За толкувањата на Рембоовата песна „Самогласки“

27.10.2021 15:56
За толкувањата на Рембоовата песна „Самогласки“

 

Самогласки

А црно, Е бело, И црвено, У зелено, О сино, дознав
самогласки, јас многу за сите ваши тајни;
А, црн и влакнест обрач од мушички сјајни
што брмчат стрвно околу смрдеата грозна,

заливи на сенки; Е, вкус што в пареи збран е,
леднички копја, трепет што врз цвеќе се лее;
И, исплукана крв, прекрасна уста што се смее
во пијанство на каење, во бес или занес;

У, божествени лулеења на мориња шумни,
мир на пасишта и стада, на брчките умни
низ кои алхемија во чело се впила;

О, врвна Труба што се гласи со стравотна врева,
тишина полна Светови и Ангели плева;
– О, Омега, на Очите проблесокот лилав!

Објаснувањата на една поезија, на една песна прилегаат понекогаш на крстопат од многубројни насоки што поаѓаат од една точка и се распрснуваат на сите страни. Модерната поезија ја содржи таа експлозија на можности уште од своите најрани почетоци: синестетичката игра на Рембо со боите и звуците во „Самогласки“ имаше многубројни толкувачи. Загатката поставена со тоа што А стана црно, Е бело, И црвено, У зелено, О сино не престана да се решава повеќе децении. Уште во 1904 година Е. Гобер го бараше изворот на поврзаноста на асоцијациите меѓу буквите и боите во еден старовремски буквар во кој самогласките навистина беа обоени речиси онака како што ги дава Рембо во својот сонет.

Подоцна Ж. Жангу, во 1950 година, ја објаснуваше таа врска со езотеричните симболи од списите на алхемичарите; во својата голема студија за делото на Рембо, излезена неколку години потоа, Р. Етиамбл ќе се спротивстави на оваа теорија, наведувајќи докази дека во Шарлвил Рембо не можел да дојде до таква лектира. Во 1961 година Р. Форисон ќе го даде своето толкување според кое сонетот претставува еден вид ребус во кој секоја од обоените букви претставува еден дел од женското тело. Но, ниту една од овие претпоставки не ја објаснува докрај мистеријата на оваа песна; „Самогласките“, и покрај сите тие обиди за објаснувања, ја возбудуваат имагинацијата на читателите со безбројните можности на своите идни толкувања.

(Одломка од текстот „За толкувањето на поезијата“, прочитан на симпозиумот на Струшките вечери на поезијата, 1982)

На сликите:

Круг на боите: Johann Wolfgang Goethe, Теорија на боите, 1810
Arthur Rimbaud: карикатура на Luque, од списанието Les Hommes d'aujourd'hui, број. 318, јануари 1888

Превод: Влада Урошевиќ

Извор за текстот: Viola arsenica, Белешки за поезијата; Готен, 2021.