На Крмени чардак (поглавје 36 од „Моби Дик или Китот“)

12.11.2021 16:49
На Крмени чардак  (поглавје 36 од „Моби Дик или Китот“)

 

(Влегува Ахав, по него влегуваат сите)

Не помина многу време од настанот со лулето и едно утро набргу по појадокот, Ахав, по обичај, се качи низ ходничето на палуба. Повеќето поморјански капетани обично тоа време шетаат таму, како господата на село кога по ручек си вртат низ градина некој круг.

Набргу му се слушна рамномерниот коскен чекор додека наваму-натаму си ја одеше старата прошетка, по штиците-познајнички на неговиот чекор што насекаде носеа рески со препознатливиот негов жиг, како геолошки карпи. Ако му се загледаш во бразденото и излузнето чело, и таму ќе видиш уште почудни траги, стапките на недреманата мисла што никогаш не му стои.

Но во овој час реските изгледаа подлабочки, токму како што со немирниот чекор оставаше подлабоки драски. И толку внесен в мисли беше Ахав, што на секое рамномерно вртење, еднаш кај главниот јарбол, другпат кај компасниот долап, чиниш гледаш и мислата како му се врти, му гази како он што гази, толку го обзема, како секој надворешен двиг да му е отпечаток од внатрешниот калап.

„Го гледаш ли, Фласк?“ прошепоте Стаб, „пилето во него заколвало по јајцето. Ќе се испили, кај и да е“.

Минуваа часови, Ахав ту се затворил во одаја, ту шета по палуба, со везден иста умствена восредиштеност во ликот.

Веќе при крај беше денот. Наеднаш застана крај разма и ја стави филдиш-ногата таму во усврдлената дупка и со една рака фатен за една припона му нареди на Старбак да му ги прати сите на крма.

„Господине!“ рече помошникот, вчуден од наредбата што на брод не се изрекува никогаш или се дава само ретко, само во некој вонреден случај.

„Прати ми ги сите на крма, збор“, повтори Ахав. „Охој, вие на вигли! Долу!“

Кога сета бродска посада се збра и сите го гледаа со љубопитни и подзагрижени лица, зашто во ликот беше ко ширта пред сметење кога на неа се мрачи луња, Ахав неколку пати погледна преку разма и најпосле ги устреми очите меѓу морнарите и тргна од подножјето свое, па како крај него да нема жива душа го зачекори пак тешкиот од наваму-натаму по палубата. Со сведната глава и подналегната капа продолжи да гази, немарен за зачудениот шепот на луѓето, па Стаб му шепна на Фласк дека Ахав сигурно ги свикал таму да посведочат невиден пешачки подвиг. Но не потраја ни тоа долго. Наеднаш ко штрекнат застана и одеднаш згрме:

„Луѓе, што чините ако здогледате кит?“

„Викаме!“ заорија дваесетина едногласни грла.

„Така!“ викна Ахав, со призвук на диво одобрение, а погледот му мери колку здушно ко магнет ги живнал со ненадејниот крик.

„А што потоа, луѓе мои?“

„Спуштаме кајци и право по китот!“

„А со која песна веслате, луѓе?“

„За китот смрт ил’ скршен срт!“

Со секој вик на старион му навираа в лице сè почудни и поизгорни радост и бодрина, а морнарите почнаа љубопитно да се загледуваат еден во друг, како да се чудат што и нив толку ги возбудил навидум олку прост распит.

 

 

Но набргу сите одново се целите ревност, дури Ахав, сега вртејќи се вденат в дупкана што му е оска, со едната рака високо и цврсто фатен за онаа спона, чиниш в грч ја стега и вака на морнарите им вели:

„Сите вие што на јарбол сте биле стража сте ми чуле заповед за еден бел кит. Гледај ваму, народе! Ја гледате ли шпанскава унција злато?“ И кон сонцето крева голем сјаен златник: „Луѓе, златник е тоа од шеснаесет долари; Шпанец – дубла, луѓе! Гледате? Господине Старбак, дајте го дрвенион чекан“.

Додека помошникот го земаше чеканот, Ахав немо и бавно го триеше златникот од скутите на капутот, небаре посјајно ќе го ласне и без збор тивко си мрмореше нешто толку придушено и неразбирливо, што звучеше како тоа однатре да му брмчат колцата во механичкиот склоп на внатрешниот живот.

