Лулето (поглавје 30 од „Моби Дик или Китот“)

08.11.2021 12:21
Лулето (поглавје 30 од „Моби Дик или Китот“)

Откако си замина Стаб, Ахав постоја наведнат преку разма, а потоа, како што од неодамна му беше обичајот, повика морнар од стражата и го прати под палуба по филдиш-столчето и по лулето. Штом си го запали лулето од светилката на компасниот долап и си го стави столчето на приветрина, седна да си кади тутун.

Во старо скандинавско време, велат преданијата, престолите на морељубивите дански кралеви се правеле од нарвалски заби. И како тогаш да го гледаш Ахав седнат на тој филдиш-триножник, а да не ти заличи на царевноста збрана во тоа столче? Зашто кан на штиците, крал на морјата и велик господар на левијатаните беше Ахав.

Поседе така малку, а за тоа време густи облачиња чад му избиваа од уста брзо и рамномерно и везден му се враќаа в лице. „Како тоа“, најпосле прозборе сам со себе, „чадов веќе не ме теши? О, луле мое! Горко мене ако веќе не ми чудотвориш! Тука несвесно само теглила сум тргал, сум се мачел, без лезет; да, и цело време павкам спротиветер, спротиветер зазбивтан со тој чад и чинам, како на китот што мрее, последните млазови ми се најжестоки и најмачни. Што ќе ми е лулево? Оваа ствар створена за спокој, да крева благи бели магли во благи седи коси, а не во препукнати железно-сиви прамени како моиве. Не те пијам веќе…“

Го фрли горешкото луле в море. Џишна жарот во брановите и в час бродот брзна крај меурот од лулето што тонеше. Со обод над очи, Ахав тетераво чекореше по штиците.

Превод: Огнен Чемерски

Извор за текстот: Моби Дик или Китот (Полица, 2018)