Малите хидроцентрали немаат ниту еколошка, ниту економска оправданост

02.11.2021 12:31
Малите хидроцентрали немаат ниту еколошка, ниту економска оправданост

Изградба на мали хидроцентрали или било каков друг вид на експлоатација на водите во заштитени подрачја мора да биде забранета. Граѓанските организации, здружени во коалицијата „Разбистри се“, побараа измени на Законот за води со кои вистински ќе се заштити овој скапоцен ресурс. Искористувањето на водата во бизнис цели е недозволиво, а особено ако во тој процес се уништува и природата и живиот свет. Граѓанските организации бараат корпорациите да се демотивираат со поголем концесиски надомест, а не да се мотивираат со субвенциите за производство на енергија со мали хидроцентрали и целиот процес на издавање на дозволи и документацијата во секој момент да биде под лупата на јавноста.

Во земјава веќе се изградени 98 мали хидроцентрали, а околу 50 се во план или во изградба. Една третина од нив се наоѓаат во заштитени подрачја. Изградбата на овие енергетски објекти со многу примери се докажа како погубна за живиот свет и околината, а недоволно ефикасна за обезбедување на енергетски потенцијал. Примерите на Маркова и Кадина река, но и уште десетици на Шар Шланина или во Маврово, уште еднаш покажаа дека Законот за води треба да е рамка која мора да ја спречи експлоатацијата на водните ресурси исклучиво за бизнис интереси и да ја обезбеди заштитата на водата како незаменлив и ограничен ресурс, кој е обновлив само доколку соодветно се управува.

Едно од најважните барања на екологистите е одговорноста, односно обврската, ако се нанесе штета, околината да мора да се врати во првобитна состојба, a наместо „минимум прифатлив“ проток на вода, хидроцентралите треба да обезбедуваат „еколошки“ проток, за да се обезбеди добра еколошка состојба на водниот екосистем и екосистемите зависни од вода, како и слободно движење преку рибните патеки.

„Изградбата и оперирањето на малите хидроцентрали нанесуваат огромни и непоправливи штети врз животната средина“, вели Ѓорѓи Митревски од „Еко свест“, организација која е дел од коалицијата „Разбистри се“.

Објаснува дека во своите теренски посети екологистите евидентирале девастирачки последици по животната средина како изградба на пристапни патишта со менување на геоморфолошките карактеристики на теренот, ерозија, неконтролирана сеча на вегетација, суви речни корита, заградување, затрупување и прекопување на речните корита, изградба на бетонски структури и несоодветни рибни патеки што оневозможуваат слободно мигрирање на рибите, раковите и другите акватични видови, целосно загрозување на водните екосистеми и екосистемите зависни од вода до степен кој го загрозува опстанокот на заштитени и ендемски животински и растителни видови.

Неодамнешната анализа на државната помош за обновливи извори на енергија во земјава покажува дека учеството на малите хидроцентрали во вкупното производство на електрична енергија се движи помеѓу четири и пет отсто на годишно ниво. Електричната енергија што се произведува во малите хидроцентрали се откупува по загарантирани повластени тарифи кои се на економски терет на граѓаните.

„Ако се земе предвид огромната штета врз животната средина што ја причинува изградбата и оперирањето на мали хидроелектрани, од една страна, а исклучително малото нивно учество во вкупното производство на електрична енергија од друга страна, станува очигледно дека малите хидроцентрали немаат ниту еколошка ниту економска оправданост“, вели Митревски.

Посочува дека повеќето штети во оваа фаза не можат да се поправат, но може да се воведе посеопфатна процедура за заштита на животна средина преку измени на законите и да се донесат стандарди и правилници за редовно мониторирање и инспекциски надзор на состојбите при изградба и оперирање на постоечките мали хидроцентрали.

„Евидентно е дека последиците од изградбата на малите хидроцентрали, во еколошка смисла се катастрофални. Законот, првенствено, треба да овозможи учество на јавноста во постапките за издавање дозволи за користење на водите“, посочува Митревски.

