Да се живее на местото на злосторството

03.11.2021 16:38
Да се живее на местото на злосторството

Крвавиот распад на Југославија се совпадна со времето на моето растење и созревање. Додека врховниот командант на ордата на злото, Слободан Милошевиќ, настојуваше темелно да ја расформира мојата земја, јас се формирав како личност и мислечко битие. Не само во свое, туку и во име на сите нас од седумдесет и некоја, можам да кажам дека пресудно нè обележи искуството на распадот на Југославија, нè одреди како луѓе и нè дефинираше во она што сме и што ќе бидеме. Иако прилично одомаќен, „распадот на СФРЈ“ не е најадекватниот термин, повеќе се работи за убиство на свиреп и подмолен начин заради ниски побуди. Како време на извршувањето на злосторството се смета 1991 година, кога Словенија и Хрватска се отцепија од Југославија и кога почнаа воените судири.

Повеќе сме склони на мислењето кое го понуди адвокатот Срѓа Поповиќ, веројатно најумниот толкувач на нашиот ужас, дека смртта на Југославија се случила точно на 28 септември, 1990 година, кога бил донесен Уставот на Србија со кој републиката на Милошевиќ практично се отцепи од сојузната држава. Со тој правен акт Србија се прогласи за независна и суверена држава и престана да го почитува правниот поредок на СФРЈ. Србија фактички прва се отцепи од Југославија, но во сеопштиот хаос на турбулентното време, тоа помина незабележано, скриено со пропагандата на Милошевиќ за зачувување на сојузната држава зад која се криел план за започнување на војните и создавање на Голема Србија во која тој ќе биде апсолутен господар.

Во тој момент имав 14 години и тргнав во осмо одделение од основно училиште. Следуваше целосен распад на светот кој само што почнав да го запознавам, светот на социјалистичкиот систем, кој делуваше цврсто и постојано, како да ќе трае засекогаш. Сето она што осум години ме учеа во училиште одеднаш престана да важи, сè се урна во оган и крв од кои настана нешто ново и поинакво, се раѓаше некоја наказа неспоредиво пострашна од чудовиштето на доктор Франкенштајн. Како што велеше Радомир Константиновиќ, почнуваше животот со чудовиште. Кој трае до ден-денес зашто националистичкиот монструм и понатаму е здрав и жив, само се повлекол во дувлото да ги лиже раните по неколку воени порази и да чека поволна прилика за нов колеж на луѓе.

Омраза, шовинизам, насилство, злосторства, концентрациони логори, сиромаштија, распад на општеството, криминал, национална хомогенизација, рехабилитација на четништвото, воено хушкање, бомбардирање, изолација, санкции, теории на заговор, одрекување на злосторствата, глорификација на масовни убијци – тоа е амбиентот во кој растев. Нема место за самосожалување и ламентирање над злата судбина, премногу популарни дисциплини во овие краеви – јас поминав одлично. Живеев во агресорска држава на чијашто територија не се водеше војна, имав среќа, за разлика од многу мои врсници од Хрватска, Босна и Косово кои страдаа зашто не беа Срби, на кои им ги убиваа училишните другари и другарки, комшии, родители, роднини и пријатели.

Во потрага по рационално објаснување

Пред крајот на животот, во подоцнежни години, Срѓа Поповиќ запишал во својот бележник: „Човекот прво живее, па потоа сфаќа што навистина преживеал“. Неговата мудра реченица би можел да ја применам и во сопствениот случај, со мала интервенција: Момчето прво живее, а потоа човекот се обидува да сфати што навистина доживеало момчето. Повеќедецениската пракса покажува дека таа задача не е ни малку лесна. Прочитав илјадници страници за тоа што ни се случи, стотици извонредни текстови и анализи, десетици паметни, втемелени книги во кои речиси сè е објаснето, а сепак имам впечаток дека ништо не ми е јасно. Работата да биде полоша, имам напишано барем неколку илјади страници за убиството на СФРЈ, големосрпскиот национализам, воените злосторства, состојбата на одрекување, улогата на интелектуалците и црквата во националистичката контрареволуција, ревизијата на историјата и десетици сродни теми, а и понатаму ме мачи иститот впечаток на недостижноста на ужасот во кој траеме веќе со децении.

