Изложба „Современи (не)демократии - Исчезнување на јавниот човек“

05.11.2021 13:16
Изложба „Современи (не)демократии - Исчезнување на јавниот човек“ пред Општина Центар

Изложбата „Современи (не)демократии - Исчезнување на јавниот човек“, која е базирана на истражување од Јана Брсакоска, Ивана Васева, Филип Јовановски, Кристијан Караџовски и Наум Трајановски ќе биде отворена на 6 ноември (сабота), од 12 часот, пред салата за седници на Oпштина Центар.

По изложбата, на истата локација ќе се одржи и јавната дебата АКТО Агора, со почеток од 13 часот, на која учествуваат: Бекир Адеми (архитект); Дивна Пенчиќ (професорка на Архитектонски факултет); Кочо Андоновски (активист, програмски директор на ЛГБТИ Центар за поддршка), Филип Стојановски (активист).

 Изложбата и дебатата се дел од програмата на 16. АКТО - Фестивал за современи уметности „Современи (не)демократии“, продуциран од организацијата „Факултет за работи што не се учат - ФР~У“ и поддржан од Фондацијата „Хајнрих Бол Штифтунг“, Гете – Институт Скопје, Министерство за култура на Република Северна Македонија, Град Скопје.
Дизајн: КОМА

Изложбата на постери насловена „Исчезнување на јавниот човек“ ги прикажува некои од позначајните резимеа на истражувачките процеси, и би требало да посочи зашто и како се случи намалувањето на јавниот простор преку еден конкретен случај – скопскиот плоштад, како најизразено и највидно место за дебата, но и од друга страна да ја поттикне аргументираната дебата да се врати на правото место. Стеснувањето на јавниот простор води до стеснување или намалување на изразувањето на јавното мислење, а со тоа и намалување на демократијата. Во таа насока, скопскиот плоштад е место на кое државниот, но и приватниот апарат е здружен за поголем или личен профит и каде што правото на говор е насилно одземено во секоја смисла (културолошка, идеолошка, политичка).

Ова истражување се одвиваше во текот на неколку месеци и опфаќа четири сегменти во временски период од осамостојувањето до денес. Процесот на денационализација и на приватизација на општествениот капитал и јавните ресурси кои водат и до намалување на обемот на јавното и на функцијата на јавниот човек, слободен артикулирано да говори, е во центарот на ова истражување. Овој процес во текот на 30 години, се истражува низ промената на главниот плоштад во Скопје нив повеќе призми: промената на архитектонско-урбанистичкиот изглед со фокус на одреден случај, а тоа е Стоковната куќа „Нама“, е тематска рамка на истражувањето на Јана Брсакоска. Наум Трајановски пишува за промената во локалната самоуправа и општествено-политички пејзаж со посебен фокус на мали изблици на солидарност на главниот плоштад. Ивана Васева прави селекција од уметнички практики кои сѐ уште ја ползуваат јавноста на плоштадот за да искажат теми важни за совремието, додека Филип Јовановски собира јавни мислења за историјатот на плоштадот. Сево ова беше засилено со мапирање на различни изблици на незадоволство и протест направено од Кристијан Караџовски.

Изложбата на постери ја пренесува итноста на пораките, од кои некои биле повеќепати повторувани. А, повикот на нивно повторно разгледување го дава и контекстот на нивно поставување.

ОкоБоли главаВицФото