Ни треба порационален свет

12.11.2021 02:19
Ни треба порационален свет

На монитор сè изгледа глатко и функционално: нарачувате разни потрепштини од сите делови од светот, не сте осудени на локалните продавници, а сето тоа придонесува за впечатокот дека сте „светски човек“, менаџер на сопствените потреби кој решава сè со две скролања и три кликови. За неколку дена нарачаното уредно ќе се појави пред вашата врата, вие сте успешно интегрирани во ефикасниот глобален пазар и самото лизгање со прстите на тачскринот е непобитен доказ за супериорноста на капитализмот над сите останати облици на производство и дистрибуцијата на стоките. И тогаш се случува пандемија. И можеби сметате дека станува збор само за краткотрајно попречување во снабдувачките ланци кое ќе го отстранат внатрешните сили на пазарот. Но, не се работи само за вашата комоција и ставовите дефинирани преку неа: проблемите се многу подлабоки и многу ги измачуваат „вистинските“ менаџери.

Тие се засноваат на кревкоста на светската економија, заснована на just-in-time производството чии проблеми во Гардијан прецизно ги изложи Ким Муди, реномиран американски професор и историчар на трудот. Во педесеттите години од минатиот век концептот го воведе инженерот на Тојота, Таичи Оно. Тој забележал дека во производството доаѓа до „губење време“ и пари и складирање стоки и делови кои бараат дополнителен простор, дополнителна работна сила и цели секвенци „неискористени“ минути. Наместо складирање, Оно препорачал заштеда при доставувањето делови и стока точно во моментот кога се потребни. Таквата организација бара нови нивоа на прецизност, но донесува и значајна предност пред конкуренцијата заради елиминацијата на трошоците. Идејата на Оно, иницијално тесно поврзана со автоиндустријата, во осумдесеттите години почна да се шири речиси во сите сектори од економијата ширум светот. Сите почнаа да ја забележуваат пресудната предност на таквите облици на штедење.

Додуша, не баш сите. Први на удар беа работниците. Just-in time производството нужно подразбира речиси постојана достапност, што во превод значи дополнителен притисок врз работниците. Се укинува стабилното работно место и се воведува ангажирање по потреба, работните периоди се поинтензивни и постресни, преовладуваат краткорочни договори и неизвесни форми на труд. Заострената конкуренција - зашто сега сите работат така - доведува и до намалување на платите како речиси единствен механизам за создавање конкурентска предност. Сите тие промени мораа да ги следат и инфраструктурни исчекори кои не се предвидени како гаранции за отпорноста на системот, туку како олеснувачки механизми за брз транспорт: ширење автопатишта, пристаништа и слично. Но, елиминацијата на складиштата, односно, нивното претворање во снабдувачки центри со соодветна инфраструктура, се покажа како кобна во пандемската ситуација. Целата таа инфраструктура претставува привремен „мртов капитал“, а насушно потребните добра ги нема во складиштата.

Причина (една од можните) за застојот во снабдувачките ланци не се само пандемските околности. Сè поголема опасност претставуваат и учиноците на климатските промени кои во секој момент, без разлика дали на микро или макро ниво, можат да ги загрозат производството и доставата точно на време. Иронијата е во тоа што таквиот вид производство и достава првенствено се засноваат на фосилните горива чие согорување ги предизвикува климатските промени и ги изложува на дополнителни опасности. Невозможно е на индивидуално ниво да се отстапи од таквата енергетска зависност која ги поткопува самите темели на системот, зашто компаниите не можат да си дозволат поголеми трошоци од конкуренцијата. Но, тоа не важи само за енергетскиот аспект, туку укажува на ирационалноста на системот заснован на агрегација на одлуките на индивидуалните компании донесени исклучиво со профитен мотив.

Имено, самата логика на конкуренцијата ја прави ирационална одлуката за отпорност од перспектива на индивидуална компанија. Поконкретно, ја прави прескапа. Секако, компаниите се свесни за ризикот што со себе го носи just-in-time производството, но каков бил чекор во поинаква насока кој вклучува повеќе залихи, повеќе работници и повеќе добавувачи, би ги направил неконкурентни. Едноставно би морале да ги продаваат своите производи и услуги по повисоки цени и брзо би биле елиминирани од пазарот. Никој не сака да купува поскапи производи зашто е свесен за ризиците и на тој начин настојува и другите да ги поттикне на посигурни и поотпорни облици на работење. Накратко, се чини невозможно да се пронајде одржливо решение исклучиво на пазарни принципи. Логиката на конкуренцијата и профитниот мотив нужно ги лишуваат актерите од согледување на пошироката слика. Не затоа што се цинични и неодговорни туку тоа им е нерационално во деловна смисла. За постабилна и поотпорна економија мораме да земеме предвид некои други модели за рационалност кои вклучуваат демократија, план и отпорност, а за кои веќе со децении ни трубат дека се сосема ирационални. Прашањето е како ја мериме рационалноста.

Превод: Алек Кузмановски

Слики: Derek Paul Jack Boyle

Извор: https://www.bilten.org