1022 hPa
93 %
5 °C
Скопје - Чет, 05.12.2024 03:59
Ме прашуваат пријателите како во овие гадни времиња да се сочува способноста за емпатија, како да не се стане мизантроп и циник? Како да не се пукне од жалост или гадење? Како да се сочува менталното здравје? Како да не се атомизираме до самоуништување? Не знам. Понекогаш се навраќам на овој пасус за разумот и чувствителноста и се обидувам да го послушам една година помладиот себе.
Има денови кога ми успева, има, ебаго, и од оние другите.
Габор Мате, писател и психијатар, зборува за тоа дека поголемиот дел на она што го сметаме за свои ставови, мислења и уверувања, свое Ја, сопствена личност и идентитет, всушност се психолошка адаптација на траумата. „Тоа не си ти“, вели Мате, „Тоа е адаптација што си ја развил за да го преживееш своето детство и други тешки периоди во животот. Адаптацијата била начин да ја намалиш својата болка“. Добар дел од терапевтската пракса на Мате се сведува на тоа да им помогне на луѓето да сфатат дека би биле послободни и посреќни без својот идентитет, без она што го сметаат за сопствен идентитет.
Како момче, Мате го преживеал Холокаустот во Унгарија. Кога зборува за траума, ставови и слобода, знае што зборува.
Има такви кои сметаат дека самоубиството е грев, дека самоубиецот самиот е виновен што се убил. Еве да ви кажам: буквално секое самоубиство, од африканскиот палеолит до денес е последица на ментална болест. Човекот не избрал да се убие, туку го притиснала сила појака од него. Така е и со цели општества. Кога масите брзаат кон колективно самоубиство, како пикселирани леминзи во таа бездна на дното на екранот, тоа не е затоа што едноставно сакаат по своја апсолутна слободна волја, туку затоа што се колективно невротични и психотични. Тоа се сложени колективни адаптации, настанати под влијание на општеството, историјата, материјата, идеологијата, економијата, а кои довеле до тоа масовната свест да отиде по ѓаволите.
Некогаш ми се чини дека современата цивилизација, од Аљаска до Австралија, толку заглавила во фетишот на слободната волја што во некои аспекти е на пониско психолошко ниво од античките заедници. Индискиот *Браман*, кинескиот *Тао*, европскиот *Логос*, раните интерпретации на *Светиот дух* - сите тие биле обиди да се разбере дека мојата свест може да биде одвоена од светот, сиот свет и дека моето Јас не е апсолутно, туку релативно и релационо.
Зошто воопшто размислувам за сето ова? Затоа што на тој начин во себе пронаоѓам сила – некогаш повеќе, некогаш помалку – никого да не замразам.
Луѓето не се апсолутно слободни, автономни, суверени, автентични поединечни умови, туку психо – био - социјални процеси вмрежени во ткаењето на светот во кои се влева цело богатство и потоа од нив тече понатаму.
Сфаќањето дека слободната волја, ако постои, не е апсолутна, туку релативна и релациона, никого не го ослободува од одговорност, но ни овозможува пошироко и поструктуирано разбирање на светот, а не како рамна плоча. Затоа што тоа е модернистичко разбирање на светот како рамна плоча: убеденоста дека универзумот, како сложена рационална машина, нема и не може да има слободна волја, но дека поединци од видот хомо сапиенс – сосема извесно ја имаат.
И мојата сосетка антиваксерка е психо – био- социјален процес, и другиот мој сосед бот, и третиот кој цел ден се расправа на Интернет, и четвртата која не може да живее без „клабинг“, и петтата која почнала пред продавницата да ја прозива мајка ми зашто носи маска, и шестиот кој дал отказ во ресторанот затоа што како вакциниран го терале да работи и по 22 часот, за разлика од неговите невакцинирани колеги кои ги пуштиле да си одат дома, и седмиот кој мисли дека зад пандемијата стои заговор на јудеокомунисти, Кинези и какви не тајни глобални елити кои сакаат да ни ја грабнат „слободата“, не сфаќајќи дека ни припадниците на елитите, какви било, ниту глобални, ни локални, не се апсолутно слободни, автономни суверени автентични поединечни умови, туку психо – био – социјални процеси вмрежени во ткаењето на светот, разорени од адаптациите на траумите, многу ситни жички во огромни системи, троглодити и примати со стеснета и збунета свест, или како што рекол Бора Станковиќ, „болни од самите себе“.
Ете, така ја чувам способноста за емпатија, со вакви размислувања. Така ги чувам разумот и чувствителноста – и разумот, и чувствителноста – затоа што е важно и едното и другото.
Има денови кога ми успева, има, ебаго, и од оние другите.
Слики: Helga-Aichinger, Илустрации за „Јона и големата риба“ (1970)