Дома е далеку

27.10.2021 13:01
Дома е далеку

 
   Поминаа пет години од објавувањето на „Одбројување“, вториот роман на Фросина Пармаковска, со кој таа се прослави како добитничка на наградата „Роман на годината“ во 2017 година. Одбројувањето да започне животот, како една од темите на романот, добива поинакво и подлабоко значење за време на пандемијата. Преку раскажувањето на главниот женски лик за дисфункционалното семејство на сопругот, се провлекува идејата дека постои некаков подобар живот, различен за секој од ликовите. Животот, сведен на исчекување на некое непознато време и простор, наместо да се живее, се очекува да пристигне.

Пармаковска во едно интервју изјавува дека ова е приказна за „млада жена заглавена во една реалност“. Изминативе пет години од излегувањето на делото, сè повеќе се разоткриваше оваа реалност за жртвите и болните криени од семејствата и од општеството. Можеби една од причините што книгата, освен што ја доби наградата, беше признаена и од пошироката публика, со промоции во неколку градови, е токму лесно препознатливата приказна. Интимното и доверливо раскажување на семејната историја низ призмата на главниот женски лик, ја прават приказната пореална и поблиска.

Ликот на сопругот е именуван само како „мојот маж“. Посвојноста во именувањето не е резулат на нешто „мое“, сакано и љубено, напротив, „мојот маж“ функционира како „мое“ проклетство, што ја заглавува и уништува хероината. Неговото психичко пореметување е игнорирано и криено од родителите. Хероината во делото како жртва на љубоморниот и параноичен сопруг копнее по бегство, едновремено чувствувајќи го и таа стравот од куќичките на улицата и од соседството: „...морам да си го измијам лицето набрзина и да заминам пред да се разбудат куќичките на улицата каде што живеам“ (Пармаковска 2017, 10). Овој метонимски страв го спречува оздравувањето на сопругот и го затвора главниот женски лик во еден круг на безизлезно и апсурдно докажување на својата верност. Преку симптомите на болеста на „мојот маж,“ Пармаковска се обидува да го анализира генерациски преземениот страв што ги отуѓува родителските и брачните односи во семејството. Таа отсликува вулгарна, насилна и малограѓанска средина, култура на сомнеж и недоверба со страв од непознатото и срам од Другото. Притоа, разработувајќи ги овие релации им се приклучува на европските и на светските прозаист(к)и чија омилена тема е еден од метамодернистичките принципи - распадот на семејството како традиционална структура и отфрлање на светот што би требало да го претставува нашиот наследен светоглед. Иако забележуваме несмасни и трагични обиди на ликовите да се адаптираат во семејството и заедницата, прикажани како макети на едно патрихајално општество, процесот на нивното себереализирање како поединци во средините е тежок, речиси невозможен.


Со својот непретенциозен стил, како интимен дневник ослободен од техники и загатки, писателката всушност се надоврзува на традицијата во раскажувањето на една од најчестите теми во македонската книжевност - приказната за проклетството во македонското семејство. Наспроти досегашното дефинирање на семејството како жртва на социјалниот, економскиот и политичкиот контекст, генерацијата на Пармаковска го испитува семејството во релација со општеството и во рамките на паланечката и соседската култура.

Мотивот на неостварениот дом и отуѓувањето ги носи ликовите кон пропаѓање. Тие стануваат странци, бдеачи над својот неостварен живот, во кој нивната најголемата мачнина и болка произлегуваат од непроменливоста на нештата. Главната хероина го очекува започнувањето на животот со завршувањето на одбројувањето: до заспивањето на мажот, до доаѓањето на ноќта и до сокривањето кај љубовникот, до напуштањето на „мојот маж,“ по манијакалното чистење на станот, до раѓањето на детето. Одбројувањето за неа е измачување, но и надеж во неодлучната и стагнантна средина. Таа не може да остане, но не може ниту да замине поради чувството на вина: „Не го сакам, веројатно затоа што е болен, и тоа е грозно“ (Пармаковска 2017, 50). Наспроти нејзиното одбројување, мажот во приказната копнее за некој измислен и далечен дом:

„На мојот маж далеку му беше еден од омилените зборови што ја објаснуваше неговата идеална точка, некое место каде што не работеа телефоните, интернет не постоеше, немаше автобуси што возат за Скопје и за Македонија, немаше никој што може да го разбере јазикот што го зборуваме, немаше луѓе што можат да нѐ препознаат на улица, па и да немаше луѓе воопшто ќе беше помалку страшно отколку да ги има тие луѓе, никој не може да нѐ најде. Далеку. Дома е далеку“ (Пармаковска 2018, 67).

Фразата „дома е далеку“ е претстава за егзистенцијална криза на духот, но и за личната желба да се одбие светот во кој не се припаѓа. Ако домот е некаде далеку, тогаш „тука“ е непријателско, осамено, клаустофобично и трагично место. Токму заради чувството на бездомништво во сопствената куќа, судбината на ликовите е детерминирана од изгубената шанса за реализиран дом, или она што Гастон Башлар го нарекува во „Поетика на просторот“: свое „катче во светот.“

Текстот е изработен во рамки на придружната младинска програма на проектот за книжевност Inside/Out.

Inside/Out - Онлајн емисија за македонската феминистичка и квир книжевност е финансиски поддржана од Регионалната мрежа за културна разноликост (READ) и од Европската унија. Содржината на емисијата претставува единствена одговорност на Pobunjenе čitateljkе и Коалиција МАРГИНИ и не нужно ги претставува ставовите на донаторите.

Слики: Anna Godeassi