Мојот впечаток не е осамен, го делам со луѓе кои многу посериозно, поисцрпно и потемелно ја проучувале нашата апокалипса. По десетина интервјуа и текстови, повеќе години во кои прво предупредуваше што ќе се случи, а потоа прецизно го анализираше потонувањето во зло на српското општество, Срѓа Поповиќ летото 2000–та година зборуваше за повеќедецениски пријатели кои преминале на другата страна, ширеле омраза, свесно подбуцнувале на војна и насилство: „Тие го променија моето сфаќање на човековата природа. Се покажа дека само луѓето се способни за метаморфози кои се непредвидливи, дека пријателствата се несигурни, дека луѓето во некои околности може да се претворат во монструми. Сè уште се обидувам да разберам што се случува. Не ми успева. Знам дека некои сакаа да влезат во власта, дека се занесоа од евтините аплаузи, дека некои се корумпирани, но сепак не го разбирам тоа сотирање на разумот, честа, пристојноста, човечкото сочувство“.

Во книгата „Ковање на антијугословенскиот заговор“, по исцрпната анализа на интелектуалната елита и српската национална програма, хронологијата на случувањата од 1966 до 2006 година, со стотици цитати, по речиси четиристотини страници на најтемелното можно излагање на генезата на големосрпскиот национализам, во кое е разјаснето сè до детали, Соња Бисерко заклучува: „Не е возможно рационално објаснување за сè што се случуваше во Србија не само во текот на последните две децении, туку и за време на целиот XX век. Нема рационален одговор за непотребните жртви во војните водени во текот на XX век и за мегаломанските претензии на Балканот“. Колку и да се проучувало злото и неговите морбидни манифестации, дури и кога ќе откриеш рационални објаснувања за секое политичко и идеолошко насилство, секогаш останува ирационалниот вишок кој не може да се сведе во рационални категории. Секогаш останува внатрешниот немир кој постојано колва во главата, постојано повторувајќи го истото прашање: како е воопшто можно сето тоа?

Токму за тоа зборува јунакот на расказот „Прегазен човек“ од Фарук Шехиќ: „Кога некој ќе ми објасни каков е човекот што ќе се разбуди едно утро во 1992 година, ќе ја земе пушката од скривалиштето, ќе ја обеси српската тробојка со четири С над прагот на својата куќа и ќе отиде кај првиот комшија, ќе го истера од дома во калта. Ќе го натера да клекне, ќе извади бајонет и ќе заколе човечко битие, сосед, кум, долгогодишен пријател; кога некој рационално ќе ми објасни, ќе ми разложи на прости множества, ќе биде полесно да се живее. Мислам дека не постои таков одговор. Современата наука, парапсихологијата, религијата, метемпсихозата, никој и ништо нема магична формула за решавање на тоа прашање со кое ќе си отидеме под земја“.

Средба со Злото

Сите сме го доживеале она што Јосиф Бродски, во говорот пред дипломците на Вилијамс колеџот, го означува како „средба со Злото“. Лаконски, едноставен израз за нешто што до крајот на животот ќе се обидуваме да го разбереме. Во друга прилика, Бродски го опишал сталинистичкиот систем со синтагмата „антрополошка катастрофа“, која е применлива и во нашиот случај. Би можела наведенава синтагма да се кандидира за официјално име на нашево општествено уредување. Не живеам во демократија, ниту во диктатура, ни во стабилократија, туку во – антрополошка катастрофа. Од сите одедници за овој аномичен, аморфен поредок, ова ми звучи најточно.

На мојот далечен предок од пред триесет години, на тоа момче кое во меѓувреме некаде исчезнало - историјата или некоја друга персонифицирана сила на долниот свет му подготви средба со злото. Неколку децении подоцна, човекот кој „со тоа момче нема ништо заедничко освен датумот на раѓање и папиларните линии“, како што рече Збигњев Херберт за раниот себе, се обидува тоа младешко искуство да го преведе во некакви поими, да разбере што се случило, затоа што во меѓувреме стекнал спознаен и аналитички апарат кои не ги поседувало збунетото момче.

