„Druggy vs Кискинов“ – музичка битка пред КСП Центар – Јадро

30.10.2021 13:32
„Druggy vs Кискинов“ – музичка битка пред КСП Центар – Јадро

Во недела (31.10) во 14 часот, пред КСП „Центар-Јадро“ ќе се одржи музичка битка помеѓу рап продуцентите Druggy (Скопје) и Кискинов (Струмица). Инспирирани од американскиот концепт Verzuz, нашите продуценти ќе ги судрат своите каталози на продуцирани песни во минимум 10 рунди.

„Во секоја рунда продуцентите ќе пуштат по една песна. Се разбира ваквиот тип на настан нема оценувачки карактер, туку повеќе е еден вид на пријателски натпревар, славење на хип хоп културата и уживање во талентот и креативноста на учесниците“, велат организаторите.

Во случај на дожд, концертот ќе се одржи внатре во просторот на Центар-Јадро со максимум 25 посетители. За публиката која сака да го следи настанот онлајн, тој ќе се емитува во живо на Фејсбук профилот на КСП Центар-Јадро. 

Druggy (Драган Иванов) е повеќе од 15 години дел од алтернативната музичка сцена во Македонија како битмејкер/продуцент, диџеј и организатор на настани.

Почетоците со музичка продукција ги има како дел од G-Madda Funk студиото под прекарот Anakreont XY, каде се снима и култната „Бонус Трака“ на еден од неговите инструментали. Во 2005 е дел од организацијата која го создава првиот македонски документарен филм за хип-хоп музика „Магијата на една култура“.

Од 2009-та година е дел од електронското дуо Anomalia Nativa со кое има извадено 2 независни албуми, “Премногу Дрско“ 2010 и “Attention” во 2013-та година. Во 2014-та година е еден од основачите на Trap Da Fuck Up колективот со кој се поставија основите на трап сцената во Македонија.
Во 2020-та го издава својот соло проект Druggy Слушатели, кој претставува микстејп со гостувања од македонски хип-хоп артисти. А оваа година го издаде албумот насловен „Неврзаните“. Низ овие 15 години својот печат го има оставено на инструменталите на изобилие артисти од македонската алтернативна сцена, како и работено на ремикс изданија.

Кискинов (исто така Драги) е активен на македонската рап сцена од 2004-та година, и како рапер и како битмејкер/продуцент.

Како соло артист официјално има издадено два албуми: "На пат кон дома" во 2012-та и "STR State of Mind" во 2020-та - и во двојна улога на рапер/продуцент на уште два албуми со струмичката рап група Дивизија: "Втора шанса" во 2014-та и "Стереотип" во 2016-та година.
Под продуцентската палка се појавува низ песните на голем број артисти ширум Македонија, има соработувано со Reality, Авторизација, Титаниум, Легијата, Токсиколози, Куп Де Грас и многу други.

Низ годините, како соло артист или заедно со Дивизија се има појавено како организатор на голем број на Хип Хоп настани во Струмица и надвор од неа, а и со учество на голем број фестивали во Македонија, од легендарниот Хип Хоп Камп, Штип Хоп, Таксират, Д Фестивал, СОФ и други, како и во Бугарија на "Градски легенди" и "Rockalution Hip Hop Fest", и во Босна и Херцеговина на "Дан Реп Публике".
Во 2017-та станува дел од организацијата на “Rap Skillz Македонија” кое воедно беше и првото battle-рап движење кај нас за афирмација и ширење на Хип Хоп културата. Истото се одржи една сезона, 7 настани во различни градови во Македонија, а воедно на последните два Кискин учествуваше во две battle-рап битки, против Кртот и против С.А.М.

Кискин веќе има најавено нов соло албум насловен “Light” кој го снимаше во Импакт Продукција кај Темелко Андреев, за кој веќе го имаме првиот сингл “Златен час” со план за издавање на проектот следната година.

Настанот е реализиран со поддршка на Министерството за култура.