Три години од бегството на Груевски…

10.11.2021 11:55
Три години од бегството на Груевски…

Би можело да се тврди – додуша, со комотниот бенефит на ретроспекцијата – дека падот од „тронот“ на праведноста, на надежта, а веројатно и од власта на СДСМ по 2016 година почна на денот по бегството на Груевски од државава, пред три години. Јавноста и денеска не ги знае одговорите за тоа како, кој и зошто му помогна на Груевски така срамно, но и вешто, со туѓа помош, да ја напушти државата по десетина години владеење со неа со употреба на сите нелегални и валкани средства и методи, па и со обид за насилен државен удар на крајот од таа национална, недемократска траума и срамота.

За сите тие настани голем број негови соработници отидоа или се на пат да одат на долгогодишни правосилни затворски робии, само тој се шета со старлети по будимпештанските приеми, алиментирајќи го својот кукавичлук со милиони наши украдени евра што, вака или онака, наоѓаат пат назад, до овдешната партиска и друга инфраструктура преку која се надева, еден ден, да се врати во земјата. Можеби и наскоро.

Неговата матична партија, со целото сегашно негово „второешалонско“ раководство во неа, никогаш не собра храброст јасно и гласно да се дистанцира од Груевски. Само како папагали повторуваат дека тој период за нив е „минато“. Па, минато е и времето на фашизмот, па нема повоен германски канцелар што не клекнал – до денеска! – по разни подови да се извини за злоделата на тој ужасен режим. Не, не, не е Груевски Хитлер, ама никој и не бара Мицкоски вчера/денеска да клекнува за извинување – доволно ќе беше јасно и „математички прецизно“ да го оквалификува режимот на неговиот покровител како недемократски и опресивен, барем со една третина од зборовите и квалификациите со кои секојдневно ја опсипува оваа власт којашто се обидува сега да ја урне. Како што, впрочем, клекнуваше на митинзи пред „народот“, ветувајќи му враќање на власт на партијата што тој ја предводи, по „милоста“ на Груевски.

Но, тоа е сега завршена работа. Мицкоски е во победнички налет, поддржан и од многу гласачи на локалните избори кои сметаат дека Груевски е навистина „минато“ за демократијата во Македонија. Проверката на исправноста на тој впечаток сите скапо ќе нѐ чини, но познато е дека надежта е силна, иако не многу паметна стратегија.

(Патем, со политичкиот азилантски статус во Унгарија, Груевски има легално право да гласа на локални избори – би бил будала да не го искористил тоа свое демократско право!)

Сега и Заев е на добар пат да стане „минато“, како и Груевски. Бидејќи, меѓу другото, Заев се согласи – заради комбинација на опортунизам, неспособност, притисок од „поважни“ теми и прашања, но и погрешни политички калкулации – работата со Груевски и неговото бегство да одбие да ја истера на чистина пред македонската јавност. Дозволи околу тоа да се плетат мистификации и шпекулации кои, потоа, најмногу нему и на неговото СДСМ им штетеа. Додека Заев ги решаваше големите проблеми наследени од Груевски, Груевски го решаваше Заев. Резултатот го гледаме.

Што правевме сите ние, многумина други, кои секој на свој начин и со своите можности – многу помалку од ризиците што ги презема Заев – придонесовме за падот на Груевски?

Фер е да се каже дека и повеќето од нас, на некој начин, се согласивме со „пристапот“ на Заев. Многу теми и проблеми беа – или се чинеа дека се – поважни од решавањето на околностите за бегството на Груевски. Како да „симнавме“ една тема од дневен ред, оставајќи ја да ја решаваме подоцна. Листата на изговори е подолга од листата на причини што требаше подобро да ги разбереме. Искрено, јас и денеска не ги разбирам, а често се правам дека би требало.

Ама, па, активно си премолчија и нашите мили сојузници, „странците“, што на целата афера ѝ даде дополнителна мистика и наша импресионираност, дека „има тука нешто“ поради што сите си „свиркаат“. Па, може ли некој како неранимајкото Груевски, макар и во гепек, непречено да помине преку ридови и долини, преку 3-4 меѓудржавни граници (еј!), а тоа да не биде со „меѓународна“ логистика?! Не може. Не ќе да е само Орбан, омилениот државник на опозицијата, кабаетлија.

Побрзо отколку пополека, барањата за оставки на одговорните набрзо се заборавија во конфузниот сматок од „легалистички“ причини за тоа кој и зошто не реагирал… Беше поважно на новата власт, наместо да ѝ фаќаме „кусур“, да ѝ се даде поддршка поради многубројните проблеми со кои се соочуваше, во една перманентна пата-пата политичка состојба во Собранието и во општеството, воопшто.

И така, по бегството на Груевски, едно по друго…

Се покажа дека Заев е цар за неопходни политички компромиси и крал за непотребни политички компромиси. Заслугите му се еднакво големи, без разлика што, сепак, првите подолго ќе останат запаметени во историјата. Во сегашноста, очигледно, е – обратно.

Во Обвинителството, истрагата за бегството на Груевски е сѐ уште отворена. Се чека тој да се врати во земјава – ако наскоро не се пресели во Истанбул, на пример – за лично да ја затвори. Овдешните магариња – и-ааа, и-ааа, и-ааа, ова е мојата магарешка ономатопеја – се на пат да пцовисаат до таа зелена трева.

Колажи: Свирачиња

Извор: civilmedia.mk