Лесно му е на човек да го демонтира националистичкиот галимат на Добрица Ќосиќ или Матија Беќковиќ, да ги преврти наопаку нивните шовинистички флоскули за „хумано преселување“ и „најскапиот српски збор“, но тешко може да се избори со искуствата на она дамнешно момче. Затоа што ни Ќосиќ, ни Беќковиќ во декември 1990 година не правеле списоци на српски предавници што не гласале за Социјалистичката партија на Србија на Милошевиќ, списоци за отстрел на кои се нашле и родителите на момчето. Тоа го правеле неговите соседи, локалните соработници на УДБА, можеби за пристојна апанажа, можеби волонтерски, силен беше патриотскиот занес во тие еуфорични години, а барем денунцијанти никогаш не ни недостигале.

Постариот другар кој го научи момчето да игра шах, му ја откри Сицилијанската одбрана, Италијанската партија и Дамскиот гамбит, на почетокот на војната стана доброволец кај Воислав Шешељ, пион во партијата што моќниците ја играа со човечки глави. Кога се врати од славонското боиште, пивнат и нервно растроен, на момчето му раскажуваше како изгледа кога чистиш терен, фрлаш бомба во куќа, а потоа гледаш како летаат во воздух детски црева. Момчето го слушаше со грозење и неверување, не му идеше во глава како оној тивок и мирен млад човек со кој ги поминуваше попладнињата покрај шаховската табла одеднаш се претворил во нешто чудовишно. Му се чинеше дека шахистот претерува и измислува. Неколку месеци подоцна, шахистот си го одзема животот. Се обеси на гредата од таванот на родната куќа.

Оние што го потпалија да оди во војна и ден-денес се живи и здрави, моќни и богати. Еден од нив до неодамна беше народен пратеник, другиот е поранешен, а третиот е сегашен претседател на Србија. Човекот кој со момчето го дели датумот на раѓање и отпечатоците на прстите, во домашната библиотека уште ги има книгите што му ги подари шахистот, биографии на велемајсторите и шаховските шампиони Анатолиј Карпов и Раул Капабланка. Ни денес не знае дали шахистот ја зборуваше вистината или морбидно се фалеше со лажни воени подвизи. Тешко е да се поверува дека некој со кој си пораснал станал злосторник.

Момчето порасна, веќе беше младич кога се водеше војната на Косово. Во таа војна учествуваше и роднината на момчето, како подофицер на Војската на Југославија. По враќањето не сакаше ништо да раскажува за своето славно војување. Сепак, една летна вечер, алкохолот си го направи своето и роднината малку ја подотвори војничката душа. Во страсен занес зборуваше дека не постои ништо на светот што може да се спореди со војувањето, нема ништо поубаво и повозбудливо од битката, пукањето, од соочувањето со непријателот. Жал му е што живееме во модерно време со оружје кое бара дистанца помеѓу противничките војски, тој страда и копнее по времињата од средниот век, Косовскиот бој, кога си морал да се судриш со непријателот гради в гради, со нож, сабја и голи раце. Би сакал да седне во времеплов, да се врати во минатото и да се бори со Турците, да почувствува опиеност од вистинска борба, најголемото уживање и радост што постојат на светот.

Поранешното момче се сети на Димитриј Карамазов кој заглави во слични понори на човечката душа и рече: „Широк е човекот, господо, дури премногу широк. Јас би го стеснил!“ А бидејќи тоа е невозможна мисија, ни останува смао да го прошириме само сопственото сфаќање на човечката природа. Многу години подоцна ја прочитав книгата „Оклеветани рат“ од Милош Црњански во која стои и оваа реченица: „Тие, меѓутоа, кои биле во војна и лежеле меѓу мртвите знаат дека војната е величенствена и дека нема повозвишен момент, никогаш и немало, во човековиот живот од свесно учество во битка“. Ми делуваше некако познато, како веќе да сме се сретнале некаде.

Сведување на сметките

Кога во формативните години ќе се сретнете со радикално зло кое уништува сè пред себе, тоа неминовно го одредува и сфаќањето на човечката природа коешто своето исходиште го наоѓа во антрополошки песимизам. Таквата позиција нема врска со идеолошките склоности, туку произлегла од трауматско искуство, многу конкретно и екстремно. Со свои очи сум видел како преку ноќ, луѓето се претвораат во човекојадци, како пристојниот свет, татковици на семејства, угледни граѓани кои дотогаш ни мравка не би згазнале, стануваат крвожедници што повикуваат на конечна пресметка со „усташите“, „балистите“ и „Шиптарите“, чудни ентитети за кои имаат маглива претстава, бидејќи најчесто никогаш во животот не ги виделе. Отсуството на емпирија не ги спречуваше да пропагираат уништување на други човечки суштества, затоа што лудачката пропаганда на Милошевиќ ги дефинирала како непријатели.

