Компресираниот и многузначен јазик во детските приказни

01.11.2021 14:46
Компресираниот и многузначен јазик во детските приказни

 

Кон преводот на македонски на сликовницата „Плишаниот зајак: Како играчките стануваат стварни“ од Марџори Вилијамс на Николина Андова Шопова. (Темплум, 2015)

  Преводот на кое било дело од еден јазик на друг подразбира поместување, проширување, па дури и бришење на границите на неговата разбирливост. Имено, секој превод може да се замисли како мост кој ја поврзува оригиналната авторска мисла со читатели од друго јазично подрачје. Понекогаш овој мост знае да е помалку нестабилен кога оригиналното дело содржи одредени белези специфични само за дадена култура. Но, кога станува збор за превод на детска литература, најчесто, овој предизвик речиси и да не постои зашто темите кои се разработуваат се универзални и, на еден или друг начин, можат да се поврзат со сечие детство.

Ваков е случајот и со преводот на The Velveteen Rabbit од Марџори Вилијамс на Николина Андова Шопова, во издание на Темплум, од 2015г. Иако пишувано во дваесетите години на минатиот век, делото сѐ уште е мошне актуелно. Приказната следи едно обично играче – зајаче кое станува најважното нешто во животот на едно момченце. Љубовта со која момчето го опсипува зајачето, на крајот го претвора во вистинско. Вилијамс, на еден мошне суптилен и прониклив начин, користејќи едноставен и јасен говор, начнува многу длабоки теми за тоа што значи да се сака безусловно, како љубовта може да нѐ измени, што е пријателството, стареењето, болеста, па дури и смртта.

При читање на преводот на Шопова, Плишаниот зајак ги побудува истите чувства кај читателот како и оригиналниот текст, разгорувајќи ги жарчињата на истите емоции кои биле мета на писателката, што секако, е карактеристика на добар превод, бидејќи главната цел е токму таа: да се пренесат пораките и чувството што текстот го остава. Преведувачката останала доследна на стилот и јазикот на оригиналот и го задржала истиот едноставен и разбирлив говор, правејќи го македонскиот текст подеднакво лесен за читање, каков што и треба да биде за најмалите читатели.


Сепак, преводот има простор за подобрување.Она што веднаш го привлекува вниманието уште пред отворањето на сликовницата е името. Зошто Вилијамс го нарекла зајачето the Velveteen Rabbit а не the Velvet Rabbit? Mожеби причината е едноставно заради мелодичноста на зборчето velveteen, а можеби зад името се крие некоја поголема симболика. Всушност, velvet е еден вид „полуксузна“ ткаенина со специфичен начин на изработка која се карактеризира со чувство на мекост, кај нас позната како плиш, но, velveteen е сосема друга ткаенина која се користи како имитација на плишот и е поевтина и поедноставна за изработка. На самиот почеток од приказната нараторот ни објаснува дека зајачето се чувствувало помалку вредно од останатите играчки во детската соба токму поради неговата градба:

Тоа беше срамежливо по природа и бидејќи беше направено само од плиш [или од нешто уште поедноставно], поскапите играчки не му обрнуваа внимание.

Понатаму во описот авторката вели дека неговите ушиња биле обложени со sateen што во преводот е пренесено како сатен (анг. satin), но всушност станува збор за друг материјал, кој, иако сличен на допир, наместо од свила (како сатенот), направен е од памук. Покрај тоа што е разбирливо зошто преведувачката ги донела овие решенија, најверојатно во отсуство на соодветни преводни еквиваленти во нашиот јазик кои би го имале истиот звучен ефект како velveteen и sateen, овде најверојатно би требало да се најде подобар начин за пренесување на значењето.

Исто така, одреден степен на девијација во јазикот може да се забележи и во персонификацијата на играчките што во оригиналниот текст е многу почеста отколку во преводот, како на пример во: [the Velveteen Rabbit] sat wedged in the top of the Boy’s stocking што е преведено како: [Плишаното зајаче] беше пикнато во чорапот на момчето, наместо седеше пикнато во чорапот на момчето.

Понатаму, авторката вели дека крзното на Кожниот Коњ било bald in patches што би значело оќелавено наместа и би ја добило истата алузија на оригиналот - како да станува збор за живо суштество, наместо решението во преводот излитено и закрпено што очигледно се однесува на предмет. Слично, објаснувањето дека имало long succession of mechanical toys кои поминале низ детската соба, што сугерира некакво „наследување“ или „низа“, во преводот непрецизно се преточило во: имало многу механички играчки.


Целосен превид се забележува и во преводот на: She called this ‘tidying up’ and the playthings all hated it, especially the tin ones. The Rabbit didn’t mind it for wherever he was thrown he came down softly. Пренесено како:  Таа го нарекуваше тоа средување и сите играчки го мразеа тоа, особено слабите. Зајачето не се грижеше толку многу бидејќи каде и да го фрлеа, паѓаше меко. каде the tin toys или лимените играчки, во преводот најверојатно од невнимание, станале слаби играчки.

За крај, како непосакувана може да се издвои и претераната употреба на заменките (особено зборчето тоа или it) која се провлекува низ преводот под влијание на синтаксата на изворниот јазик. Како во:

Таа го нарекуваше тоа „средување“ и сите играчки го мразеа тоа.

и во:

Тоа трае засекогаш.

Иако овие зборчиња мораат да се содржат во англиската реченица, тоа правило не важи и за македонската. Напротив, ја прави да звучи чудно и извештачено.

Со исклучок на овие неколку детали, може да се каже дека преводот е доследен. Секако, ова се суптилни работи кои не би се ни забележале без да се прави детална контрастивна анализа на двата текста, така што не би претставувале некој голем проблем доколку се чита само преводот. Но, од друга страна, можеби ефектот кај читатателот би бил уште посилен доколку се посветело повеќе внимание и на овие места, бидејќи сепак се работи за комплексна приказна која е јасно, концизно и компактно спакувана во еден краток текст во кој авторката морала внимателно да го одбира секој збор со цел да ја наслика посакуваната слика, поради што логично и очекувано е и зборовите во преводот да се избираат со еднаква внимателност.


Илустрациите се на Владимир Лукаш, од македонското издание на сликовницата „Плишаниот зајак: Како играчките стануваат стварни“.

 Текстот е изработен во рамки на придружната младинска програма на проектот за книжевност Inside/Out.


Inside/Out - Онлајн емисија за македонската феминистичка и квир книжевност е финансиски поддржана од Регионалната мрежа за културна разноликост (READ) и од Европската унија. Содржината на емисијата претставува единствена одговорност на Pobunjenе čitateljkе и Коалиција МАРГИНИ и не нужно ги претставува ставовите на донаторите.