1019 hPa
71 %
10 °C
Скопје - Сре, 22.01.2025 13:59
Истражувањето кое покажа дека зголемувањето на минималната плата не ја намалува вработеноста, деновиве стекна нова популарност за неговиот автор Дејвид Кард, кој за тоа доби „Нобелова“ награда. Малку помалку слава доби неговото второ најпознато истражување за влијанието на имиграцијата на вработеноста и платите на „домашното“ население. Во тоа истражување, Кард исто така го примени методот на таканаречен природен експеримент за да одговори на прашањето како масовната имиграција од сиромашните држави влијае на платите на домашното население во развиените држави.
Помеѓу април и октомври 1980 година, околу 125 000 луѓе емигрирале од Куба на Мајами, заради што бројноста на работната сила во Мајами се зголемила за околу 7 проценти. Во тој настан Кард видел прилика да спроведе природен експеримент, односно да го процени влијанието на масовната имиграција на вработеноста и платите на домашното население како да се работи за лабораториски експеримент, благодарение на тоа што тој имиграциски бран бил неочекуван и не бил поврзан со платите и вработеноста во Мајами. Природните експерименти се ретки зашто главно не е можно да се одредат причината и последицата на толку јасен начин. Заради истата причина е важно и истражувањето на Кард за влијанието на зголемувањето на минималната плата во однос на вработеноста, зашто Кард го фатил моментот во кој двете локации кои ги споредувал не се разликувале по ништо освен по одлуката една од нив да го зголеми износот на миминалната плата. Во други околности, слично истражување, кое би ги темелело заклучоците за поврзаноста на износот на минималната плата и вработеноста само на споредбата на стапката на вработеност на двата градови, би мешало круши и јаболки зашто би занемарило цела низа економски и политички фактори кои влијаат на нивото на вработеноста.
Кард со методот „разлика во разликите“ ја споредил разликата помеѓу вработеноста и висината на платите во Мајами пред и по настанот со разликата во висината на платите во некои градови од САД во исти временски точки, а во кои не се зголемил бројот на имигрантите - овие градови во експериментот претставувале контролна група. На тој начин Кард можел да го одреди каузалниот ефект од масовната имиграција на нискоквалификуваните работници и работнички на локалниот пазар на трудот. Експериментот на Кард покажал дека немало значајно влијание на вработеноста и платите на домашното население во Мајами - секако, немало ни влијание дури ни на вработеноста и платите на нискоквалификуваните „домашни“ работници и работнички.
Една од дополнително развиените теории го објаснува заклучокот на Кард со тоа што имигрантските и домашните работници се „специјализирале“ за различни видови работни места, односно имигрантските работници од Куба ги преземале физичките и најниско платените работи. Секако, ова истражување не го објаснува влијанието на секој имиграциски бран, па така постојат и истражувања кои покажуваат дека приливот на имигранти навистина може да доведе до намалување на вработеноста кај домашното нискоквалификувано население - иако бројките се многу помалку од драматични од очекуваното. Но за смислена дискусија во врска со имиграцијата и вработеноста би требало да се преиспита и самата идеја дека исклучиво бројноста на работната сила го одредува нивото на вработеноста, како и проектирањето истражувања со кои само се проверува во која мера имигрантите претставуваат закана за домашното население. Меѓутоа, важноста на истражувањето на Кард е во тоа што тоа, исто како и она за зголемувањето на минималната плата, тоа покажа дека здраворазумските економски „вистини“ често се темелат на мит.
Превод: Алек Кузмановски
Слики: Saman Oskoueи, Sasan Oskouei
Извор: https://www.bilten.org/