Кој се плаши од дождовниот црв?

29.10.2021 10:26
Кој се плаши од дождовниот црв?

 

 Кон романот „Денот на црвот“ од Симона Јованоска, во издание на ИЛИ-ИЛИ во 2021.


  Дебитантскиот роман на Симона Јованоска, „Денот на црвот“, содржи 19 приказни, секоја суптилно врзана за наредната, преку предмети, соништа и случајни интеракции меѓу протагонистите. Но, под површината има една поголема затскриена идеја која ги поврзува приказните и судбините на ликовите. Авторката не ја посочува директно оваа главна нишка, туку остава на читателите сами да ја откријат. Во тоа лежи и една од убавините на романот. Пред да почнете да барате магични светкави конци, можеби подобро е да си ја замислите поврзаноста како мекотелно лигаво животнo кое излегува на дождлив ден, по стемнување.

Просто кажано, главната нишка во романот е еден дождовен црв. Сосема неважен, ист како сите црви, тој се појавува прв во оваа голема приказна, на почетокот на есента, во „доба што најчесто започнува во мислите на луѓето жедни за зло, а завршува како ѓубре под тепих од фино предиво“ (Јовановска, 5). Но водечката нишка не е самиот црв како лик бидејќи тој е сосема кратко присутен во романот, туку тоа што тој го претставува. Црвот технички престојува во „подземниот свет“ и оттаму може да се асоцира со несвесното; сепак кај Јовановска ова бизарно суштество станува и симбол на ослободување зашто единствениот начин до слобода е искреноста и прифаќањето на нашите скриени желби и пориви: „Да си црв не беше гламурозно, но таквиот живот беше ослободен од големи притисоци. Не постоеја стеги ниту нереални очекувања, и токму затоа црвите научија среќата да ја бараат и пронајдат во калта.“(Јовановска, 8).

Метафорички кажано, повеќето ликови од романот не знаат како успешно да раководат со својот „внатрешен црв“. Во нив толку долго клокотеле потиснатите желби што тие самите се престоруваат во мекотели и среќата навистина мораат да ја бараат во калта. Оние кои успеваат бар малку да се ослободат, се подложуваат на огромни жртви како нарушено ментално здравје и одземање нечиј живот. Тие се веќе длабоко навлезени во одредени ритуали и слики за себе и тешко можат да се вратат своето на автентично „јас“. Затоа нивните обиди или се неуспешни, или завршуваат трагично, или истрајуваат во болна контиунираност. Токму тоа е нишката која ги соединува необичните протагонисти на Јовановска. Затоа, и покрај тоа што делат слични маки и се поврзани во еден бесконечен синџир на причини и последици, повеќето се осамени и заробени во својот свет.

Сепак, романот не е песимистички. Хуморот, дискретната магија и убавината на исказот на Јовановска, заедно со ликовите како детето сонувач Пабло, даваат дополнителна длабочина на делото и градат една побогата стварност.


На прв поглед ликовите може да делуваат стереотипно: жена разочарана од бракот со вообразениот маж, крадец кој тренира бокс, маж кој попрво би се убил отколку да стапи во брак, итн. Но, со секоја нова приказна, тие стануваат покомплексни, а нивните судбини се заплеткуваат на уште понеобични начини, претставувајќи го уникатниот свет на авторката. Од болничарот кој редовно се мачка со човечка крв до професионалната тажачка на погреби, Јовановска им дава нова димензија на ликовите која е често поврзана со чудното и бизарното, а сепак е блиска до проблемите и страдањата на обичниот човек. Дополнително, преку преминот од еден во друг лик за само неколку страници, таа создава и соѕвездие од различни перспективи. Така им дава глас на ликови кои толку често ги среќаваме што забораваме дека се живи и дека имаат сопствени светови, како осамениот и апатичен лузер, несреќниот брачен пар, запоставената домаќинка, па дури и бездомното маче, гладната чавка и самиот дождовен црв.

Кога станува збор за стилот, Јовановска не го потиснува својот поетичен глас на сметка на разбирливоста. Таа е искрена и ја запишува мислата како што ѝ доаѓа, во својата чиста форма која е течна и накитена со хумор, метафори и симболи. Но, силниот израз на авторката е токму тоа што би го издвоила како потенцијална маана бидејќи поради впечатливиот стил, нарацијата некогаш доминира врз самите ликови и приказни.

Сепак, би рекла дека излегувањето на црвот од под влажната почва е макотрпен процес воден од вончовечки сили. Тоа е натприродно силен импулс кој во случајот на Јовановска, со нејзиниот богат имагинативен свет и очигледен талент за пишување, сигурно било тешко да се заузди, а таа добро се справила со предизвикот. Во својот дебитантски роман авторката постигнала рамнотежа помеѓу поетот, филозофот и раскажувачот. Истовремено ги покажала чудесното, смешното и тажното во секојдневното, а создала и палета од разни ликови кои совршено се вклопуваат во еднинствена низа и ја поткрепуваат главната тема која се провлекува низ делото: посегањето по слободата.

„Денот на црвот“ е идеален за сите кои сакаат да ѕирнат низ клучалката директно во најболните и чудните аспекти од животите на луѓето, било да се тие блиски, било да се некои необични ликови сретнати на улица или, пак, во самите себе. Не може да избегнете да се идентификувате со барем еден од протагонистите. Ако останете студени на судбината на ликот од 4-та приказна, сигурно ќе ве погоди онаа од 17-та. А, искрените и остри мисли на нараторот кој без пардон ги расоблекува карактерите и уште во самите воведи на приказните им продира во длабоките црвливи зандани, дефинитивно нема да ви помогнат да побегнете од ова.


Текстот е изработен во рамки на придружната младинска програма на проектот за книжевност
Inside/Out.