1027 hPa
70 %
7 °C
Скопје - Чет, 12.12.2024 08:59
40 пати повеќе мажи од жени ќе седат во градоначалничките фотелји, откако синоќа, по вториот круг на локалните избори, се дефинираше конечниот изглед на новата локална власт во Северна Македонија.
Градот Скопје и Старо Нагоричане се единствените општини кои во следните четири години ќе ги раководат градоначалнички. Процентуално, жени ќе раководат со 2,5% од вкупно 81 македонски општини.
Ова е најлоша родова распределба на градоначалничките мандати од локалните избори во 2009 година, кога не беше избрана ниту една жена на оваа функција. Во 2013 година беа избрани 4 жени градоначалнички, додека во 2017 година избрани беа 6 градоначалнички.
Град Скопје за првпат доби градоначалничка, откако независната кандидатка, поддржана од ВМРО-ДПМНЕ, Данела Арсовска, победи со скоро 55% од гласовите. Вчера победи и Жаклина Јовановска, старо-новата градоначалничка на Старо Нагоричане со 56% освоени гласови.
Овој низок процент на жени градоначалнички беше очекуван, со оглед на тоа што од вкупно 299 кандидати за градоначалник на овие избори само 25 беа жени.
По вчерашниот втор круг од локалните избори ВМРО-ДПМНЕ освои најголем број градоначалнички места, вкупно 42. СДСМ има градоначалници во 16 општини, а ДУИ во 10. Во 3 општини победија независни кандидати, по две општини освоија кандидатите на БЕСА и Алијансата за Албанците и Алтернатива, а по една општина добија кандидатите на ГРОМ, ДПА и Коалицијата „Одлучно за промени“ на ЛДП и ДОМ.
Уште е непознато дали и кога во Маврово и Ростуше и Центар Жупа ќе се одржи втор круг на локалните избори, откако во првиот круг не беше постигната потребната излезност, додека во Дебар ќе се одржи уште едно гласање на 14 ноември бидејќи и по повтореното гласање ниту еден од кандидатите не го обезбедиле потребниот процент од вкупниот број од излезените граѓани на гласање. Овие општини сепак нема да ја сменат родовата слика на градоначалничките функции бидејќи во трка ќе бидат по двајца мажи.
Извор: Радио МОФ