Маркова река/Фото: Еко свест

„Еко свест“, во рамките на коалицијата „Разбистри сѐ“, заедно со повеќе организации, учествува во работната група која заедно со Министерството го разгледува предлог Законот за води. Митревски вели дека предочиле голем број несоодветности и предложиле голем број дополненија и измени во насока на заштита на животната средина и поголемо учество на јавноста.

Дел се однесуваат на постапката за доделување дозволи, студијата или елаборатот за заштита на животната средина кои мора да бидат јавно достапни, а исто така мора да се организираат и јавни расправи за да се земат во предвид мислењата на јавноста. На тој начин, смета тој, ќе се оневозможи манипулирање на јавниот интерес во полза на приватниот капитал. Екологистите бараат законот да забрани и доделување на дозволи за користење води и склучување на договори за концесија или јавно-приватно партнерство во заштитени подрачја. Мора да се спречи и деградирање на реките и езерата, а со воведување на обврската за задолжително враќање во природната состојба и одговорност за тешки кривични дела поради нарушување на животната средина и природата.

Потребно е законот да ги демотивира приватните корпорации да ја искористуваат слатката вода за производство на електрична енергија со значително зголемување на концесискиот надоместок. Наместо „минимум прифатлив“ проток на вода, хидроцентралите треба да обезбедуваат „еколошки“ проток, за да се обезбеди добра еколошка состојба на водниот екосистем и екосистемите зависни од вода, како и слободно движење преку рибните патеки“, вели Митревски.

Дејан Андонов од Институтот за комуникациски студии, кој е координатор на кампањата „Разбистри сè”, вели дека стратегиите за развој на енергетиката и обновливите извори на енергија треба да содржат стратегиска оцена на нивното влијание врз животната средина и врз здравјето на луѓето. Сепак, поради отсуство на референтен стратешки план од областа на водите, не е јасно како се проценуваат и следат ефектите врз животната средина што ги предизвикуваат енергетските стратегии, па непредвидените негативни ефекти и преземањето на дејствија за поправање на состојбата се само формални обврски на хартија.

„Понатаму, проектите за мали хидроелектрани треба да содржат процена на влијанијата врз животната средина, но тие обезбедуваат оцена на влијанието од конкретен проект поединечно, а не се проценува кумулативното влијание од повеќе проекти врз ист водотек. На ваков начин, проектите за мали хидроелектрани сериозно ги менуваат екосистемите на реките, често фрагментирајќи ги коритата и менувајќи ги теченијата, го проблематизираат минималниот еколошки дозволен проток, односно нивото што го загрозува биодиверзитетот и ендемичните видови, се јавува висок степен на нутритиенти, се деградира квалитетот на водата, се менува пејзажот и се намалува количината на вода која приоритетно треба да се користи за друга намена (на пример, наводнувања), со што се предизвикуваат бројни сериозни социоекономски проблеми“, изјави Андонов.

Според него, сегашната методологија за користење на 1/10 од просечниот годишен проток на површинска вода дефиниран како „минимум прифатлив проток” не соодветствува со меѓународните најдобри практики, бидејќи се смета за недоволен и во одредени услови штетен за состојбата на водотеците и за постигнување на добра состојба кај повеќето реки.

Во едно истражување на Еко Свест, каде што е анализирано влијанието на малите хидро проекти врз гео-морфологијата на пределите и загубата на шумите во Северна Македонија, се вели дека поголемиот дел од малите хидро проекти се изградени во некои од најатрактивните речни долини, коишто извираат од исклучително високи планински венци, заштитени и значајни подрачја од највисоко значење. Такви се бројни анализирани случаи на Баба Планина, Шар Планина, Караџица, Бистра, Даутица, Кожуф и други планини.

Во однос на загрозеноста на шумите, мора да се напомене дека загрозеност во големи површини воопшто нема, но формирани се поголеми обесшумени коридори по должината на цевоводите, со што е променет пределскиот лик на просторот и се фрагментирани екосистемите.

Според сегашниот Закон за води, концесијата за користење на водите се доделува по пат на јавен повик организиран и спроведен во согласност со одредбите од Законот за концесии и јавно приватно партнерство.

Од изградбата на мала хидроелектрана на Маркова река/ Фото: Еко свест

Извор: Мета.мк

 

ОкоБоли главаВицФото