А откако го зеде чеканот од Старбак, он тргна кон главниот јарбол со чеканот кренат во едната извишена рака, а во другата високо го држеше алтанот на видело и од грло уште повисоко крена глас: „Тој што ќе ми јави за белоглав кит со збрчкано чело и со крива челуст, тој што ќе ми јави за таа белоглава велриба со три дупки продупчени во десната опашна перка, гледајте добро, тој што ќе ми ја јави баш таа велриба, ете, негов, јунаци мои, ќе биде тешкиов златник!“

„Ура! Ура!“ повикаа морјаните поздравувајќи го со развеани катранисани кабаници ковањето на златникот во јарболот.

„Бел кит, ви велам“, продолжи Ахав кога го фрли токмакот, „бел кит. Отворете очи, луѓе; отворете четири очи и барајте бело море; макар и меур ви се видел, луѓе, викајте громко“.

 

 

А цело време Таштиго, Дагу и Квиквег гледаа пољубопитно и повчудено од сите други, а на зборот за збрчканото чело и кривата челуст се сепнаа, небаре сите згодени од свој спомен.

„Капетане Ахав“, рече Таштиго, „белиот кит сигурно е тој што го викаат Моби Дик“.

„Моби Дик?“ кликна Ахав. „па ти си го знаел белиот кит, Таштиго?“

„Го мавта, господнику, опашот малку чудно баш пред да нурне?“ смислено праша харпунџијата од Геј Хед.

„И млазот да не му е малку чуден“, рече Дагу, „густ ко џбун, дури и за пармацет густ и баеги снажен, капидане Ахав?“

„А и имеј ен, два, три – о, ногу желза в негу збити, позгодине капидан”, свика Квиквег испрекинато, „цели г’жви зг’жвани, ко тој....тој...“ – се мачи збор да најде и раката ја врти и врти како да сврдли в тапа, „...ко тој....тој...“

„Сврдла!“ ревна Ахав, „ја, Квиквег, харпуните во него целите се усукани и превиткани; ја, Дагу, голем му е млазот, ко снопја сено и бел е ко куп наша родна нантакетска волна по голема годишна стрижба; ја, Таштиго, го павта опашот ко да е расцепено пречно едро на луња. Триста ветрила и врази! Луѓе, Моби Дик сте го виделе... Моби Дик... Моби Дик!“

„Капетане Ахав“, го ослови Старбак, кој, заедно со Стаб и Фласк, дотогаш чудум зачуден само го гледаше својот заповедник, но кого најпосле како да го потфати мисла што некако му го разјасни целово чудо. „Капетане Ахав, сум чул и јас за Моби Дик, ама не е баш Моби Дик тој што ви откорнал нога?“

 

 

„Кој ти рече?“ свика Ахав, па молкна малку и потоа прозборе: „Ја, Старбак; да, јунаци мои, Моби Дик ми разби јарболи; Моби Дик ме срази до безживотниов чкор на кој стојам тука пред вас. Ја, ја“, стравотно рикна громко животинско ридание, ко северен елен што рика со пронижано срце; „ја, ја! Ме рани, проклет бил, тој е белиот душман-кит што ме осакати и ме стави на патерица да бидам алипен бедник сега и во вечни векови!“ А тогаш, кревајќи ги обете раце со безмерно хулна клетва, крикна: „Тој е и ќе го гонам отаде Добрата Надеж и отаде Хорн и околу маелстромскиот вител кај Норвешка и отаде пламните во вечна ќе го гонам пред да се откажам од тој лов. Ете во што сте се заморнариле, соколи! Загари да бидете по белиот кит од обете земјини страни и околу сите копна дур не гргне црн вруток млазови крв и дур не преврти перки. Што велите, соколи мои! Ќе сплетете ли сега раце в јуначки стисок? Мене ми се гледате смели“.

„Да, да!“ викаа харпунџиите и морнарите, пријдени поблизу до разгорениот старец: „Остро око соколово за белиот кит, остро копје за Моби Дик!“

„Фала ви, луѓе“, викна ко низ липтеж, „Бог да ве благослови, луѓе. Домаќине! Наточи штедра мера грог. А што сте ми виснале муцка, господине Старбак; вие нема ли да го гоните белиот кит? Не сте делија за мегдан со Моби Дик“.

„Делија сум за мегдан и со таа негова крива челуст, па и со челуста на смртта ако затреба, капетане Ахав, но ако ги сретнам во работата по која сме пошле; ама стапив тука да гонам китови, а не одмаздата на својот капетан. Колку буриња ќе ви згрне одмаздителството дури и да се одмаздите, капетане Ахав? Нема многу да ви спечали на натакетскиот пазар.“

„Нантакетскиот пазар! Дрн! Но, пријдете поблиску ваму, Старбак. Да ви делам малку подлабочка поука, Старбак. Ако се мери со пари, соколе, и ако благајниците го земат и целиов свет да им биде огромна ризница, земјинава топка наша ако ја претворат во ризница, ако и на неа ко на својата маса постелат сè грош до грош, и тогаш ќе ви речам дека пак одмаздата ќе ми згрне најголем печал еве тука.“

„Глеј, се бие по гради“, шепна Стаб, „зошто? Чуј како ечи ко дервен, но празно“.