Нема таква лудорија во која луѓето нема да поверуваат, само ако некој авторитет ја изговори доволен број пати. На пример, мирно ќе ве убедуваат дека Србија не е во војна додека ги водат на боиште нивните соседи и роднини. Или дека во Сребреница не е сторен геноцид, туку дека станува збор за одмазда врз војниците, иако на телевизија сте виделе снимка од тоа како „Шкорпионите“ убиваат деца во Поточари, патем монстуозно изживувајќи се врз нив. Како што рече Надежда Манделјштам, се најдовме „меѓу луѓе кои свесно се одрекнаа од доброто и почнаа сесрдно да ги поттикнуваат најмонструозните нагони во себе и своите сонародници“. Се покажа дека на тие одредени нагони не им треба многу за да се разбудат, чувствителни се тоа душевни сили, ја чувствуваат и најнежната дразба на агитациското писателско перо.

Го видов најлошото лице на човечкиот род, искривено од омраза, крваво и злобно, погано и подмолно. Не би сакал да генерализирам, но не можам ни да побегнам од заклучоците настанати од искуството на живеење во општество кое доброволно тргнало по патот на распад и разгром, како целата заедница да одлучила да изврши самоубиство и по пат во смрт да одведе секој што се нашол во близина. Аклучоците се поразителни, со нив тешко се живее, но мора да се напишат. Луѓето не се ниту разумни, ниту хумани, луѓето се целосно налудничави суштества, извитоперени, сурови, зли и расипани. Не постои ужас, итроштина, мачење, злоставување кои нема да му направи еден човек на друг, и тоа без никаква причина, само затоа што може. Ако на нешто нè научи растењето и созревањето во антрополошка катастрофа, тоа е дека човекот е радикално лош. До сосема истиот заклучок дошол и Јосиф Бродски, кој исто така се формирал во споменатото општествено уредување и живеел во него додека не го протерале.

Поразителен заклучок, сосема во духот на антрополошкиот песимизам, на прв поглед изразува фатализам, но тоа е само привид. Зашто човекот не е радикално зол зашто е таков по својата суштина, туку зашто слободно избрал да ги пушти од синџир своите монструозни нагони. Ако го прифатиме сознанието дека човекот е радикално лош, односно способен за најстрашно зло, на тоа би можело нешто и да се изгради. Прифаќањето на таквата идеја, да речеме, може да биде прв чекор кон освестувањето на Србија, кон соочувањето со злосторите направени во наше име. Поблиску до вистината, поскромно и помалку опасно за верување е дека сме потенцијални злосторници, отколку дека сме небески ангели.

Во првиот случај, ќе изградиме општество засновано врз идејата дека треба другите да ги сочуваме од сопственото зло. Веројатно на тоа се базира и секој правен поредок. Инаку за што служат законите? Во спротивен случај, кога веруваме дека сме возвишени битија, надлуѓе, припадници на небесен народ – знаеме каде води тоа. Право во насилство, злостор, геноцид и фашизам. Тоа е една поука што сум ја извлекол од сеопштиот распад, единствен зрак на надеж во густата темнина. Можеби е добро што она момче исчезна без трага па не можам да му соопштам до какви сознанија сум дошол, до што ме доведе неговото мачно искуство. Колку што го познавам, на сето ова тој со презир ќе одмавнеше со глава и моите размислувања ќе ги прогласеше за лажна утеха на средовечен човек кој се обидува да направи пакт со светот. Ако не ме мами несигурното паметење, тој беше заколнат противник на каква било колаборација со намуртеното устројство на вселената.


Фотографии: Guillem Vidal

превод: Александра Бубевска

Циклусот текстови „Архипелаг Југославија - од 1991 до денес“ го објавуваме во соработка со Традуки

Слични содржини

Балкан / Книжевност / Историја
Балкан / Книжевност / Историја
Балкан / Историја
Општество / Балкан / Историја
Книжевност / Култура / Историја
Балкан / Книжевност / Историја

ОкоБоли главаВицФото