Европскиот суд ја казни Полска со милион евра дневно

28.10.2021 13:19
Европскиот суд ја казни Полска со милион евра дневно

Полска доби казна од еден милион евра дневно од Европскиот суд на правдата поради игнорирање на нивната одлука дека мора да ги суспендира контроверзните реформи на судскиот систем.

Ваквиот развој на настаните доаѓа по долгата борба меѓу Брисел и Полска за промените кои, според критичарите, ја поткопуваат независноста на судството во државата.

Според одлуката, Полска ќе мора да плати 1 милион евра на Европската комисија дневно. Доколку земјата одбие да ги плати казните, тие ќе продолжат да се зголемуваат за секој поминат ден. Судот исто така има можност да ја зголеми оваа финансиска казна.

Во нивното образложение од Европскиот суд велат дека суспендирањето на оспорените реформи, меѓу кои и промени во дисциплинскиот трибунал за судии, е неопходно за да се избегне сериозна и непоправлива штета на правниот систем на Европската Унија и на вредностите на која Унијата е основана, конкретно – владеењето на правото.

Казната веднаш беше окарактеризирана од полските власти како уцена.

„Одлуката е дејствување надвор од овластувањата и злоупотреба на институцијата за финансиски казни и времени мерки. Ова е последен чекор во операцијата на одвојување на полското влијание врз системот на нашата држава. Тоа е узурпација и уцена“, искоментира полскиот заменик министер за правда, Себастиан Калета, додавајќи дека одлуката целосно го игнорира полскиот устав и одлуките на полскиот уставен трибунал.

На самитот во Брисел минатата недела, лидерите на ЕУ дебатираа за кризата со владеењето на правото во Полска. Некои од земјите членки повикаа на запирање на европските фондови во вредност од 36 милијарди евра кон Варшава кои им следуваат како дел од фондот за опоравување од пандемијата на Унијата.

 Извор: theguardian.com