„Одмазда кон безумен створ“, викна Стаб, „што само од слеп нагон ве сразил! Безумие! Пизма и гнев кон створ без ум, капетане Ахав, е богохулие“.

 

 

„Пак послушајте сега – нова подлабочка ука. Сите видими ствари, човече, се картонски маски. Но секогаш во живиот чин, во неспорното дело, таму, некое незнајно, но сепак разумно нешто го укажува калапот на својот лик што стои зад безизразната маска. Ако човек удира, тупаницата мора низ маската да ја свали! Како ќе се добере затвореникот надвор од занданот ако не провали низ ѕидот? Мене белиот кит ми е тој ѕид, ставен ми е близу. Понекогаш мислам дека зад него нема ништо. Но и таков ми е доста. Ме тишти, ме души, во него гледам некажлива сила, сета прожилена со неспознајно таемно зло. Токму таа неспознајна таемност најмногу ја мразам, и бил белиот кит нејзин намесник или нејзин првовластник, сеедно, сиот свој омраз врз него ќе го свалам. Немој мене да ми словиш за хулност, човече! И сонцето ќе го треснам ако ме оскорби. Зашто ако сонцето може да скорби, тогаш јас можам да бијам, бидејќи сепак на светов постои некаква честита игра и секоја творба љубоморно бара справедливост спроти неа. Но ни таа не господари со мене, човече. Кој е над мене, речи? Вистината нема стеги. Не зјапај! Искри од изѕверени вражји очи се поистрпиви од глупаво зјапнат поглед! Ете, ете, си се вцрвил, па бледееш, жештината моја ти усвитила бесен жар. Но знај, Старбаче мој, зборот речен во горешт оган самиот се одречува. Има луѓе чија топла реч е мала навреда. Не сакав да те пламнам. Пушти. Глеј! Види му ги абраш-образите на мркион Турчин – живи дишевни слики сонцем живописани. Паганските леопарди – безгрижните створови што не молат бога си живеат и ниту бараат ниту кажуваат причини за изгорниот живот што го чувствуваат! Морнарите, човек, морнарите! Зар не се сите тие до еден со Ахав во подвигов по китот? Погледни го Стаб! Се смее! Глеј го Чилеанецон! Мува не го лази! Нема, Старбак, фидане мој, да се доисчуваш исправен кога сеопштиот трештав оркан нивен ќе те шиба ко вејка! А што всушност треба? Само помисли. Само да помогнеш да преврти перки: чудо големо за Старбак! Нема, белким, најарното нантакетско копје да зазира од никаквиов лов кога сите обични морнари зграбиле точила да наострат сулици? Аха! Стискаш во себе, те познав! Валот те подвалува и те крева! Збори, ајде збори! – Така значи, ја! Тогаш молкот твој, тој место тебе збори.  (Настрана)  Нешто брзгна од отворениве ноздри, а тој го вдиша в гради. Мој е сега Старбак, не може сега против мене, а тоа да не биде буна.“

 

 

„Чувај ме Боже! Боже, чувај нè сите!“ тивко промрморе Старбак. Но израдуван од штамната покора на маѓосаниот помошник, Ахав не го слушна тој прокобен призив, а ни тивката смеа од кледот под палуби, не слушна ни дека ветрот претсказно потпрвнува во опутата, ниту дека едрата празни папсано запавтаа по јарболја, како и ним за миг да им се стегнале срца. Но, во Старбаковиот сведнат поглед пак угреа жилавоста на животот, стивна смеата од утробата на коработ, одново повеа ветрот, се надуја едрата, подрипна бродот и заплови ко пред тоа. О, предупреди и укори! Зошто не поседите кога ќе дојдете? Но повеќе сте претскази отколку предупреди, сенки едни! А не сте ни толку претскази што идат однадвор колку што сте потврди на внатре предрешеното. Зашто, кога нема што многу однадвор да нè стега, нас нè движат највнатрешните нужди на сопствената бит, они нè водат.

„Мерата! Мерата!“ викна Ахав.

Штом го доби преполниот калаен ѓум, им се сврти на харпунџиите и им нареди да го извадат оружјето. Потоа ги построи пред себе близу до витлото, со харпуни в раце, дур отстрана со копја в раце му стоеја тројцата помошници, а останатата бродска посада направи круг околу нив. Постоја некој миг гледајќи ко иследник во секој човек. Но нивните диви очи му сретнуваа поглед ко што вкрвените очи на прериските волци го среќаваат погледот на својот водач пред да се устрели на чело од глутницата по бизонските траги, но само за да се фати несреќникот во индијанската замка.

