наоѓаат државите со најнизок удел на население кое страда од хронична депресија: Романија (1 процент), Бугарија (2,7 проценти) и Малта (3,5 проценти). Секако, тоа не значи дека во тие држави депресијата е помалку раширена, туку дека поретко се дијагностицира. Причините за тоа најпрвин се наоѓаат во стигмата поврзана со проблемите со менталното здравје, заради што во многу држави како Бугарија, Романија и Полска не се ни осудуваат да побараат помош, но проблемот лежи и во недостапноста на помошта. Како што вели Марчин Родзинка, гласноговорник на организацијата Mental Health Europe: „во повеќето држави од Европската унија покриени се сите проблеми со телесното здравје, но за да отидете на стоматолог мора да платите, а исто е и со грижата за менталното здравје.“ Според анализата од 2016 година, пристапот до грижа за менталното здравје често е лош дури и во најразвиените држави со универзална здравствена заштита.

Во некои држави пристапот до психолошка помош воопшто не е покриен со здравствената заштита (Латвија, Бугарија и Франција), а во останатите постои психолошка помош, но дури во седум држави членки корисниците мораат сами да си платат дел од трошоците (Грција, Естонија, Португалија, Данска, Австрија, Белгија, Италија). Други проблеми се ограничувањето на годишен број терапии (на пример, 10 сесии годишно во Естонија), огромни листи на чекање (и до 8 месеци) и недостаток на стручен персонал - во речиси сите држави за кои постојат податоци не е испочитуван пропипшаниот минимум од 20 психолози на 100 000 лица - исклучоци се Шведска, Данска и Словенија.

Податоците за распространетоста на депресијата и анксиозноста во 2020 година сè уште не се објавени, но постојат истражувања кои упатуваат на масовно влошување на менталното здравје заради пандемијата. Утврдено е дека влошувањето на менталното здравје е поврзано со осаменоста која се интензивираше од избивањето на пандемијата: учесниците во едно истражување кои пријавиле поголемо ниво на осаменост за време на пандемијата имале и екстремно висок ризик од влошено ментално здравје, односно 6-10 пати поголем ризик од развивање симптоми на депресија, анксиозност и проблеми со спиењето. Имајќи предвид дека економските последици од пандемијата особено ги почувствуваа младите, како што почувствуваа и недоволна поддршка на менталното здравје преку здравствената заштита, особено загрижуваат новите истражувања кои покажуваат дека осаменоста и проблемите со менталното здравје за време на пандемијата се многу поизразени кај младите луѓе.

Превод: Алек Кузмановски

Фотографии: Julia Fullerton-Batten

Извор: https://www.bilten.org/