Грешки и значења

05.11.2021 17:57
Грешки и значења

 

Во Афоризмите на Бодлер, има еден што гласи: „Мачката е еден сладок вампир“ („un vampire sucré“). Но, тоа е според читањето на Клод Пишоа. Бидејќи ракописот е недоволно јасен, другиот стручњак-бодлеролог, Жорж Блен, предлага читање: „un vampire sacré“ – „еден свет вампир“. „Мачката е еден сладок вампир“ или „Мачката е еден свет вампир“? Разликата е само во една буква, но од таа буква-раскрсница поаѓаат два пата што водат кон две сосема различни поетики.

Помеѓу песните на Кочо Рацин, напишани на македонски, но кои не влегле во Бели мугри, има една што носи наслов „До еден работник“. Објавена е 1936 година во загрепското списание „Књижевник“. Нејзината последна строфа (денес по малку наивна во својата директност, но тогаш сосема во духот на борбениот експресионизам од лева провениенција) гласи:

 

О, братко! Плукни на таков живот!

Со браќата твои, со маката ваша,

сонете го овој свет

и нов направете –

братски!

 

Александар Спасов, нашиот најзначаен рацинолог, ја преобјавува оваа песна во книгата Кочо Рацин – Стихови и проза (1954) со исправени печатни грешки. Во белешките на крајот од книгата, Спасов го прогласува за „најважна печатна грешка“ стихот „сонете го овој свет“ и го поправа во „сронете го овој свет“. „Сонете“ наспроти „сронете“! Две можни читања, но и два спротивни поетски става. Дали „објективниот случај“, толку драг на надреалистите, интервенирал, преку раката на графичкиот работник кој ги редел оловните букви, и ги измешал во тој миг толку жестоко спротивставените сфаќања? Да се урива еден свет, со насилен револуционерен гест или да се сони еден друг, подобар? Акција или сон?

 

Некаде во тие години српскиот поет Раде Драинац ја објавува својата песна „Интермецо“:

 

Ја кажем сан,

ви кажете слобода;

једно и друго је Тихи Океан

и пена иза пароброда.

 

Да, денес, осумдесет години потоа, сѐ е, навистина, само „пена зад паробродот“, барем што се однесува до политичките пораки.

 

Кога сме веќе кај грешките, се сеќавам дека во 1975 година, пред да ја пушти во печат мојата збирка песни Нуркачко ѕвоно, издавачот ми ги даде отпечатоците да ги прегледам уште еднаш. Тогаш книгите сѐ уште се „набираа“ рачно, така што точноста на текстот зависеше од вештината на слагачот, а можеби и од патиштата на неговите асоцијации при читањето. Забележав, во песната „Раскопување на улиците“, несовпаѓање со ракописот. Наместо:

 

Се бркаат низ раскопаната канализација на градот

лудите деца извалкани со нечистотија и глина.

 

Стоеше:

 

Се бркаат низ раскошната канализација на градот

лудите деца извалкани со нечистотија и глина.

 

Се двоумев малку, а потоа ја прифатив грешката како многу подобро решение. (април 2019)

Цртежи: Ethan Murrow

Извор за текстот: Viola arsenica, Белешки за поезијата; Готен, 2021.

ОкоБоли главаВицФото