Диви синолички

10.11.2021 17:49
Диви синолички

МОМ(И)ЧЕТО ВО МЕНЕ

Бев таткото и кумот во игрите со другарките. Со кратка коса и без гради, на секое влегување во самопослуга, за касиерките бев момчето од соседството. Никој не можеше да ја види Алисон од „Гратчето Пејтон“ во мене, освен мајка ми. Таа ми велеше дека сум поубава и од неа. Имав среќа што нејзината замисла донекаде ја потенцираше вистината за мене. Вистината дека сум слабичко, малечко, незабележливо и неизмерно љубено дете. Ми купуваше баретки во боја, носев плетени чорапи до колена со пуфки, кратки сомотски капутчиња и панталончиња со шарени чевлиња. Првите очила ми беа со виолетова метална рамка. Ми беше срам да ги носам. Но, мајка ми ме убеди дека совршено ми стојат на кратката коса.

Се сеќавам на училишниот двор каде што секогаш кога беше убаво времето цртавме со учителот по ликовно или ги јадевме ужинките. Се сеќавам и на првиот бакнеж што го добив од зад грб. Рацете на мојот врсник ме стегнаа силно и грубо одзади и одеднаш сосема ново и непознато чувство ми прелета во стомакот. Таа дивa и несмасна прегратка од заседа ја отвори Пандорината кутија во моето срце. Прегратка што го истера момчето од мене и зачна троглава ламја.

ДИВИ СИНОЛИЧКИ

„Карминот“, велеше мајка ми, „е за на Поклади“. Никогаш не го ставав, освен за улогите на филм или в театар. Никаков реквизит за Поклади не можеше да се најде во мојата женска чантичка. Просто, оти никогаш не носев чантичка. Оти не бев женско. Не бев ниту машко. Бев дете што не го збираше во ничија чанта!

Не ставам кармин ниту сега, ниту, пак, мислам како да ги затегнам градите, да ја бојадисам косата, да ги напрчам усните како за Поклади или да го поткренам задникот. Детето одамна си замина од мене. Ова страшило што сум сега е, всушност, чувар на долината од диви синолички, скриена во мене.

КЛАНИЦА ОД ЗБОРОВИ

Ги одбирам зборовите како чевли во кои треба да се испешачи животот. Ги одбирам како цреши од пазар за моите деца. Ги цедам како капки сируп во лажиче за премалено бебе од температура. Ги редам како мониста за алка за невеста. Ги везам како тетка ми што ги везеше гоблените. Како баба ми што ги редеше облогите за да ми ги смали заушките. Како ревносно прваче буквите во тетратката за краснопис. Како лути пиперки што се нижат, за да се насладуваме на макалото во зима. Но, тој ред од зборови токмен и цифрен со срце, го газат и го черечат скриени идентитети, правејќи крвави војни од зборови. Нивните зборови не се избирани, нижени, редени или везени, туку отров. На крајот, сепак тоа се само зборови збрани во 140 карактери. Го познавам и јас тоа зло одблизу. Му го мирисам здивот секојдневно. Би можела и јас мојот отров да го зберам меѓу слогови, исто онака како што прават ликовите од Шекспир, и притаено да го капнам врз виртуелниот разбој. Но, решавам да не го сторам тоа.

Белешка за авторката

Синоличка (Ноли) Tрпкова е филмски, телевизиски и театарски актер. Долгогодишен професор е на Факултетот за драмски уметности по предметот Актерска игра пред камера и е автор на учебник на оваа тема, единствен на македонски јазик. Позната е и како колумнист, автор и водител на образовен телевизиски серијал; препознатлив глас „на совеста” на социјалните мрежи, каде што често го кажува јасно и прецизно она што другите го мислат. Затоа многумина мислат дека ја знаат. Во оваа хроника на интимата, наречена „Никогаш не кажувам“ нè води до нејзините скришни места и самата ни кажува која е, всушност.

Слики: Zoe Hawk
Извор за текстот: Синоличка Tрпкова - „Никогаш не кажувам“; Арс либрис, 2021 

ОкоБоли главаВицФото