Цугцванг

11.11.2021 12:51
Цугцванг

Цугцванг - (некаде со Ц, некаде со З, на германски изворно: zugzwang) ситуација на изнудени потези во шахот коишто неминовно водат во пораз, но мора да се одиграат.

Поразот во партијава што се игра се назира, но суштинскиот пораз се крие во прашањето: колку денови и години се изгубени во потези што не носат ништо добро за граѓанинот?

Елементарното отсуство на заедништво, на јасно дефинирање на државни цели и на искрена а не декларативна борба за нив, на обединување околу концепти и процеси што нема да зависат од партиските тепачки - е она што ја прави оваа држава посебно тажно место.

Секаде се нормални политички и меѓупартиски натпревари, и тоа е сосема нормално, тоа е и убавината на демократијата.

Но, кога тие се цел, а не средство, кога во нив или преку нив се газат суштински процеси и стратегии, а честопати и темелите на државата, тогаш добивате арена во која една квази битка на групациите ги има всушност киднапирано државните интереси.

Ова се гледа не само преку големите прашања на внатрешен или надворешен политички план, туку и преку состојбите во образованието, инфраструктурата, енергетиката, здравството... секаде каде се потребни капитални инвестиции што не се завршуваат во еден мандат, што не трпат бојкот и блокади и за кои треба не меѓупартиски, туку просто еден општествен договор за да се реализираат.

Ова е државниот пораз број еден за сите 30 години.
Надминување на оваа автодеструкција треба да е фокусот, макар требале следни 30.

Слики: Свирачиња