„Пиј и подај!“ викна, давајќи му ја тешката и преполна калајна врчва на најблискиот морнар. „Само морнарите нека пијат сега. Подај, подај! Тргнете кратко, луѓе, а голтајте бавно. Оган гори, гром лути. Така, така, добро врти. Сврдли во вас, ви се чатали зад очи, од очите змија ви апе. Добро е, скоро до капка. Натаму појде, веќе наваму иде. Дај ваму.... види празно! Луѓе, како години сте; вака тие го голтаат полниот живот и потоа аш! Домаќине, точи!

 

 

„Глејте сега, јунаци. Ве построив сите околу витлово тука; и вие, старешини, прибочете тука со копјата, a вие, харпунџии, стојте таму со железата, а вие, морнаришта силни, окружете ме и некако ќе ви го оживеам благородниот обичај на рибарските ми праотци. О луѓе, допрва ќе видите... Аха, дете, веќе се врати? Вратен е овој побргу од лажен грош. Дај ми го. Што стори? Ѓумов пак ќе беше полн до горе да не беше ти, злино, злодухот кому и свети Вид му баел; бегај, болештино!“

„Помошници, истапете напред! Вкрстете копја пред мене. Така! Дајте ми го спојот в рака.“ И на тој збор, пружи рака и ги грабна трите копја токму кај што се вкрстуваа ко зраци и наеднаш жестоко ги стресе, и помно ги гледа и со поглед ги опстрела ту Старбак ту Стаб, па од Стаб очите врз Фласк ги стреми. Како со некој безимен внатрешен порив да сака и нив да ги опструи и да ги наполни со истиот набој пламено чувство што за живота го изнасобрал во лејденското шише на својата магнетна душа. Се стресоа тројцата помошници од Ахавовиот силен, стамен и велможен лик; Стаб и Фласк го свртија погледот настрана, Старбак си сведна чесни очи.

„Залудно!“ крикна Ахав; „но може и вака е добро. Зашто барем по еднаш тројцата да сте го примиле најсилниот удар, тогаш мојот електричен полнеж, можеби тој ќе издишеше од мене. А може и наместо ќе ве оставеше мртви. Можеби не ви ни треба. Спуштете копја! А сега, старешини мои, ве именувам тројцата за пехарници на тројцана мои пагански браќа, на тројцана велечестиви господа и благородници, на моине јуначни харпун-делии! Тоа презир ли ви гледам? Зошто, кога и папата им мие нозе на питачи и за стомна ја користи тиjарата, својата тројна круна? О, драги мои кардинали! Умилосрдивоста ваша, ете што ќе ве натера. Не ви заповедам, самите ќе поволите. Харпунџии, отсечете ги стегачите, вадете дрвата!“

Тројцата харпунџии безгласно послушаа заповед и сега стоеја пред Ахав и в раце ги држеа железните вршки, извадени од харпуните, секоја по околу пет педи, сите испружени, со куките нагоре.

„Да не ме прободете со тој остар челик! Превртете ги, надолу! Не знаете ли кај му е на пехарот дното? Чашката од тулецот ставете ја нагоре! Така, така; сега, пехарници мои, напред. Железата! Земете ги, држ’те ги да точам!“ Бавно одејќи од еден старешина до друг, ги наполни до горе харпунските чашки со огнените води од ѓумот.

Ете, стоите тројца на тројца. Предајте ги смртоносните потири! Подајте им ги, вие што сега стапувате во нераздружниов сојуз. Ха! Старбак, се сврши! Ене и сонцено ко потврдник чека да заемчи со својот жиг. Пијте, харпунџии мои! Пијте и заколнете се, заречете се вие што стоите на смртоносното чело од китобијниот кајк: смрт за Моби Дик! Бог да нè гони сите ако не го догониме Моби Дик в смрт!“ Ги кренаа долгите кукести челични потири и среде викот и клетви по белиот кит истовремено ги голтнаа шпиритите и зашиштеа. Старбак пребледе, се згрчи и се стресе. И уште еднаш, за крај, дополнетата врчва искружи низ опчараната толпа, а кога Ахав им одмавна со слободната рака, сите се растурија на своја страна; а Ахав се повлече долу в одаја.

 

 

Фотографиите се од филмот Moby Dick (1956); режија: John Huston; главна улога: Gregory Peck

Превод: Огнен Чемерски

Извор за текстот: Моби Дик или Китот (Полица, 2018)