1017 hPa
38 %
23 °C
Скопје - Нед, 13.10.2024 14:59
Извор за текстот: Дојче веле
„Во што се состои еден убав и богат живот со смисла“, резимира Атанас Вангелов 2016-тата за романот на Цветан Тодоров, „Авантурите на апсолутното“ (2006). При ненадејната разделба од него, и ние си го поставуваме тоа прашање. Како сознание за неговиот живот, но и како поука за нас самите. Одговорот ни го доближува Атанас Вангелов уште појасно, токму кога тој телесно се оддалечува од нас. Цветан Тодоров за многу мислители како Вангелов беше „апостол на хуманизмот“. Тие особини го одликуваа и Атанас Вангелов. Тој е македонскиот „апостол на хуманизмот“. Тие што поимот „хуманизам“ го поврзуваат само со именката „хуманост“, во смислата на човечност, заборавиле дека темелот на „хуманизмот“ според Кант се духовните науки, но и целата сфера на естетското, на творечкото. Затоа порано се говореше за „хуманистичко образование“, кое во себе ги обединуваше сите дострели на светската култура, од античката до современата. Како тој гигантски хуманистички образовен проект може да стане богатството на личноста, како што беше кај ерудитот Вангелов? Со инструментот на културата – читањето! Треба да се чита ден и ноќ, од детство до старост, за да се збере тоа знаење за литературата кое го красеше Атанас Вангелов. „На мислата и‘ треба храна, таа е во литературата“, напиша тој неодамна.
Всушност, одговорот на прашањето „во што се состои еден убав и богат живот со смисла”, секогаш го даваат оние што ќе останат откако самите ќе си заминеме од овој свет. Смртта го изострува погледот за најблагородното, најскапоценото во човека. Уметноста да се живее „убав и богат живот со смисла“, Атанас Вангелов ја препозна во животот на Марина Цветаева: „живот по налог на убавината”!
Живот „по налог на убавината“ и за него, како и за Цветаева, значеше да се живее и по „налог на вистината“. Затоа што убавината не е возможна без вистината, без правдата, без интелектуалната и творечка храброст. Атанас Вангелов беше еден од стилски најелоквентните, но и вистинољубиво најнепоколебливите полемички гласови во македонската литература. Тие што ги паметат неговите полемики од седумдесеттите и осумдесеттите години, знаат каков виор разбудуваше овој огнен толкувач на литературата, кој притоа беше толку префинет и продуховен во стилот на најдобрите француски умови.
За неговата непоколебливост со која ги разоткриваше негативните феномени во македонската литература, цената напати беше и политичката стигма. Долго ја носеше достоинствено, молкум, сето време свесен дека не е омилен во некои влијателни писателски елити, особено оние кои секогаш беа блиски до високата политика во социјалистичка Македонија. За мене, пак, полемичката храброст направи Атанас Вангелов секогаш да го доживувам како „вечно млад дух“. Затоа ме изненади ненадејната смрт, бидејќи знаев дека тој има толку млада, жива мисла, дека има уште толку многу планови!
Неговата бистра мисла, која восхитуваше со литературната култивираност, направи од него за мојата генерација во осумдесеттите култен критичар. Од него сите учевме, а учеа сигурно и тие што не го сакаа и го одбиваа заради неговата непомирливост со плакативното, со стереотипното, со просечното во македонската литература. Тој самиот не се мереше со своите локални македонски современци. Тој се мереше со најдобрите европски и светски современици, но и со своите духовни претходници. Затоа што знаеше дека нема творец без „претходници". Моралната и интелектуална величина на Атанас Вангелов дојде силно до израз во анализите на новата македонска проза во последните две години. Имаше дарба да се восхити за делото на помладите, помалку познати писателки и писатели. Умееше луцидно да го лоцира македонскиот автор или авторка во поширок контекст. Притоа мерилата со кои тој мереше беа оние на вистинските европски литературни вредности, кои тој ги учеше читајќи ги во оригинал делата на Ролан Барт, на Јулија Кристева, на француската литературна и филозофска школа, која исто толку силно го обликуваше како и делата на руските формалисти. Тој живееше и твореше во јазикот и во јазиците, прецизно толкувајќи го секој спис, како што чинеле најдобрите литературни егзегети. Неговите есеи и анализи се блескаво сведоштво за тоа колку многу читал, колку многу пластови на знаење и значење содржеше во себе секоја негова размисла. Тој никогаш не пишуваше за Европа и за „европските вредности“ во духот на политичките памфлети, туку тие вредности ги сведочење со својата мисла. Атанас Вангелов пишуваше во Скопје, но во умот, во дијалогот со мислителите тој беше постојано во Париз или во Берлин.
Затоа што знаел дека неговото време што ќе го помине со нас е кусо, тој во гигантски проект успеа да ни го остави „својот завет“. Нè потсети „дека постои еден гранитен и здрав темел на етно-географскиот ентитет Македонија“. Тој темел за него е Блаже Конески. Ретко длабоката поврзаност со татковината, со културата, со јазикот како „етно-географскиот ентитет Македонија“ е толку јасно формулирана како во неговото толкување на лириката и на јазичната теорија на Конески. Остана само уште третиот дел од трилогијата, оној за прозното дело на Конески, за кој пред некој ден тој напиша дека е речиси готов. Тоа што тој го нарекува „етно-географски ентитет Македонија”, всушност, е друго име за мислата на Конески за „јазикот како нашата единствена татковина“. Јазикот е домот, а неговиот „темел" е положен во делото на Конески. Вангелов ни покажува со својата трилогија дека секогаш кога жестоко се напаѓа Конески, се напаѓа македонскиот јазик како „нашата единствена татковина”. Таа татковина е поширока од политичките граници. Македонскиот јазик е парадигмата во која може да се препознае секој Македонец, независно каде се наоѓа.
Вангелов го оствари пророчки својот завет, својот „предизвик и обврска“ во однос на Конески и на македонскиот јазик и култура во целост. Затоа што беше храбар и не се додворуваше на никаква власт, освен на авторитетот на умот, на творештвото и на културата во најдобратата смисла на европски просветител, Вангелов бараше од македонските писатели „да се вклучат во јавниот живот”. Во овој „мачен и мрачен свет” да покажат со својот полемички глас дека „се живи“. Со право, затоа што писател што молчи и тактизира, се изневерува и себеси и творештвото. Затоа Атанас толку јасно ни порачува нам, на писателите, да станеме гласни, за да докажеме дека постоиме, дека сме тука, „дека мачка" не ни „го изела јазикот.” Зошто? Затоа што за „убав и богат живот со смисла” не е доволно само да се преживее. Важно е храбро и јавно да кажеме како писатели што мислиме. Затоа што „останува само тоа што е обележано, именувано“, ни порачува тој. Во едно од последните интервјуа тој ја објаснува причината заради која македонските писатели треба да бидат погласни токму сега. „Затоа што оној што ви оспорува јазик и идентитет автоматски ве оспорува како егзистенција (живот). Тоа е своевиден нонсенс. Тој ви вели дека вие не постоите, а заборава дека, со простиот факт што ви вели дека не постоите, тој потврдува дека – постоите. Ете, тоа е она скриено „да“ на секоја негација за кое зборува А. Ками во својата, веќе, класична книга „Побунетиот човек“ (1951). Атанас ја оствари блескаво својата обврска кон предците и претходниците. Тој сега телесно си заминува од светот, но е толку жив во својата мисла и дело!
Фотографии: Akos Major